Заробени медиуми: А бе, ти уште не си уапсен
Објавено во Новинарски лекции
on 20 - 06 - 2014 Автор: Ерол РизаовРеченицата од насловот е најпримитивното оправдување за слободата на медиумите од режимот на Груевски.
Пишува: Ерол Ризаов
Штетите што се нанесени врз македонското новинарство во изминатите 8 години тешко можат да се оправат во наредните 20 години и при идеална демократија. Не се во прашање само воената цензура, драстично ограничените слободи на медиумите и забранетите професионални активности на новинарите, не е пресудна ни драматичната економска зависност на најголемиот број медиуми, па ни несреќната сопственост и партиска и политичка припадност на медиумските газди. На овие големи несреќи претходеше нешто уште пострашно што ѝ се случи на Македонија. Во овие 8 години, најлоши во изминатите 40 години откако паметам и сум во таа каша, најстрашно е што е скршен духот,што победија подаништвото, стравот и шарлатанството во новинарството, кое со сите слабости и зависности беше на едно пристојно европско ниво, на 34 место меѓу стотици земји во светот. Се разбира, не бевме задоволни од таа ранг листа, која сега е недостижна и на вселенска височина, бидејќи сме длабоко потонати меѓу црните режими.
Сега, неколку колеги, гледајќи секој од свој агол, јалово и одвреме-навреме се занимаваме со темата како се кршеше `рбетот на македонското новинарство. Познатите дијагнози, одамна дадени за начинот на кој е ликвидирана А1 телевизија, служат повеќе за заплашување на сопствениците на последните две телевизии кои емитуваат коректни вести и програми, отколку за опомена и промена кон подобро. Исчезна фактот и вистината дека повеќе денешни и тогашни критичари на власта жестоко ја напаѓаа некогаш привилегираната позиција на пазарот на Велија Рамковски да поседува, спротивно на законот, телевизија и пишани медиуми, односно дневни весници. Според законот тоа беше флагрантно кршење на пазарните принципи и инсталирање на нерамноправна положба со другите дневни весници и списанија. Синергијата меѓу моќна телевизија и печатени медиуми во мала држава со ограничен пазар беше убиствена за голем број медиуми. Се разбира, Вeлија Рамковски тогаш беше во добри релации со премиерот Никола Груевски и никој не му можеше ништо. Незаконитоста и тогаш, како и сега, не беше проблем. Таа стана проблем кога Велија му го сврти грбот на Груевски 2008 година. Оттогаш главна медиумска задача на власта беше да се уништи А1 телевизија и печатените изданија на Велија за кои владата тогаш ѓоамити не знаеше чии се. Блиску до здравиот разум е дека ако газда Велија се поставеше како Ѕинго и Сител и како газда Стојменов и Канал 5 и ден денешен место во Идризово ќе лежеше на ловориките од спрегата со власта.
ЦАРУВАЊЕТО НА ПЕРИФЕРНИ ЛИЧНОСТИ ВО НОВИНАРСТВОТО
Ова медиумско злосторство врз А1 беше почеток на крајот на македонскиот журнализам и целосното преземање на контролата. По изречените сто и кусур години затвор за Велија и неговите соработници, меѓу кои и уредници, наводно поради неплатени даноци, предизвика паника и во медиумските куќи и меѓу сопствениците на кои, освен во два три случаи, на сите главен бизнис не им беше медиумскиот. Резонот на сопствениците, колку и да изгледа неприфатлив, е крајно рационален: зошто да ги изгубам сите бизниси и да одам в затвор поради медиумот кој го поседувам. Многу попрактично е да се стане поддржувач на владата, а најпрофитабилно е да се стане партнер на власта, па ќе цутат и сите бизниси – и медиумскиот и другите. И така бидна. Дојде до големата новинарска чистка и преселба по сите телевизии и весници. За четири години (2008-12) по неколку пати се сменети речиси сите главни и одговорни уредници во релевантните телевизии, сменети се или се избркани од работа сите уредници и носечки новинари на клучните политички и економски рубрики. За време на Груевски, во најгледаните телевизии и најчитаните весници, сменети се преку 30 главни уредници и над 100 клучни новинари и уредници на рубрики. Се појавија новинари партиски јунаци и патриоти кои во јавноста ја изместија перцепцијата што е тоа добро новинарство и што е по сите светски стандарди новинарски подвиг. Од тој момент почнува најголемата штета во македонското новинарство. Разни искомплексирани и периферни личности во новинарството, кои никогаш не биле ни блиску до професионализмот , или во центарот на главните настани и дома, и во светот, и во политичкиот и во јавниот живот стануваат главни медиумски ѕвезди лансирани од власта, бидејќи тие позиции и работа под таков диктат практично не сакаше да прифати ниту еден професионален и познат новинар дотогаш. Кога разни статисти и авантуристи ги добија ударните термини на провладините телевизии и насловните страници во весниците, штедро помогнати и стимулирани од режимската власт која воведе драконски казни во милионски износи, затворски казни и притворања, дојде до тотален егзодус на професионалните медиуми и новинари. Коруптивното и селективно рекламирање, односно воведување на доктрината економска зависност од најголемиот огласувач во државата – владата и владејачката партија, дадоа извонредни ефекти за Груевски и неговата коалиција. Режимот е целосно инсталиран во сите сфери на владеење.
