Законот за државно медиумско рекламирање е непотребен и штетен
Објавено во Анализи
on 1 - 02 - 2016 Автор: Александар Писарев
Во коруптивно сомнителни зделки помеѓу власта и медиумите, новинарите наместо да бидат совест на општеството и коректор на негативните појави што ја загрозуваат демократијата, тие стануваат слепи извршители и робови на режимот.
Пишува: Александар Писарев
Во последните десет години во Македонија е создадено општествено милје во кое државата и партијата се рекламираат во толкав обeм што автоматски отвора сомнеж дека врската помеѓу одредени медиуми и владејачката партија, односно државата, може да биде коруптивна. Во такви услови не може да се зборува за слобода на медиуми и за објективно информирање.
Создаден е своевиден паралелизам помеѓу политичките фактори и сопствениците на медиумите, што директно влијае на уредувачката политика и на односот на сопствениците на медиумите и на политичарите врз слободата на новинарското изразување. Во таквите коруптивно сомнителни зделки медиумите наместо да бидат совест на општеството и коректор на негативните појави што ја загрозуваат демократијата, тие стануваат слепи извршители и робови на режимот.
Поради видливите елементи на притисок и на корупција врз медиумите преку партиските и владините реклами, интересот на македонската и на меѓународната демократска јавност за слобода на медиумите во Македонија подигнати се на високо ниво на заинтересираност и на Европската комисија за случувањата во оваа област.
Тоа се гледа и од фактот што во рамките на Договорот од Пржино еден од условите за фер и демократски избори и за излез од политичката криза е и средување на состојбата во медиумите во правец на поголемите слободи и заштита на јавен интерес.
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ како модел „за ослободување на медиумите од партиски стеги“, меѓу другото, предложи закон за информативни и рекламни кампањи на јавните институции.
Член 1.
Со овој закон се пропишуват начелата, постапката на одобрување, начинот на распределба на средствата за финасирање наменети за закуп на медиумскиот простор, односно време за јавно-финсираните информативни кампањи во Република Македонија, како и надлежноста на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (во натамошниот текст: Агенцијата) за издавање на согласност за почнување на јавно-финансираните информативни и рекламни кампањи.
ДРЖАВАТА САКА ДА ГИ ЗАРОБИ МЕДИУМИТЕ
Политичкиот аналитичар Сашо Орданоски смета дека предложениот закон ја одразува потребата на сегашната владејачка структура да го легализира политичкото влијание врз уредувачките политики на приватните медиуми во Македонија, но и да ја претвори државата во голема агенција за односи со јавноста, која ќе наметнува ставови и вредности врз јавноста за јавните и за приватните сфери на животот на граѓаните. Со овој закон, смета Ордановски, ќе се продолжи практиката државата да биде најголем фактор на медиумскиот пазар и да продолжи да ги држи заробени медиумите во своите мрежи на корупција и криминал со медиумските газди.
„Наместо да се повлече од грдата и недемократска практика со пари да влијае врз уредувачките политики на медиумите, власта се обидува тој процес сега да го легализира со, навидум, избалансиран однос, а во суштина толку детализиран и компликуван, што ќе биде невозможно да се спроведе на транспарентен и на праведен начин. Доколку има потреба, државата може да се рекламира во јавниот радиодифузен сервис, а по исклучок и во приватните медиуми, за што не е потребен закон, туку добра волја и политичка коректност за избалансиран пристап во оние ретки пригоди кога ќе се ползува рекламниот простор во комерцијалните медиуми во Македонија. Ние треба да ја напуштиме, а не да ја озаконуваме деликвентската политичка практика на Груевски да пере мозоци во јавноста преку перење пари во провладините медиуми во Македонија“, смета Орданоски.
ДЕРОГИРАЊЕ НА ДЕМОКРАТИЈА
Насер Селмани, претседател на ЗНМ, вели дека предлогот на владејачката партија ја убива смислата за постоење на медиумите во едно демократско општество навремено да информираат, критички да ја опсервираат реалноста и да поттикнат дебата за прашања од јавен интерес и изразува страв и недоверба на власта кон работата на медиумите.
„Се добива впечаток дека власта со јавни пари планира да ја легализира, прошири и да ја надгради корупцијата во медиумите, за да ги контролира и да ја задуши секоја критика во нив. Медиумите да ги заборават граѓаните, јавниот интерес и демократијата и да бидат огласна табла за фалење на владините политики, се прави упад врз мисијата, финансирањето и уредувачката политика на медиумите“, вели Селмани.
Вака како што е предложен, Законот доделува надлежност на Агенцијата за медиуми што не е предвидена во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, ниту е својствена во демократските земји. Никаде во Европа медиумскиот регулатор не одобрува јавни кампањи, не одлучува за нивна дистрибуција во медиумите и по која цена да се емитуваат. Ниту, пак, пресметува проценти и удели за учество на пазар, што е прашање на медиумската индустрија.
Член 8
Постапка за одобрување на информативна кампања
(1) Одобрение за информативна кампања, врз основа на доставено барање, издава Советот на Агенцијата, на предлог на директорот.
Член 12
Закупот на медиуми за кампањата го врши јавната институција врз основа на предлог медиумски план за закуп на медиуми, кој го подготвува Агенцијата врз основа на распределбата утврдена во овој закон и го доставува до јавната институција заедно со одобрението од член 8 став (3) на овој закон. Кампања за која е добиено одобрение од Агенцијата, а која го исполнува условот од член 11 став (2) од овој закон, задолжително се објавува на сите медиуми согласно овој закон, а по потреба и на другите средства за комуникација на кампањи.
