verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Весела математика во служба на пропаганда на власта

on 23 - 09 - 2016       

skrinsot-telma-budali

[Рецензија: Телма во мртва трка за послушност кон Заев: 30 % повеќе време за СДСМ отколку за ВМРО-ДПМНЕ]

 

Основната теза врз која е граден овој текст  е невистинита. Поточно, се работи за манипулација со факти која не може да се оправда со неразбирање или нецелосно достапни информации бидејќи бројките и табелите што се во самиот текст, со кои се илустрира тезата за наводната пристрасност на телевизија „Телма“ кон опозицискиот Социјалдемократски сојуз, зборуваат нешто сосема друго.

Рецензија: „Весела“ математика во служба на пропагандаЛинк до оригиналниот напис:  Телма во мртва трка за послушност кон Заев: 30 % повеќе време за СДСМ отколку за ВМРО-ДПМНЕ

Датум и време на објавување: 18.09.2016, 13;46

Датум на рецензирање: 22.09.2016

Рецензент: Југослава Дуковска

 

Веќе површно читање на овој напис ќе укаже на тоа дека тврдењето дадено во насловот не „држи вода“. Имено, не е точно дека

„Извештајот за работата на телевизија Телма покажува дека оваа медиумска куќа работи со послушност кон Заев, далеку од објективното новинарство кое и медиумот и политичарот постојано јавно го пропагираат“.

А, еве и зошто: Во написот се користат бројките од надзорот врз 18 радиодифузери, што од почетокот на месецов го вршеше Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги. Една од надгледуваните телевизии беше и ТВ „Телма“, за која во написот се тврди дека посветила поголема минутажа во своите прилози за СДСМ во однос на ВМРО-ДПМНЕ.

 

ВЛАСТА ДОБИЛА ПОВЕЌЕ МИНУТИ ОД ОПОЗИЦИЈАТА

Според резултатите од надзорот, прилозите посветени на СДСМ во надгледуваниот период биле со вкупно времетраење од 12:51 минута, додека пак на ВМРО-ДПМНЕ биле посветени 9:06 минути, што, се тврди, било за 30 отсто повеќе во полза на Социјалдемократскиот сојуз.

Но, ако се погледне таа иста табела, може да се воочи следново: на активностите на Владата на РМ „отишле“ цели 34:20 минути. Притоа, во таа категорија не спаѓаат прилозите посветени на министрите и на замениците-министри од редовите на СДСМ бидејќи тие се надгледувани одделно и на нив отпаѓа минутажа во вкупен износ од 3:40 минути. Така, овие бројки сега покажуваат нешто сосема друго – дека присутноста на владејачката партија во информативните емисии на ТВ „Телма“, било преку партиски било преку активности на премиерот или претставниците во Владата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, била вкупно 43:26 минути, додека присутноста на СДСМ – преку партиски активности или активности на министрите и на замениците во привремената влада е далеку помала – само 16:31 минута.

Ако отидеме уште подалеку, ползувајќи ја истава табела, ќе го видиме и следново: уделот на претставниците на локалната самоуправа од власта, во вестите на „Телма“ бил 12:44 минути, додека присутноста на претставниците на локалната самоуправа од редовите на опозицијата била само 2:10 минути.

 

АВМУ: „ТЕЛМА“ Е ОБЈЕКТИВНА ТЕЛЕВИЗИЈА

Се разбира, овие бројки, сами по себе не зборуваат доволно за објективноста и за избалансираниот пристап на кој било медиум, па ни, во случајов, на „Телма“, бидејќи не знаеме каков бил односот кон субјектот на секој поединечен прилог – позитивен, негативен, неутрален, но тие, сепак, овозможуваат увид во тоа колкава била видливоста на власта и на нејзините активности, а колкава на опозицијата и на нејзините активности во вестите на „Телма“. Бројките, пак, зборуваат спротивно од она што го тврди насловот и што е основна теза на текстот – дека „Телма“ е пристрасна и наклонета кон опозицијата. Впрочем, каков бил професионалниот однос на ТВ „Телма“ кон двете спротиставени политички опции, најдобро објаснува констатацијата од спомнатиот извештај на АВМУ, во кој, меѓу другото се вели:

„Телевизијата се држи до принципите на професионалното новинарско известување и во создавањето на прилозите се консултираат повеќе различни гледишта“

Тоа значи дека, од аспект на вистинитоста на наводите во овој текст, тој содржи невистини и погрешни толкувања на фактите.

 

И МАКЕДОНСКОТО РАДИО НА УДАР

Дополнително, на овие тврдења во написов се надоврзуваат и слични квалификации на сметка на Македонската радио-телевизија.

„По поставување на Санта Аргирова на функција во МРТ се покажа што подразбира СДСМ под медиумска слобода. Зоран Заев под слободни медиуми изгледа разбира медиум кој постојано ќе известува само за него, кој ќе го емитува во најударни и најдолги термини“.

И повторно, тврдењата се неточни. Од табелата за Македонското радио се издвојуваат следниве бројки: 9:56 минутажа за СДСМ, 4:35 за ВМРО-ДПМНЕ, па дури 45:29 за Владата на РМ, додека само 1:03 минути за министрите од редовите на СДСМ.

По читањето на написот, се поставува прашањето – од каде е тогаш изваден насловот:

„Телма во мртва трка за послушност кон Заев:30% повеќе за СДСМ отколку за ВМРО-ДПМНЕ?“

На ова прашање во самиот напис нема да пронајдете одговор. Или, пак, од каде заклучокот од поднасловот:  

„Информациите кои се пласирани во извештајот сосема јасно го ставаат на виделина лицемерието на СДСМ во односот со медиумите“.

Кое лицемерие и каква е улогата на опозициската партија во уредничката одлука да пушти одредена минутажа, во случајов, далеку поголема за власта одошто за опозицијата, во информативните емисии?

Се работи, очигледно, за текст, кој не полага доволно на вистинитоста, важно е да удри по оној кој му пречи, па макар и со – погрешна математика и лажни обвинувања. Но, дали се сметало на тоа дека и читателите се слаби математичари?

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

точни наводи

неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални

релевантни

1 извор

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

не може да се одреди

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

несензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

манипулира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

нема мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

стилски уреден

поврзан со тагови