verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Пиромани во куќата од слама

on 12 - 12 - 2015       
Овој напис го има и на: Албански
straw_man
Илустрација: Фото: СПФМ

 

Што им останува на реалните личности, од крв и од месо, со ум и со разум, кои се претворени во сламени кукли, кон кои се канализира гневот на неуките и на наивните од страна на политичките и експертските силеџии? Освен што физички им е укинато правото и шансата да се искажат, тие со оваа медиумска магија, практично, и не постојат.

 

Пишува: Зоран Бојаровски

 

Доколку сте достоинствена личност, личност со интелигенција, интегритет и со високи морални принципи, тогаш сте секако свесни дека еден поголем дел од медиумите во Македонија им даваат нерамноправно поголем простор на политичарите и на таканаречените експерти кои искривуваат факти, го пренасочуваат вниманието од релевантните теми на небитни прашања. Оваа колумна има цел да потсети на техниките со кои се прави таа „диверзија“ во јавниот дискурс.

Публиката во Македонија, за жал, е навикната и за неа се сосема очекувани политичарите и други јавни личности што лажат, а здодевните „познавачи на состојбите“ да ги одобруваат тие лаги. Еден дел од таа публика е сосема свесна дека десетгодишното владеење на тие политичари, како и одобрувањето на нивните апологети, е резултат на нивното, до совршеност, „владеење“ на техниките на пропагандата. Една од тие техники е умешноста на изместувањето на логиката со помош на техниката – „човек од слама“.

Оваа техника на афирмација на нелогичната логика подразбира креирање цел, односно „човек од слама“ кому се припишувааат особини и теми што тој воопшто не ги застапува. Тоа се прави за да бидат нападнати токму тие, виртуелни теми на виртуелниот „човек од слама“, кој, како што рековме, тие теми не ги застапува, па соодветно на тоа не може ниту да ги брани.

Тоа се прави со многу „врескање“, креирање бучава, која треба да ги супституира аргументите. Сепак, главната цел на креираниот „човек од слама“ е тој и „сламените“ ставови кои тој, наводно, ги застапува, да бидат видливи со тоа што се ставени под светлото на вештачки креиран извор, односно во светлото на лагата, а не под природната светлина на сонцето, односно во фокусот на вистината.

Една особена настојчивост во таа насока, во насока на креирање „човек од слама“, овие денови на неколку телевизиски медиуми се прави од архиепископот Јован од Православната охридска архиепископија.

Во серија медиумски содржини, нему му се припишува улога на предавник на националните интереси, а тој, всушност, последните 13-14 години се залага за канонска разврска на статусот во кој се наоѓа Македонската православна црква – Охридска архиепископија и за уставно гарантираното право на граѓаните за слободен избор на нивната верска определба. Му се импутира национална определеност, иако и тоа е уставно загарантирано право за самоопределување на секој граѓанин на Република Македонија. Му се товарат судски процеси, иако меѓународните и домашните организации за човекови права, во нив препознаа политички монтирани процеси. Му се товарат за грев канонските отстапки на МПЦ-ОА, иако тој за тоа ниту е виновен, за некои дури и не бил роден во периодот кога се направени…

Но, тоа не пречи, на медиумските миленици наречени „добри познавачи“, да  креираат „човек од слама“ и сите тие гревови да му ги припишат нему, на таа виртуелна личност која со таква медиумска преверзија се претвора во кукла во која некој мисли дека слободно може да забоде игла.

Зедовме еден актуелен пример, иако ги има многу. Стотици во изминатите десет години.

Што им останува на реалните личности, од крв и од месо, со ум и со разум, кои се претворени во сламени кукли кон кои се канализира гневот на неуките и на наивните од страна на политичките и експертските силеџии? Освен што физички им е укинато правото и шансата да се искажат, тие со оваа медиумска магија, практично, и не постојат.

Дури и да имаат некоја можност некаде да се произнесат, неоснованите и дефокусираните обвинувања од вистинските теми, остануваат загубени во медиумската прашина што се крева за да ги прикрие вистинските траги, односно виновници.

Затоа е неопходно постојано да се обучуваме да ги препознаваме овие медиумски трикови, за да не се случи да нè збуни или маѓепса нивната вербална умешност и поттикнувањето неосновани емотивни реакции како што се ширењето омразата. Треба секогаш да имаме на ум дека нелогичните логики, аргументите што смрдат на лага, се шират за да манипулираат со вистината.

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).