verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Игор Трајковски, Time.mk: Размислуваме да го преполовиме бројот на страниците што ги агрегираме

on 29 - 06 - 2015       
483444_10151205491761129_243276900_n
Д-р Игор Трајковски, основач и директор на Time.mk. Фото: Мартин Ивановски

 

За некоја веб-страницата да биде агрегирана на „Тајм.мк“, таа треба активно да работи минимум три месеци. Во моментот на аплицирање треба да достави извештаи од „Гугл аналитикс“ (Google Analytics ) за последните три месеци, а во последниот месец веб-страницата треба да има минимум 100.000 посети или во просек 3.000 посети дневно.

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

„Тајм.мк“ (Time.mk) почна со работа на 1 јули 2008 година, а од 2010 година се наоѓа меѓу трите најпосетувани страници во земјава. Тој е првиот и најпосетуваниот агрегатор на вести од македонските информативни портали. Ако на почетокот од работењето, целта беше да се агрегираат што повеќе од нив, сега, кога ги има во голем број, донесувањето одлуки што да се агрегира, а што не, станува предизвик. Тоа го постави „Тајм.мк“ во улога на арбитер на информативниот простор, од кој многу зависи успехот или неуспехот на информативните портали и тоа на самиот почеток од нивното постоење. Токму за ова, но и за редица други прашања разговараме со неговиот основач и сопственик, д-р Игор Трајковски.

 

Во Македонија има многу веб-страници, a некои од нив се блогови кои само личат на информативни портали. „Тајм.мк“, на некој начин, се најде како арбитер на новинарскиот пазар, со тоа што одлучува кој портал ќе го пренесе на агрегаторот. Што мислите за оваа ваша улога?

Трајковски: Да, за една веб-страница да се индексира на „Тајм.мк“ потребно е да задоволува неколку генерални услови, кои јавно се познати и се поставени на нашата страница. Условите важат еднакво за сите страници. Се разбира, секогаш се појавуваат страници кои, иако ќе ги задоволат условите, прават други нерегуларности, но тие ги решаваме поединечно и им сугерираме на страниците што да променат доколку сакаат да ги вклучиме.

 

Кога сме кај блоговите, дали планирате да агрегирате и блогови?

Трајковски: Доколку еден блог ги задоволи условите за агрегирање, може да го додадеме.

 

Дали, сепак, има потреба од толку веб-страници во Македонија, со оглед на малиот пазар?

Трајковски: Мислам дека има премногу. Дури и размислуваме да воведеме построги услови за агрегирање за да го намалиме бројот на страници што ги агрегираме, од околу 160 на половина, околу 80.

 

На почетокот ги прифаќавте речиси сите интернет-медиуми. Каква е политиката денеска на Вашиот агрегатор и условите што треба да ги исполнат одредени медиуми за да бидат агрегирани? Кои се критеруимите и дали тие се јавни и еднакви за сите?

Трајковски: За некоја веб-страницата да биде агрегирана на „Тајм.мк“, таа треба активно да работи минимум три месеци. Во моментот на аплицирање треба да достави извештаи од „Гугл аналитикс“ (Google Analytics) за последните три месеци, а во последниот месец веб-страницата треба да има минимум 100.000 посети или, во просек, 3.000 посети дневно. Исто така, треба да објавуваат минимум 30 статии месечно, мора да достават одделни РСС-канали за сите категории и поткатегории (доколку ги има), при што во секој канал да нема повеќе од 100 вести.

 

Дали со зголемувањето на порталите што ги прифаќате имате проблем, со оглед на сè позачестената пропаганда во новинарските текстови?

Трајковски: Имаме минимални проблеми. Поголем број од проблемите ги решава софтверот по кој работи „Тајм.мк“. Софтверот не може да одреди што е пропаганда, што не е. Но, сепак, со некои основни техники, може да се потиснат соопштенија кои се појавиле како копии од буква до буква на голем број портали.

 

Дали успеавте со идејата за агрегатори на други јазици претежно од Балканот. Како оди соработката и дали имате планови на ова поле?

