Законска рамка на правото на заштита на изворот на информации
Објавено во Новинарски лекции
on 5 - 11 - 2015 Автор: Александар Георгиев
До каде оди правото на новинарите да не го откријат својот извор на информации и во кои инстанци мораат да го сторат тоа.
Пишува: Александар Георгиев, адвокат
Слободата на новинарството во голема мера зависи од слободниот протек на информации од медиумите до граѓаните, но и од протекот на информации од граѓаните до медиумите. Заштитата на изворот на информации е неопходна за да се воспостави доверба меѓу „изворот“ и новинарот при информирање на јавноста за работи од јавен интерес.
Правото на заштита на изворот на информациите кај новинарите е признато како во македонското законодавство, така и во меѓународното право. Статистички, во светот повеќе од 100 земји го имаат имплементирано и заштитено ова право во своите законодавства, а во 20 земји ова право ужива апсолутна заштита.
Секое лице што обезбедува информации на новинар се смета за негов „извор“. Новинарите можат да ги добиваат своите информации од сите видови извори. При добивањето информации од заштитениот извор, самиот новинар треба да овозможи адекватна заштита и на сите други информации за кои е веројатно дека би воделе кон идентификување на изворот.
Познавањето на своите законски загарантирани права од новинарите би им помогнало во штитењето од можните притисоци.
ЗАШТИТАТА ВО МАКЕДОНСКОТО ЗАКОНОДАВСТВО
Во Република Македонија, правото на заштита на изворот на информациите најпрво е загарантирано со Уставот во членот 16, став 6, каде се гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање. Со ова на новинарите со самиот Устав им се гарантира правото да ги штитат своите извори, со што се овозможува слободна размена на информации меѓу граѓанинот и новинарот. Ова е од особено значење, бидејќи без таквата заштита, изворите може да бидат одвратени од помагањето на печатот при информирањето на јавноста за работи од јавен интерес.
Закон за медиуми
Со Законот за медиуми се пропишуваат основните начела и услови што треба да бидат исполнети од медиумите при вршење на својата дејност. Едно од прашањата што се обработуваат во овој закон е и заштитата на изворот на информации. Според овој закон, новинарот има право да не го открие изворот на информацијата, односно податоците што можат да го откријат изворот во согласност со меѓународното право и со Уставот на Република Македонија. Покрај новинарот, ова право го имаат и другите лица што поради својата професионална поврзаност со новинарот се запознаени со податоците што можат да го откријат изворот, по пат на собирање, уредничко обликување или проширување на информацијата.
Доколку новинарот има намера да го заштити изворот на информацијата и да се повика на ова право, е должен пред објавување на информацијата за тоа да го запознае одговорниот уредник на медиумот.
Закон за граѓанска одговорност за навреда и за клевета
Што се однесува на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, на новинарот му се дава посебна заштита. Имено, во овие постапки од новинарот не може да се бара да го открие својот таен извор на информации за фактите што е должен да ги докажува. Судот може да побара од тужениот да открие релевантни информации заради утврдување на вистинитоста на објавената информација, без идентификување на изворот на информациите.
Одбивањето на тужениот да го открие тајниот извор на информации не може да се земе како негово признание на вината или да го засновува заклучокот дека не ја докажал вистинитоста на фактите или основаноста на верувањето во нивната вистинитост.
Доста важно што треба да се напомене е дека во ваквите постапки, кои се водат против новинар, судот треба да ги земе предвид сите расположливи докази кои се достапни и за таа цел не може да бара откривање на информација која го идентификува новинарскиот извор.
Закон за спречување корупција
Медиумите имаат голема улога во борбата и во откривањето на корупцијата. Истражувачкото новинарство е важен сегмент и главен сојузник на општеството во откривањето на ваквите појави. Од таа причина, со донесувањето на Законот за спречување корупција, се обработи и дел од законот со кој се овозможи заштита на новинарите при откривање корупциски скандали.
Според овој закон, се забранува каква било присилба, спречување или влијание на друг начин врз средствата за јавно информирање да објавуваат или да не објавуваат информации за случаи на корупција. Никој не може од новинарот што објавил информација за акт на корупција да бара да го открие изворот на информацијата, освен во постапка пред суд.
Непочитувањето на оваа заштита на новинарите претставува прекршок за кој е предвидена глоба од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност, а која се однесува кон оној што врши присилба или на кој и да било начин забранува да се објави или да не се објавува информација за случај на корупција, како и на тој што го попречува пристапот кон изворите на информации во врска со корупцискиот настан.
ЕВРОПСКИ СУД ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА
Европската конвенција за човекови права преку член 10 врши широка заштита на слободата на изразување, вклучувајќи ја и заштитата на изворот на информацијата преку слободата на примање и на пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Според оваа конвенција, која е ратификувана од нашата држава, новинарот ужива целосна заштита во поглед на примањето и на пренесувањето информации кои се од јавен интерес. Судовите во ниеден случај не смеат да го загрозат правото на новинарот да ги штити своите извори, на што укажуваат и бројните пресуди на Европскиот суд за човекови права во корист на новинарите.
„Заштитата на новинарските извори е еден од основните услови за слободата на медиумите, како што е утврдено во законите и во професионалните кодекси на однесување во голем број договорни држави и е потврдено во неколку меѓународни инструменти за новинарските слободи… Имајќи ја предвид важноста од заштитата на новинарските извори за слободата на медиумите во едно демократско општество и потенцијалниот ефект на одвраќање кој го има наредбата за обелоденување на изворот врз спроведувањето на таа слобода, таквата мерка не може да биде компатибилна со член 10 од Конвенцијата освен доколку не е оправдана со најважниот услов за јавниот интерес”. (Гудвин (Goodwin) против Обединетото Кралство – пресуда)
Домашното право и практика на земјите-членки треба да обезбедат експлицитна и јасна заштита на правото на новинарите да не откриваат информации што го идентификуваат изворот во согласност со член 10 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи и принципите утврдени со истата, кои треба да се сметаат како минимални стандарди во однос на тоа право. (Препораката бр. Р(2000)7 за правото на новинарите да не ги откриваат своите извори на информации, Комитет на министрите)
Сепак, Конвенцијата не дава апсолутно право за неоткривање на изворот. Децидно се наведени и условите кога тоа право може да се ограничи.
Случаи кога може да се бара откривање на изворот на информацијата
Европската конвенција за човекови права укажува дека остварувањето на овие слободи може да биде под одредени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за: државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширењето доверливи информации или за зачувување на авторитетот и на непристрасноста на судството.
Оттука, судот може да нареди откривање на изворот на информацијата ако има преовладувачко барање од јавен интерес и ако околностите имаат доволно витална и сериозна природа.
Според Препораката бр. Р(2000)7 за правото на новинарите да не ги откриваат своите извори на информации, јавниот интерес за откривањето јасно претегнува над јавниот интерес да нема откривање, имајќи на ум дека:
– преовладувачкото барање во однос на потребата за откривање е докажано;
– околностите се од доволна витална и сериозна природа;
– потребата од откривањето е идентификувана во смисла дека одговара на неодложна општествена потреба;
– земјите-членки уживаат извесен праг на почитување при процената на таа потреба, но тој праг оди рака под рака со надзорот од Европскиот суд за човекови права.
Она што треба да се напомене е дека новинарите најпрво треба да бидат информирани од надлежните органи за своето право да не откриваат информации што го идентификуваат изворот, како и за ограничувањата на тоа право пред да се побара откривањето.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).