ДРЖАВАТА САКА ДА ОДРЕДУВА ШТО Е ЈАВЕН ИНТЕРЕС
Ана Јаневска Делева од невладината „Транспарентност Македонија“, вели дека загрижува одредбата околу казните. „Ако владата и јавните институции надвор од закон објавуваат информативни камапањи, нема да сносат кривична одговорност, туку ќе бидат казнети само со парична казна до 3.000 евра“.
Член 28
Прекршочни одредби
Глоба во износ од 1.500 до 3.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на функционерот кој раководи со јавната институција ако:
Спроведе јавно финансирана информативна кампања без добиено одобрение, спротивно на член 8 став (3) од овој закон;
Склучи договор со секој поединечен медиум на износ различен од утврдениот за поединечниот медиум во предлог-планот за закуп на медиуми, спротивно на член 25 став (2) од овој закон.
Покра тоа, предложениот Закон од страна на ВМРО-ДПМНЕ за јавен интерес ја прогласува секоја активност на владата и на јавните институции, тековни и идни активности на владата, цели и очекувања на владини политики, проекти и активности на владата, законски измени и фискални политики.
Член 5Оправданост на информативната кампања
– информирање на јавноста за тековни или идни владини политики, програми, проекти или услуги, вклучувајќи и фискални политики, за кои е потребна поголема јавна поддршка;
– информирање на јавноста за целите, очекуваните резултати, или причините за тековните или идните владини политики;
– информирање за програми, проекти или услуги, вклучувајќи ги и фискалните политики;
– промовирање на економската активност или сектор на економија на Република Македонија или планови и на Владата за поддршка на економската активност или сектор…
Жанета Трајкоска од Високата школа за новинарство и односи со јавност, вели дека тоа во превод значи со јавни пари да продолжи и да се засили промоцијата на партиската програма. Така ќе се легализира корупцијата во медиумите, ќе се зајане државната контрола врз нив и ќе се задуши секоја критика во медиумите.
„Апсолутно нема потреба од донесување ваков закон, бидејкуи е вон умот, Владата преку кампањи да ги рекламира своите достигнувања или она за што е избрана и платена од граѓаните. Кампањите од широк јавен интерес, како што се на пример потреба од вакцинирање, потреба од редовно плаќање на данок и слични кампањи…, треба да се рекламират преку јавниот сервис и тоа бесплатно. Сè друго што е предложено во законот има многу коруптивни елементи. Затоа е апсолутно непотребно негово донесување“, вели Трајкоска.
Тамара Чаусидис, претседателката на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници, вели дека е жално е што медиумските организации и новинарската заедница се ставаат воопшто во ситуација да имаат мислење за предлози кои, според својата грда логика и апсурдност, воопшто и не се кфалификуваат за нив да се има мислење.
„Но, оваа ситуација не е нова. Веќе со години се расправаме со луѓе кои се ставени во позиција да креираат политики кои во нормални услови би биле предмет на потсмев и на индигнација. За жал, во длабоко политизирано општество, бомбардирано со сите средства на перење на мозок, доведени сме во ситуација да расправаме за ординардни глупости и да ги третираме сериозно“, вели Чаусидис.
ВЕСЕЛА МАТЕМАТИКА
Идентично мислење има и комуникологот Климе Бабунски, за кого донесување на ваков закон е апсолутно беспредметно и како идеја треба веднаш да се отфрли. За него е загрижувачка упорноста и насилноста да се донесе една ваква небулозна регулатива која го гуши новинарството, јавниот интерес и слободата и ги претвора медиумите во огласна табла на власта.
„Наместо што имаме четирнаесет страници текст и безброј нејасни и конфузни формули за математички пресметки за износ на закуп на рекламниот простор, законот треба да има само еден член: не е дозволено никакво рекламирање и спроведување јавни кампањи од страна на владата и нејзините инситуции. Сè друго што би се применило би било корупција на медиумите и е спротивно од јавниот интерес“, смета Бабунски.
Бабунски алудираше на член 23, во кој по сложена математичка формула треба да се одреди колку пари треба да се платат за рекламирање во одделни списанија, според читаноста:
Член 23
Пресметка на износот на средствата за закуп на специјализирано списание
(1) Износот на средствата за закуп на секоe поединечно специјализирано списание, ќе го пресмета како збир од линеарна компонента за специјализирани списанија и дел за компонента за удел на читаност на конкретното списание.
(2) Линеарната компонента од став (2) на овој член се пресметува како: Budget_L = (X9 * Budget_Total * PR * PR_magazine) / N, каде X9 e процент на учество на линеарната компонента за специјализирани списанија, Ne број на специјализирани списанија.
(3) Компонентата за удел на гледаност од став (2) на овој член се пресметува како: Budget_V = Y9 * Budget_Total * PR * PR_ magazine * R_PR_ magazine_imena magazine, каде Y9 e процент на учество на компонентата за читаност на на специјализирани списанија.
Во 2012 година од јануари до октомври, во дневниот весник „Дневник“ државата со своите владини кампањи и огласи се рекламирала 211 пати на 154 страни, а владејачката политичка партија ВМРО-ДПМНЕ 187 пати на 167 страни.Ставајќи го медиумот во финансиска зависност и поданичка позиција, тој е присилен да крши некои основни новинарски стандарди и да не се придржува до новинарскиот кодекс и јавен интерес. Во ,,Дневник“, во истиот период, во функција на популизмот на владејачката гарнитура објавени се на пример овие вести: ...„Владата организира бесплатни екскурзии на учениците да ја разгледуваат Порта Македонија“.., „За Велигден градот организира бесплатен превоз до гробишта Бутел“.., ,,Во Трпејца ќе се организира манифестација Гледање на зајдисонце“... „Во Прилеп Ј.П. Водовод и Општината бесплатно ќе им поправаат чешми на граѓаните“..., ,,Министерот Ставрески постави камен темелник за новиот пазар во Крушево“...