„Заработи тужба“ и „закана со тужба“ е различно
Објавено во Рецензии
on 23 - 02 - 2017 Автор: Владимир Мирчески[Рецензија: Мухамед Зекири ист како Заев: Уште не седна во пратеничката фотелја заработи тужба за изречени лаги и клевети]
Ова е напис со силна доза пристрасност, со сериозна непрециозност која на крајот резултира и со невистинитост. Незнаење или непрофесионалност, конечно не е ни важно зашто фелерот е фелер – „заработи тужба“ и „закана со тужба“ се две различни работи.
Линк до оригиналниот напис: Мухамед Зекири ист како Заев: Уште не седна во пратеничката фотелја заработи тужба за изречени лаги и клевети
Датум и време на објавување: 19.02.2017, 02:15
Датум на рецензирање: 21.02.2017
Рецензент: Владимир Мирчески
ЧЕТИВО – ЗАСТАПНИК ЗА ЕДНАТА СТРАНА
Внимателноста и прецизноста се исклучително важни елементи во новинарската работа, кои дополнително добиваат значење кога се известува за чувствителни настани, како што е наведениот, во кој се инволвирани актуелен пратеник и поранешен шеф на тајната полиција, двајцата од спротивставени политички блокови, и како капак на сè, има најави за тужби. Значи, тој што известува требало да има „очи отворени“ за сè, за секој аспект од приказната која е доста сензибилна – инцидент во кој се инволвирани политичари од различни страни.
Едната – пратеникот, кој лично и јавно, вели дека не му било дозволено да влезе во кафеана зашто во неа бил поранешниот директор на УБК и дека притоа дури заработил и удар од обезбедувањето на поранешниот шеф на УБК, братучед на експремиерот и висок функционер во ВМРО-ДПМНЕ. Значи, пратеникот излегува и дава изјава во која го опишува настанот и бара расветлување.
Другата страна, преку соопштение, не го демантира настанот, во чија суштина е дека пратеникот бил непожелен во тој локал, туку се негира физичкиот контакт.
„Најостро ги демантирам манипулациите дека некој од моето обезбедување го нападнал. Доколку во најкус можен рок не се извини, против него и против медиумите кои шират вакви дезинформации ќе следуваат тужби, вели Мијалков“.
Во ред, ситуацијата е комплицирана. Медиумот требало едноставно да ја пренесе и едната и другата страна, без непотребни заклучоци зашто во тој момент кога е објавен текстот, а според приложеното тоа било во 2 часот наутро, работите сè уште не биле докрај јасни. Но, напротив, некој влегол во толкувања и ја утнал работата. Имено, Мијалков бара извинување за изнесеното, а ако не го добие, ќе поднел тужба, што значи дека тоа е закана со тужба и е различно од тврдењето:
„Мухамед Зекири ист како Заев: Уште не седна во пратеничката фотелја заработи тужба за изречени лаги и клевети“
Понатаму, каква врска во приказната има Заев? Никаква! Очигледно е ставен само како политички „декор“ за да се заслади информацијата зашто веста ама ништо не добива со тоа што е споменат лидерот на СДСМ. Со ваквиот пристап се добиваат поени само кај партиското жири.
Да не го изумиме и бележењето во стилот „наши – ваши“. Во написот имаме формулација „опозициски медиуми“, кои епитетот го добиле само затоа што информирале за инцидентот, а како извор искористиле изјава од инволвираниот пратеник. Значи, „опозициска етикета“ зашто си ја вршеле работата како што треба.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
делумно
делумно
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални, анонимни
релевантни
повеќе извори
повеќестрани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
нема мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
поврзан со тагови