Трајковски: Најголем успех имаме во Албанија, Словенија и во Србија, според посетеност на агрегаторите. Во другите земји немаме некој значителен успех. Сепак, агрегаторите се корисни затоа што нашите читатели се информирани и за топ-теми од соседството.

 

Како ги третирате и дали ги агрегирате порталите кои повеќе се блогови, со еден човек во нив. („Доказ“, „Народен глас“, „Мактел“, „Инфомакс“, „Паника.бе“…). Дали имате став за овие веб-производи што се однесува до агрегирање?

Трајковски: Ниеден од овие портали не се агрегира на „Тајм.мк“ освен „Паника.бе“ (Panika.be), кој претежно објавува комични содржини и паравести. Бројот на вработени или активни луѓе во порталот не одлучува ништо. Нас нè интересира колку статии објавуваат, на која тема и колкава им е посетеноста.

 

Воведовте рубрика „Настани“. Се чини дека слабо се разви. Која е причината за тоа?

Трајковски: Точно, некако не заживеа како што планиравме. Можни се повеќе причини, една е дека не сме ја направиле веб-страницата како што треба, друга е дека, сепак, Македонците не користат веб-страници за да одлучат каде ќе одат некоја вечер, туку одат на фиксни места или таму каде што им се пријателите и трета причина е дека доволен е „Фејсбук“ за промовирање одреден настан.

 

Дали планирате експанзија на социјалните мрежи и која е причината што досега ве нема или ве има малку?

Трајковски: Најголема причина е тоа што сме агрегатор и немаме класични објави како другите веб-страници. Кај нас еквивалент на една објава (статија) е една тема (кластер) од вести. Такви има многу, илјадници теми, и тешко е автоматски да се одреди која од тие теми да се објави на социјалните мрежи и во кој момент за да нема повторување. Најдобро би се решило да се ангажира човек кој ќе го прави тоа, но тогаш би се изгубила објективноста, а тоа е нешто што не го сакаме.

 

Планирате ли некои новини, воведување видеовести? Кои се Вашите идни планови?

Трајковски: Конкретно за видеовести, не планираме. Работиме да се подобриме во тоа што досега сметаме дека најдобро го правиме и посакуваме тоа да остане така. А, тоа е веб-страницата да биде што покомплетна (да ги содржи сите вести од медиумите што ги агрегира), да е релевантна (да пронаоѓа интересни теми), да е прецизна (точно да ги класифицира вестите по категории и по теми) и да е брза. Многу брза.

 

 

577194_10150732215596129_936589041_n-cropД-р Игор Трајковски дипломирал на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, на Институтот за информатика во 2001 година со висока просечна оценка (9,53). Во 2003 година се запишува на магистерски студии на универзитетот во Сарланд, Германија, и во октомври 2004 година стекнува титулата магистер на науки во областа компјутерски науки. Своите студии и научно-истражувачка работа ги продолжува на Институтот „Јожеф Штефан“ во Љубљана, Словенија, во одделот за технологии на знаење, односно на Меѓународната постдипломска школа при истата институција, каде на 14 декември 2007 година успешно одбранува докторска теза и стекнува академската титула доктор на науки.
Учесник е на повеќе национални и меѓународни натпревари и олимпијади по програмирање со пласман на светското студентско финале (World final ACM programming contest, Orlando, USA, 2000) и освоени медали (Bronze medal, Balkan Olympiad in Informatics, Cyprus, 1996). Добитник е на стипендии за студии, за талентирани студенти, како и награда за најдобар студент на Институтот за информатика, ПМФ-Скопје.
Научно-истражувачката работа на д-р Игор Трајковски е во областите на машинско учење, биоинформатика, анализа на генетски податоци, паралелни алгоритми, пребарување информации и статистичка обработка на природни јазици. Неговата докторска теза, како и магистерската, е од областа на биоинформатика, а резултатите му се објавени во повеќе научни трудови објавени на значајни меѓународни конференции и во научни списанија.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).