Деструкцијата на вистината преку претворање на црното во бело
Објавено во Рецензии
on 28 - 06 - 2015 Автор: Љубомир Костовски
[Рецензија: Стејт Департментот ги посочи слабостите, Владата најави решавање со планот реформи потребни за интеграцијата во ЕУ]
Еден од поновите феномени на македонското новинарство е споменувањето на настан или документ, ама со негова брза транзиција во друга сфера, со што комплетно ќе се спречи суштинското осветлување на настанот (објавување документ или акт), а, по можност, дури ќе се впрегне во одредена пропагандна шема. При тоа, не е битно што таквата работа изгледа неостварливо или, да речеме, е целосно спротивна на основни принципи на информирањето.
Еден таков настан е објавувањето на извештајот на Стејт департментот во областа на човековите прва во светот. Прилогот кој го рецензираме, убаво видливо и од видеосеквенцата, од тој документ го има само насловот, содржината на истиот, пред сè, во однос на Македонија (која е исклучително негативна) ја нема, ама затоа постојат неколку форми на релативизирање на тој документ, па на крајот може да се сфати дека документот е во прилог на владините политики! Што е, пак, сосема спротивнo на содржината на iзвештајот?!
Линк до оригиналниот напис: Стејт Департментот ги посочи слабостите, Владата најави решавање со планот реформи потребни за интеграцијата во ЕУ
Датум на објавување: 26.06.2015 17:35
Датум на рецензирање: 28.06.2015
Рецензент: Љубомир Костовски
„Од Владата на Република Македонија велат дека го прифаќаат овој извештај кој доаѓа од нашиот стратешки партнер. Додаваат дека препораките од него ќе ги вклопат во реформите за Европска интеграција на Македонија.
И покрај тоа што дел од опозициските медиуми прикажаа дека овој извештеј има негативен наратив за Македонија, анализата на извештаите за другите европски и балкански држави, покажува дека и тие се соочуваат со слични проблеми како и нас.“
Негативните аспекти на заштитата на човековите права во ТВ-извештајот се сведени на забелешки на опозицијата (!), а ставот на Владата е кооперативен, како што гледаме, па од него не излегува никаков проблем.
Прилогот трае три минути. Што прави авторот? Во првата минута се занимава со говорот на промоторот на извештајот, државниот секретар Кери, каде го зема исечокот од говорот каде тој е самокритичен (!). Така, се цитираат зборовите „Пристапуваме кон ова со голема самосвест. Исто така разбираме дека човековите права се проблем во секоја земја, вклучувајќи ја и САД, и кај нас има простор за подобрувања. Патот до глобалното почитување, секогаш почнува од дома….“. Во втората минута оди изјава на потпаролот на Владата на РМ, Александар Ѓорѓиев, кој мирно соопштува дека извештајот „ги погодил“ токму кога го готват документот за нашето забрзување на приемот во ЕУ, т.н. Реформи за европска интеграција, па ќе им дал додатна инспирација. Се разбира, одново без никакво набројување на слабостите во земјава, со исклучок на полуреченицата за опозиционите медиуми „кодошлии“. И, конечно, во третата минута, нашироко се говори за слабостите што се забележани во извештајот за европските земји. Па, се споменуваат Германија, Полска, Чешка… земјите од регионот, со што нашата позиција станува неважна, та дури ние, во свеста на гледачот, „котираме“ и повисоко од наброените земји или сме барабар со нив во заштита на човековите права.
Така, провладините медиуми најдоа начин да не влегуваат во спорење со одредени неповолни извештаи или да ги игнорираат – тие влегоа во наредна фаза на деструкцијата на вистината, а тоа е претворање на црното во бело.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
точни наводи
веродостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
релевантни
2 извори
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
Написот оди по маргините и не ја прикажува вистината во глобала
извртување на вистина (спин)
Има замена на суштинските со периферни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
нема коментаторски елементи
издвоено од фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
наведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
несензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
Се работи за ТВ прилог
соодветна
манипулира
наведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
квалитетни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови