Заробените и контролирани медиуми се погубни за тоталитарниот режим
Објавено во Колумни
on 5 - 05 - 2016 Автор: Зоран Бојаровски
Ако продолжи репресијата во однос на слободата на изразувањето и на медиумите, ќе продолжи притисокот од улицата. Ненасилно, имплозија на системот изграден врз медиумска магла
Пишува: Зоран Бојаровски
Денот на слободата на изразувањето, 3 мај, освен со чесните исклучоци на Здружението на новинарите на Македонија и на Самостојниот синдикат на новинарите и на медиумските работници, оваа година речиси воопшто не беше одбележан. И како да биде поинаку во земја која, според индексот за слобода не медиумите во 2015 година е на 118. место. Едно место подолу од претходната, 2014 година и со 508 судски предмети против новинари од 2014 година до крајот на минатата година.
508!
Како да се одбележи денот на слободата на изразување во една земја со вакво досие за слободата, а да не биде хипокризија, иронија?
Во разумните и отворени општествени средини, кога треба да се аргументира важноста на слободата на изразувањето, дебатата завршува со лаконската изјава дека „Важна е, затоа што е важна!“
Бидејќи одамна е констатирано дека живееме во нефункционално и нездраво општество, оттаму доаѓа потребата за подетално и континуирано тематизирање на аргументите „за“ слободата на изразувањето.
За да бидеме поатрактивни и да го привлечеме вниманието на јавноста, оваа колумна тргнува од тезата дека заробените и контролирани медиуми се погубни за тоталитарниот режим.
Оваа теза е само навидум контрадикторна на практикувањето контрола врз медиумите во Македонија, бидејќи има многу докази кои одат во прилог на нашата теза – дека контролираните и заробени медиуми ќе го урнат режимот.
Повелете и размислете за аргументите од теориите што ги инаугурира слободната мисла, но и од искуствата од практиката.
СЛОБОДАТА НА ИЗРАЗУВАЊЕ – УСЛОВ ЗА ПАЗАРОТ НА ИДЕИ
Постојат многубројни докази дека слободата на изразувањето е во позитивна врска со економскиот развој, со степенот на демократија, со социо-политичката сигурност, како и со ненасилното решавање на конфликтите, наспроти насилното.
Во напредните демократски општества, информираните граѓаните ги одмеруваат и ги проценуваат општествените појави и трендови врз основа на информациите на слободните медиуми. Оттаму, информираноста и демократската еманципација на граѓаните, во најголема мера, е детерминирана од слободата на изразувањето.
Слободата на изразувањето е непходен услов на „пазарот на идеи“, како концепт кој Џон Стјуарт Мил го претпочитал како можност граѓаните да ги соопштуваат своите идеи и мислења, дури и тогаш кога се контроверзни, за да се стигне до најдобрите решенија за социјалните и за политичките прашања во едно општество.
Функционалното практикување на слободата на пазарот на идеи им дозволува на луѓето да го изразат својот став како низ „вентил“ за ослободување на притисокот. Кога не постои таков систем, останува тој притисок да се „ослободи“ на улиците.
ПОМАЛКУ СЛОБОДА НА ИЗРАЗУВАЊЕ – ПОВЕЌЕ РИЗИЦИ
Тоа е една од причините што одат во прилог на тезата дека заробените и контролирани медиуми ги поткопуваат тоталитарните режими.
Во 2014 година, Светска банка спроведе истражување кое потврди дека во земјите со развиен медиумски систем и со поголема слобода на изразување, степенот за политички ризици е многу помал. Со други зборови, земјите со слободни медиуми и со висок степен на слобода на изразување, се помалку изложени на насилни политички ситуации и транзиции. Идентични сознанија се добиваат и кога ќе се направи анализа на индексите на слободата, вклучително и слободата на медиумите, на „Фридом хаус“ во последните десет години. Сознанијата од оваа споредба велат дека земјите со поголема слобода на медиумите, се земји со стабилна и прогресивна социјална и политичка сцена.
Индексот за слобода на медиумите на „Фридом хаус“ за 2015 година, ја маркира нашата земја како – неслободна.
Уште еден извештај ја потврдува нашата теза: Извештајот на УНЕСКО за слободата на медиумите и за развојот. Истражувачите во овој проект утврдија тесна врска помеѓу слободата на медиумите и нестабилноста, насилството и милитаризацијата. Во земјите во кои проблемите на едно општество се теми на јавната дебата и на слободните медиуми, насилниот и тоталитаристички пристап кон решавање на тие проблеми е неприфатлив и не се практикува.
Мирните политички промени имаат многу повеќе шанса во земјите со слободни медиуми, зашто слободата на изразувањето е клучен фактор за повикување на властите на одговорност. Слободата на изразувањето помага корупцијата да биде откриена и изложена на одговорност пред јавноста, да се пребројат остварените ветувања и да се оценат достигнувањата на политиките.
Значи, не би требало да има сомневање дека слободата на изразувањето и слободните медиуми како канали за едно такво изразување, се од непроценлива придобивка и затоа се особено пожелни и важни. Слободната размена на пазарот на идеи и јавните дебати создаваат амбиент за поголема креативност, иновативност, за решенија „надвор од кутијата“. Се разбира, во една динамична и мултикултурна средина, особено во таква во која во еден момент политичката криза е доведена до степен на конфликт, како што е нашата ситуација, слободата на изразувањето ќе овозможи од тој конфликт да се родат решенија кои на мирен, ненасилен начин, ќе нè воведат во една нова фаза.
Ако биде поинаку, ако продолжи репресијата во однос на слободата на изразувањето и на медиумите, ќе продолжи притисокот од улицата.
Ненасилно, сè до имплозија на системот изграден врз медиумска магла.
Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).