Информација има, новинарство нема
Објавено во Рецензии
on 20 - 06 - 2015 Автор: Ана Анастасовска
[Рецензија: Вработена во позната скопска слаткарница претепа дете пред сите гости]
Во написов, кој е предмет на рецензија, информација има, но нема новинарство. Изворот на информацијата е статус објавен на фејсбук, но работата на новинарот сопрела тука.
Линкуван наслов на анализираниот напис: Вработена во позната скопска слаткарница претепа дете пред сите гости
Датум и време на објавување: 18.06.2015
Датум на рецензирање: 19.06.2015
Рецензент: Ана Анастасовска
Написот имa бомбастичен наслов и исто таков влез.
„Вработена во позната скопска слаткарница претепа 6 годишно дете пред сите гости.“
И толку е веста. Подолу е пренесена слика од фејсбук-статус на некоја мајка објавен во групата „Женски домаќински муабети“. Од напишаното се разбира дека мајката била сведок на немил настан, во кој вработена во скопската слаткарница „Шехерезада“ во Градскиот трговски центар, претепала шестгодишно детенце, бидејќи просело. Сведоци на настанот, според напишаното, биле и другите гости кои седеле во слаткарницата, како и луѓе од обезбедувањето на трговскиот, кои биле повикани да интервенираат, но се повлекле.
И приказната завршува тука. Наместо целосна вест, читателот добива половична вест гледана низ очите на извесна мајка која го напишала тоа на „Фејсбук“. Нејзиниот идентитет е непознат. Добро е тоа што новинарот ги следи социјалните мрежи бидејќи тие, во голема мера, се извор на информации, но лошо е кога таквите информации се пренесуваат без да се проверат.
Авторот на оваа вест не ги контактирал вработените во „Шехерезада“, не контактирал никого од обезбедувањето, ниту, пак, се обратил во МВР. Потврда на информацијата нема од никаде. Самото тоа ја доведува во прашање вистинитоста на веста. Задача на новинарот е кога ќе дојде до одредена информација, истата да ја провери од колку што е можно повеќе страни, а не само мрзливо да ја пренесе и тука да застане.
Поради таквата мрзеливост на дел од новинарите, во декември минатата година дел од порталите и другите медиуми направија огромна грешка кога од фејсбук-статус за киднапирано дете во „Рамстор“ напаравија драма, а истата информација не ја проверија. Подоцна се докажа дека веста била лажна, а демант имаше и од дирекцијата на „Рамстор“.
Очигледно ова не ги научило некои од колегите дека секоја информација не е вест и дека не може да се верува на сè што ќе се прочита на социјалните мрежи.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
анонимни
релевантни
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
нема извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
друга пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
нема коментаторски елементи
издвоено од фактите
ПЛАГИЈАТ
делумна копија
ненаведен автор, ненаведен извор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
информира
некреативен
сензационален
соодветен
јасен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
информира
наведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
нечитлив
нема мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
стилски неуреден
неповрзан со тагови