verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Откријте каков новинар сте, со само неколку кликнувања!

on 5 - 11 - 2015       
Фото: Роршах тест со дамки од мастило. Извор: Викимедиа Комонс
Фото: Роршахов тест со дамки од мастило. Извор: Викимедиа Комонс

 

Во борбата за повеќе читање, кликнувања и споделувања, често новинарите се наоѓаат во ситуација да останат без „свежа“ и примамлива содржина. Една од опциите кон кои се прибегнува во овие случаи е сервирањето лесно сварлива материја на публиката, што ќе измами неколку минути подолга посета на порталот и ќе го пополни времето и просторот од една вистинска вест, до друга.

 

Пишува: Гоце Арсовски, дипломиран психолог

 

Човековиот интерес за запознавањето со себеси и љубопитноста за одредување и за класифицирање на личноста се стари колку и самото општество и цивилизацијата.  Во согласност со ова, толку се стари и обидите да се манипулира со оваа наивна љубопитност на луѓето, продавајќи им „празна слама“ и кажувајќи им го тоа што тие сакаат да го чујат.

Со појавата на првите тестови за личноста, како дел од плејадата инструменти што психолозите ги користат во својата работа, можностите за вакво определување стануваат далеку поедноставни и побрзи. Иако првичната намера за воспоставувањето вакви мерни инструменти била од функционална природа – мерење интелигенција кај деца од основните училишта во Франција или регрутација на војници за потребите на армијата на САД – денес сме сведоци на појава на купишта „психолошки“ мерни инструменти кои, често, имаат цел да побудат забава и разонода кај корисникот.

 

ЗДРАВО ЗА ГОТОВО

Првиот поголем проблем со овие квизови, тестови итн. се јавува кога почнуваат да се користат и за цели за кои не се наменети, односно кога луѓето почнуваат да го моделираат нивното однесување и донесување одлуки во реалниот свет на база на резултатите од овие тестови. Се разбира, повеќе корисници на овие квизови не ги земаат „резултатите“ здраво за готово и не донесуваат важни животни одлуки потпирајќи се на нив. Меѓутоа, не можеме да го игнорираме фактот дека во секое општество, во секој даден момент, постојат личности кои не се емоционално стабилни, личности кои поминале низ одредени трауми или фази, зависници кои се пред тешки искушенија и кои ја бараат својата „сламка“.

Улогата на медиумите не е на овие луѓе, кои веќе се во одредена нарушена или ранлива состојба (било тоа да е зависност од супстанци, емоционална траума, развојна доба итн.) да им подметнат, за сметка на неколку илјади кликнувања, содржина која има потенцијал да им ја влоши состојбата и да ги направи, во моментот, склони да донесат одлуки кои дополнително би им го отежнале животот.

Замислете, еден суицидален тинејџер со идентитетска криза да налета на „тест“ налик: „Погледни ја фотографијава и дознај дали си депресивен!“ или „Дали твојот живот има смисла – откриј со помош на овој едноставен тест!“. На личностите во лабилна емоционална состојба, личностите што претрпеле трауми или се извлекуваат од некоја тешка случка во животот, споделувањата и видливоста на ваквите материјали нема им помогне во одлуката да продолжат напред. Напротив, во екстремни случаи, може да доведе до уназадување на нивната ситуација и до фатални последици.

Дебатата за отвореноста на вистинските психолошки тестови, за демистифицирањето на научното психолошко тестирање трае веќе подолго време. Без доволно познавања, публиката т.е. јавноста која е подложена на овие тестирања, сè уште не може да се вклучи во дискурсот до кој степен треба да дозволиме потенцијално опасни алатки да бидат дадени во рацете на јавноста. Во моментов, вистински вредните психолошки мерни инструменти се чуваат далеку од очите на љубопитните, зад заклучени врати, бидејќи тоа е еден од начините на кој тие остануваат вредни и употребливи. Во рацете на личност неупатена во психолошко тестирање, без поминат соодветен супервизиран тренинг, овие мерни инструменти имаат потенцијал да создадат неверојатна штета кај индивидуата, но и во нејзиното пошироко опкружување.

