verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Запинг: невротичниот гледач и продуцентот во паника

on 2 - 09 - 2014       
Далечински управувач. Фото: Davide Reppuci, 2007

Далечински управувач. Фото: Davide Reppuci, 2007

 

Како да реагира новинарот или уредникот кога се соочува со гледач кој има „изобилие“ од програми? Кога треба да му „продаде“ свој производ на така наострен неуротик, постојано на работ на трпението? А такви неуротици сме речиси сите ние кога седнуваме пред тв екранот, иако сме претходно просто „заситени“ од информации!

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Терминот запинг се појавува во 90-тите години во САД. Со него психолозите ja означуваат штетната навика на постојано скокање од една телевизиска програма во друга. Зависникот има нервозно растројство, во чија основа стои паника или депресија. Кога човек бесконечно ги менува ТВ програмите, тој се обидува да гледа сѐ по ред, но во пракса не гледа ништо: најважно е нешто да се движи пред погледот, да му дрдори, да му пее… важно е само да не останува сам со себе (или со околните лица од кои е отуѓен). Ова може да се провери на многу извори на сознанија за овој термин (на пример овде).

 

МОЗАИЧНА СТРУКТУРА НА СВЕТОТ

Бугарскиот психолог Здравко Здравков гледа кон феноменот малку пофилозофски – модерната култура е мозаична: „возрасните продолжуваат да чекаат на ред за да ја добијат детската сложувалката наречена реален живот, кој се состои од илјадници фрагменти“. Таа игра бара многу време и кога ќе ве вовлече да ја „изиграте“, но не ве тера да ја играте групно или да се здружувате, но ве фаќа во клопката дека немате време за сериозна аналитика, па рутината доаѓа како олеснување.и како релаксација. За Здравков нема разлика „во денешниот, премногу неромантичен свет, кога некои луѓе гледаат ненаситно серии, во кои ги гледаат реализирани своите неостварена соништа и оние кои гледаат со многу ’сечења’ на другите содржини на малиот екран (музика, вести, репортажи…ништо цело, само „рестлови“).“

Да се вратиме на светот на новинарските лекции. Како реагира новинарот или уредникот кога се соочува со гледач кој има „изобилие“ од програми? Кога треба да му „продаде“ свој производ на така наострен невротик, постојано на работ на трпението? А, такви невротици сме речиси сите ние кога седнуваме пред ТВ екранот, иако сме претходно просто „заситени“ од информации!

Секако, ако добро го поставите прашањето, лесно ќе го добиете и одговорот! Најпрвин, тој мора да избере текст во вест или некаков друг прилог кој треба да го „залепи“ конзументот за екранот и да го натера да го остави далечинскиот настрана. Потоа, треба да смета дека има пред себе гледач кој нема концентрација подолга од половина, најмногу една минута и дека треба да внимава на она дека неговата вест (ако се работи за вест), треба да биде што покуса, за да се прилагоди на „нервниот систем“ на опсерверот.

 

БРИТАНСКИ МЕРЕЊА

Според мерењата кои се вршени на британскиот ТВ пазар, еден од најголемите, со висок степен на сепарација, најголем дел од гледачите немаат навика да гледаат ТВ програма со помош на техники на чување на програмата, на одложено (такви има само 4 отсто!) со прогноза дека нивниот број во наредната деценија ќе се зголеми на 14 отсто (види тука) што значи дека сѐ што му се нуди на опсерверот треба да биде видено од страна на гледач седнат во салонот со влечки на нозете. Значи, тој е подготвен сам да ракува со менувачот, не е на гости (каде ТВ гледа само 5 отсто од популацијата дневно во просек) или во ресторан или слично јавно место (помалку од еден процент).

И, конечно, гледачот го гледа вашиот канал! Мора да се има во предвид дека тој канал најнапред мора да има совршен тон и слика, инаку гледачот нетрпеливо ќе го смени! Потоа, секако предвид доаѓаат другите околности кои, пред сѐ, значат атракција во најавата, чувството дека се следи „ексклузива“.

Интересни се мерењата за покривањата на неколку случки во земјава: „програмските промашувања“ на вевчанскиот карневал пред две години (види тука) и преносите од Европското првенството во ракомет (види на respublic.edu.mk), кои дури и ги нарушија меѓуетничките односи во земјава. Нив ги земаме како пример не заради нивната политичка димензија, туку како илустрација која се базира на прецизни и стручни следења.

