Заробени медиуми: и весниците умираат од сиромаштија
Објавено во Новинарски лекции
on 20 - 08 - 2014 Автор: Ерол РизаовДали некој во земјата знае колку медиуми, весници, телевизии, радиостаници исчезнаа сосе новинари во изминатите 10-15 години
Пишува: Ерол Ризаов
Економскиот притисок врз медиумите е најсуптилната војна, исто толку ако не и повеќе валкана од другите пресметки, за ставање на новинарството по контрола на политиката. Финансиското истоштување и блокада помалку е видливо од политичко-полициското насилие, но е еднакво опасно, а често и многу пострашно. Економската зависност е посебна доктрина на моќниците. Кога ќе ги легнат медиумите во болничка постела целта е постигната оној миг кога на пациентот му се потребни три „дози“ на ден, а дилерот, читај власта, се јавува во улога на спасител и лекар.
Би било мошне корисно со професионални истражувања во Македонија да се открие пред оние со кратко паметење, колку медиуми во последните 10 – 15 години пропаднаа, едноставно ги снема. Каде се основачите, уредниците, новинарите и што работат денес? Уште поинтересно е да се истражи од што живеат денес македонските весници, телевизии, радио станици и интернет портали? Кој ги помага да преживеат, а кој ги уценува, цензурира, затвора и прогонува? Колку од нив можат да кажат дека се економски и политички самостојни и независни? Зошто во Македонија нема директни странски инвестиции во медиумите и зошто тие инвеститори што беа си заминаа? Зошто домашните големи медиумски донатори, вложувачи и основачи се повлекоа од овој бизнис? Од што страхуваат сегашните газди на медиуми? Какви се правилата во државите кои имаат демократска традиција, комуникациска и медиумска култура?
ФРАПАНТНА Е БРОЈКАТА НА ИЗГАСНАТИ МЕДИУМИ
Чинам дека темата кој е кој во релевантните и влијателни медиуми ќе ја даде вистинската слика на дострелите на македонското општество, гледано од сите аспекти. Фрапантна е бројката на угаснати телевизии, радиостаници, весници, неделници и списанија заедно сосе новинарите и сопствениците. Моите бројки, кои се нецелосни и треба да се примат со резерва, но конечната бројка сигурно не е помала, кажуваат дека банкротираа и исчезнаа преку 60 национални и локални телевизиски радиостаници и преку 20 дневни весници и неделни списанија во период помал од 15 години. Притоа, над 500 новинари, уредници, фоторепортери, технички уредници, печатари и дистрибутери останаа без егзистенција . Еден помал број успеаја да се префрлат во други медиуми каде што се борат секој ден да преживеат како хонорарци. Посреќните го напуштија новинарство. Повеќето останаа без работа.
Аргументот по кој често посегнуваат владите да ги демантираат овие факти е сѐ уште големиот број на медиуми. Тоа за нив е крунски доказ дека кај нас има плурализам и демократија. Велат погледнете колку телевизии и весници имаме на два милиони луѓе. Но, ако навистина погледнете малку повнимателно што е тоа што останало, ќе се види целата гротеска на македонската демократија, дека тоа се, всушност, медиумските фабрики за пропаганда и за величење на власта. Тешко може да се види , чуе или прочита нешто друго и поразлично. Ретките критики кон злоупотребите на власта и центрите на моќ можат да се прочитаат и слушнат само во малкуте професионални медиуми финансиски исцедени до крај, кој одвај преживуваат како ретка реликвија која се одржува во живот само за да служи како доказ дека не е сѐ така страшно и дека имаме се уште по некој пес кој може слободно да лае.
НЕМА ПАРИ ЗА ТИЕ ШТО ЈА КРИТИКУВААТ ВЛАСТА
До пред 10-ина години македонските медиуми постигнаа пристојна независност и самостојност во уредувачката политика, многу поголема од сегашната. Оценките и на домашните и на странските експерти беа дека привршува успешно процесот на медиумската плурализација во државата. Се разбира, и тогаш беа присутни и политички и економски и сопственички притисоци врз уредниците и новинарите, но ни оддалеку тоа не може да се спореди со сегашните партиски директиви и закани не само врз новинарите и уредниците, туку и врз сопствениците на медиуми, од кои најголемиот број ги продадоа и се повлекоа од овој, во моментот можеби најопасен бизнис во државата. Странските професионални медиумски куќи, кои влегоа во Македонија, кога го напуштија бизнисот внимателно кажаа дека нема простор за рамноправен конкурентски натпревар на пазарот во Македонија и во целиот регион. Луѓето со тоа што го одмолчија многу кажаа. Денес неколку години по нивното заминување состојбата е уште полоша.
Откако мошне лесно и непромислено некаде пред 10-тина години се укинаа субвенциите во медиумите автоматски се отворија вратите за многу поголеми злоупотреби и економски притисоци врз новинарите и редакциите. Точно е дека никој не беше задоволен од начинот на кој се делеа субвенциите од владите, бидејќи критериумите беа доста растегливи, па власта, и лева и десна, со протекционистичка поделба на парите обезбедуваше извесно влијание врз уредувачките политики. Но, никогаш преземањето на медиумите под контрола не било толку агресивно и грубо како последниве години. Укинувањето на субвенциите кои јавно се објавуваа во медиумите и редовно предизвикуваа кавги и дебати, овозможи тајни преговори и договори меѓу владите и влијателните медиуми. Нема субвенции, ама има кампањи на владата, има пропагандни пораки, спотови, избори со комплетна медиумска поддршка. Во тој политички маркетинг склучен со партнерство меѓу власта и медиумите почнаа да се вртат тешки милиони. Тој валкан политички дил: ти мене поддршка за зачувување на власта, јас тебе реклами и пари, стана огромен бизнис. Од партиските комуникациски центри на власта почна да се врши директен притисок и врз приватните рекламни агенции и компании да внимаваат каде огласуваат. Владата на Никола Груевски тргна од простата убиствена логика: нема пари за тие што ја критикуваат власта. Дури и најотворено се предупредува каде го има тоа ние да даваме пари, а вие да не критикувате. Кој не ја прифати оваа игра, ако се потпре само на пазарот, е мртов, може да прогласи банкротство веднаш. И медиумите умираат од сиромаштија.
Тоа е таа ароганција на власта кога забегува од реалноста, па никако не може да сфати дека буџетските пари не се семејно наследство на мудрите ни лидери , туку тоа се пари на граѓаните кои сакаат да ја видат Македонија како демократска земја.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).