„КОЛЕГИЈАЛЕН“ ЈАВЕН ЛИНЧ
Она што беше синоним на слободно новинарство според истите аршини и во Македонија и во целиот свет , а тоа е критички да се опсервира работата на владата и особено злоупотребите на власта, кај нас се претвори во непријателски чин. Новинарите и редакциите, кои продолжија да ги следат овие професионални стандарди по 2008 година, се изложени на силен удар и притисок од своите колеги партиски пропагандисти, кои јавно и досега невидено срамно ги прогласија своите колеги за предавници на татковината и за странски и грчки платеници. Прогонети од партиската полиција и судовите, малобројните новинари и редакции кои не се согласуваат со ваквиот терор врз новинарството се најдоа речиси во безизлезна ситуација, од една страна да бидат економски уништувани со огромни казни и преку ембарго за огласување и од државните и од приватните компании, а, од друга страна, со години да бидат жигосувани како предавници и непријатели на државата . Во една ваква мачна ситуација и амбиент на темен вилает фалењето на владата и владините политики на ликот и делото на водачот стана синоним на добро и храбро новинарство и мошне исплатлива и вносна работа.
За првпат во современата историја на Македонија наопаку се поставени мерилата што е вистинско, слободно и професионално новинарство. Не дека немало и пред тоа притисоци и злоупотреба на медиумите и нивно впрегнување во партиски цели, но ова досега не е ниту видено, ниту чуено во Македонија. Секогаш кога надворешните притисоци ќе се почувствуваа во редакциите, во самите новински куќи и во чаршијата почнуваше тешка дебата која за носителите на притисоците беше голем срам. Добро ги знаевме и уредниците и новинарите кои имаа дигнитет и храброст да се спротивстават на ваквите атаци, кои, гледано од денешен аспект, се детска играчка спрема она што денеска се случува. Ако тогаш протестот и отпорот можел да се искаже со молчење и непотпишување на текстот од страна на новинарите , или со јавна осуда во други медиуми без да се има последици по егзистенцијата, денес тоа е незамисливо. Знам и како новинар, и како главен уредник, и како сопственик на медиуми стотици ситуации кога на колегиумите сме се фаќале за гуша за свои ставови и за текстови кои се објавени по големи кавги и расправи. Кажете ми во која редакција денес можете да се искарате со главниот уредник, со директорот и со газдата за својот текст и од тоа да немате никакви проблеми. Јас не можам да ги избројам на прстите од едната рака. А, вие?
„ЧУВАЈ СЕ, ОТИ ЌЕ ТРЕБА ДА ТИ НОСИМЕ ЦИГАРИ!“
Ете, затоа ни се случува во еден ваков амбиент и атмосфера малкумина професионалци, уредници и новинари што ја работат својата работа нормално и како што треба по сите правила и норми, сѐ почесто да ги прашуваат луѓето, со тивок глас: А бе, ти уште не си уапсен, пази се оти овие не избираат средства. Чувај се, оти ќе треба да ти носиме цигари. Некогашните шеги во социјализмот на оваа тема, денес станаа тажна вистина. Таквите критериуми за нивото на слободата и демократијата ги надминува рамките на медиумите и новинарството и се вистински одраз на многу потешки состојби во македонското општество. Ова е само врвот на примитивизмот изразен преку чуденката како тоа некои луѓе не се во затвор, а ја критикуваат власта. Нема подобра слика од ова прашање до каде сме стасале. Неколку телали на Груевски секој ден повикуваат на линч и апсења, јавно прокламирајќи дека тоа право го даваат изборните резултати. Тоа право го имаше и Слободан Милошевиќ и Фрањо Туѓман и Орбан и Ердоган и Путин и Јануковиќ, да не одиме подалеку во историјата. Сите тие повеќепати добиваа голема поддршка на фер, мирни и слободни избори. Кога паѓаат од власта има една заедничка карактеристика за нивните послушници: сите тие први во глас викаат дека тие не знаеле ништо за тоа колку монструозен бил водачот и како се правени овие црнила.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).