 

ЗАБАВА, НЕ ПРОФЕСИОНАЛНО ТЕСТИРАЊЕ

Втора важна работа што пролиферувањето на овие „тестови“ ја прави е тоа што со нивното сè поголемо присуство (а со тоа и достапност и популарност), се намалува вредноста на вистинските мерни инструменти – тестови. Доколку нешто е бесплатно, трае кратко и ви дава навистина вредни информации – зошто би се мачеле со посета на квалификувано стручно лице за процена на вашата личност, кога тоа ви е достапно со две-три кликнувања на вашиот паметен телефон додека чекате да почне вашиот омилен филм! Купиштата вакви квизови достапни на порталите, каде дури некои од нив посветуваат и цела секција наречена „тестови“, „квизови“ итн., се толку апсурдни, што ве тера да се замислите за менталниот склоп на авторите и нивната потреба редовно да ги ажурираат читателите со начини на откривање „… што ви е најпотребно во животот?”.

Несвесното - протолкувано во неколку минути. Фото: скриншот
Несвесното – протолкувано во неколку минути. Фото: скриншот

За потребите на оваа новинарска лекција стапивме во контакт со проф. д-р Николина Кениг, вонреден професор на Државниот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ на Институтот за психологија, чија специјалност и професионален ангажман се токму психолошките мерни инструменти, т.е. тестови. Таа е автор на повеќе од 30 научни и стручни статии, универзитетски учебник по предметот квалитативна методологија и повеќе од 10 години се занимава со истражувања од областа на психологијата. Од позиција на експерт во оценувањето на валидноста, потпирливоста и низа други фактори во психолошките тестови, преку кои се оценува нивната употреблива вредност, таа вели:

7b4267e451f0da8aeb61408ea1e0b52dТешко е да се очекува дека разни т.н. психолошки тестови сосема ќе престанат да се појавуваат во печатените медиуми и во сајбер-просторот. Сепак, она што би требало да биде минимална професионална етика е на самиот почеток јасно да се стави до знаење дека се наменети само за забава и дека на добиениот резултат не може да се гледа како на точна процена на која и да е особина на личноста. Кај некои „тестови“, особено тие што во последно време се нудат на „Фејсбук“, за ваквиот нивни  карактер главно може да се заклучи или преку резултатите што ги дава или од тоа што воопшто не се бараат податоци врз основа на кои би се спровела „анализата“.

 

Потенцијално, поопасни се оние „тестови“ во кои лицето одговара на прашања и добива впечаток дека се работи за посериозна ситуација и за вистинска тестовна ситуација, а добива сосема арбитрарен одговор за особините што ги поседува.

 

На крај, апсолутно недозволива е состојбата со која неодамна се соочивме – презентирање делови (или во целост) на тестови кои претставуваат вистински психолошки мерни инструменти, при што, згора на сè, се извитоперува и начинот на кој се администрираат и заедно со тоа, интерпретацијата на одговорите.

 

Од една страна, потенцијалната опасност за штетата кон корисниците во овој случај е многукратно зголемена, бидејќи тие се ставени во ситуација да веруваат дека користат на исправен начин еден од најпопуларните инструменти, а од друга, се врши таканаречена фамилијаризација со содржината на тестот, што го прави помалку употреблив за професионални цели. На крај, не е лошо да се спомене и тоа дека соочени со повеќекратни невалидни, промашени интерпретации, голем дел од оние што се на ваков начин „тестирани“ може да изгубат доверба во психолошкото тестирање.

Како што проценува и проф. д-р Кениг, нереално е да се очекува дека ваквите тестови и квизови ќе престанат да се објавуваат и споделуваат преку ноќ. Сепак, должност е на порталите да проценат дали нивното објавување е навистина јавен интерес и дали со тоа прават нешто повеќе од додворување на нивната читачка публика со „евтини“ начини на губење време.

Минимално нешто што порталите можат да го направат, доколку, сепак, одлучат да објават вакви содржини, е во самиот текст, односно тест, да постават напомена (disclaimer), налик на оваа:

„Напомена: Тестот е од забавен карактер и користи содржини, прашања и резултати чија веродостојност и точност не е проверена. Не е препорачливо потпирање на резултатите кои сте ги добиле од овој тест. Доколку имате потреба од професионална процена и тестирање, побарајте стручна помош од лиценциран психолог.“

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).