 

СТРУШКИ НАСТАНИ

Во дел од известувањето за овие настани, се вели во анализата која ја правеле врвни професионалци во рамки на програма на УНИЦЕФ и Високата школа за новинарство кај нас, медиумите, а тука се и нашите телевизии, најпрвин ги поврзале локалните стереотипи и глобалните стереотипи за групите. Да се уфрлиме со коментарот дека ова, секако, е направено со цел да имаме некакво „додворување“ кон гледачите од својот „делокруг“. Таков наратив бил детектиран кај прилозите „кои ги врамуваат настаните во Струга преку призмата на закана однадвор – отелотворена во конструктот за инфилтрирани радикални структури.“

Но, каква е врската на оваа констатација со нашата тема? Па, во анализата на вестите од овие два настани се покажува дека низ глобалната семантика ТВ веста „по правило се состои од определен број теми или пасуси, подредени во линеарен редослед и според некаква хиерархија. Во вестите ретко се следи хронолошкиот редослед на она што се случило. Наместо тоа, елементите се подредуваат според нивната информативна ’вредност’. Како што се намалува вредноста на темата, така таа е подолу во структурата на веста. Систематското поместување на една тема на пониско место во редоследот е индикатор за нејзината помала информативна вредност“.

Се анализирале карактеристиките на прилозите и се заклучува дека во нив има додавање на (ирелевантни) детали кон значењето на зборовите и речениците може да поттикнуваат интерпретација што поттикнува стереотипии и предрасуди; се употребуваат термини и називи за одделни културни и општествени групи, им се припишуваат црти за да се опишат како поинакви од другите, за да се претстават во негативно светло или да се стигматизираат; кредибилитетот на цитираните говорници се зголемува или намалува со употреба на глаголи или придавки со различно имплицитно значење; во текстот некому се припишува одговорност или некој се ослободува од одговорноста; има објаснувања кои се стремат да ги персонализираат или да ги деперсонализираат субјектите во конкретните околности, итн.

 

КАКО ДА СЕ „ЗАЛЕПИ“ ГЛЕДАЧОТ ЗА ВАШАТА ЕМИСИЈА?

Со квалитативната анализа биле опфатени десет телевизиски станици. Од телевизиските станици, шест кои објавуваат содржини на македонски јазик (Македонска телевизија – прв програмски сервис, Сител, Канал 5, Алфа, Телма, Алсат М – на македонски јазик) и две кои објавуваат содржини на албански јазик (Македонска телевизија – програма на албански јазик, Алсат М – програма на албански јазик).

Во основа, речиси кај сите телевизии е забележано отстапување од професионалните релации со темата, а место тоа имаме пристапи за кои постои сигурност дека веднаш ќе ги „залепи“ гледачите за нивната програма и на тој начин, би додале ние, ќе се сопре негативниот аспект во следењето на програмите генерално што се нарекува запинг. Што е поголема приспособеноста на прилогот до стереотипот кој го има „вграден во себе“ гледачот, толку е полесно да се стави некакво мирување неговата рака која го држи менувачот.

Дека на одговорот на ваквата конкуренција не се имуни ниту најпрофесионалниоте телевизии и нивните уредници, говори еден пример на германската државна телевизија (види тука).

Генерално, медиумите се прилагодуваат на запингот, го третираат сериозно и тие не го „лекуваат“, туку го земаат предвид како нешто тешко совладливо, како што е навиката да се пуши или пие кафе наутро (од нивни аспект можеби и корисно, само „да му се земе мерката“). Еден од визуелните одговори на тој феномен, е појавата медиумите да воведуваат (уфрлуваат) нешто како сопствени реклами за својата програма со крајно динамични секвенци (да речеме тоа го направи можеби прв познатиот Си-Ен-Ен), кој дава вакви форшпани на секои 5-10 минути, со цел да ги направи вестите подинамични, бидејќи тие, според текот на настаните во некој ден и не мора да се тоа! Познато е дека секоја програмска промена, која би била нужна (дури и додека трае гледана емисија, бидејќи треба да влезе гостин во телевизијата, набрзина да се смени сценографијата и т.н.) е вистинска паника за продуцентите. Мора да се најде нешто атрактивно како слика и звук, кои ќе бидат еден вид компензација и давање чувство кај гледачот дека, сепак, е „на вистинскиот канал“. Го прави тоа, за споредба и Македонската телевизија, да речеме во утринската програма, ама без „мајстор“, односно без соодветен материјал (квалитетен и динамичен форшпан) кој би ја разбил утринската монотона и статична содржина.

Таквиот однос кон запингот (има и други термини како „ченел сурфинг“), јасно, постои и во другите сегменти, пред сѐ, во правењето на целата програма, дури и кај најспецифичната – дознавањето и презентацијата на вестите.

Телевизијата одамна престанала да биде пријател, курир и учител на гледачот како во првите денови, туку е само експлоататор на слабостите на конзументот.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).