verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Закон за заштита на приватноста: Кога Уставот ќе стане „тоалетна хартија“

on 17 - 11 - 2015       
Овој напис го има и на: Албански
Протест против законот за цензура организиран од Ајде! во Скопје, 7.10.2015. Фото: Ванчо Џамбаски (CC BY-NC-SA).

Протест против „законот за цензура“ организиран од Ајде! во Скопје, 7.10.2015. Фото: Ванчо Џамбаски (CC BY-NC-SA).

 

Медиумите можеа, а не поставија поголем број прашања во врска со донесувањето на Законот за заштита на приватноста.

 

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт по човекови права

 

Во октомври 2015 година, до Собранието беше доставен предлог за донесување Закон за забрана за поседување, обработка, објавување и за располагање со материјали што произлегуваат од незаконско следење на комуникациите. Овој предлог предизвика огромен број негативни рекации и од многумина беше идентификуван како облик на отворена цензура и на заштита на криминалот (ЗНМ, „Призма“, НВО Инфо-центар).

Под насловот „Не ја даваме вистината!“, на 7 октомври беше одржан протест пред Собранието на Република Македонија.

Во медиумите беа пренесени и изјави од претставници на Медиумската организација на Југоисточна Европа

„Прво, не е прифатливо и е против основните човекови права да се прислушува народот, како што е сторено во Македонија во изминатиот период. Ако новинарот од некои извори ги добие прислушуваните материјали и ако детали од прислушувањето се од јавен интерес, тогаш медиумите имаат право да ги објават. Се разбира, секој што го има овој материјал в раце, мора да ја заштити приватноста на лицата што се прислушувани, но ако со оваа информација јавноста биде запознаена со нелегални активности на државата, корупција и со криминални активности на лица што извршуваат јавни функции, тогаш јавноста има право да го знае тоа.“

Дел од медиумите пренесоа ставови дека целокупниот Договор од Пржино може да биде доведен во прашање поради овој предлог, а повлекувањето на предлогот од собраниска процедура се поврзува, меѓу другото, и со потребата од негово прилагодување на европските стандарди.

На 9 ноември 2015 година, како дел од пакетот закони поврзани со Договорот од Пржино, беше донесен и Законот за заштита на приватноста. Донесувањето на овој закон предизвика многу помал интерес, како кај јавноста, така и кај медиумите и се однесува, пред сè, на податокот дека медиумите нема да бидат спречени и понатаму да ги преобјавуваат веќе објавените „бомби“. Фактот дека предложениот и донесен законски текст е резултат на договор меѓу политичките партии, како да беше доволен за медиумите да изгубат интерес за текстот на законот.

Меѓутоа, за критичките и за објективните медиуми кои не се тесно поврзани со одбраната на ставовите на конкретни политички партии, токму донесувањето на еден ваков, „компромисен“ закон треба да биде од особен интерес. Анализата на текстот на овој закон може да биде искористена за толкување на многу политички случувања и на евентуалниот правец во кој се движи разврската на кризата во Република Македонија. Тоа што суштински акцент во законот е ставен на човековите права и на нивната заштита, треба да претставува дополнителен стимул за медиумите за негова анализа и за преиспитување.

 

Непоставени прашања за Законот за заштита на приватноста

 

Медиумите можеа, а не поставија поголем број прашања во врска со донесувањето на Законот за заштита на приватноста. Само како пример би издвоила три:

  • споредба на двата предлози,
  • клучниот концепт – приватноста и
  • затскривањето зад европските вредности.

Прво прашање што медиумите можеа да го постават во врска со донесувањето на овој закон е за тоа што е поинакво во овој закон од тој што беше предложен претходно, под називот Закон за забрана за поседување, обработка, објавување и за располагање со материјали што произлегуваат од незаконско следење на комуникациите. Многу мал број медиуми се впуштаат дури и во површна компарација на текстовите на двата закони. Најголем дел од нив се задржуваат на разликите во казнувањето (кривичната одговорност за новинарите) и на аспектот на приватноста како ограничувачки елемент во објавувањето.

Меѓутоа, ова е исклучително важно прашање, токму од аспект на понатамошна анализа на компромисите што се направени во текот на преговарањето. На пример, и во Законот за заштита на приватноста, исто како и во претходниот закон, стои: „…Со Законот се утврдува и забрана за поседување, обработка, јавно објавување и за располагање на кој било начин со материјали што произлегуваат од незаконско следење на комуникации извршени во периодот од 2008 до 2015 година, вклучувајќи и нивно користење и располагање во изборен процес, политички и други цели и постапки“ (член 1 став 3); „Секој што поседува материјали од незаконско следење на комуникации, во согласност со член 1 од овој закон, е должен во рок од 20 дена од денот на стапување на сила на овој закон да ги предаде материјалите на надлежниот јавен обвинител, во согласност со закон“ (член 2, со мала измена во рокот кога материјалите треба да бидат предадени).

Медиумите не ја проблематизираа нелогичноста на овој член. Имено, дали ова значи дека не е забрането „поседување, обработка, јавно објавување и располагање на кој било начин со материјали што произлегуваат од незаконско следење на комуникации…“ извршени во некој друг временски период? Зошто би било ова забрането за овој период, а не во секој случај?

Второто прашање што требаше да ги заинтересира медиумите, се однесува на поимот „приватност“. Во сите медиуми се спомнува заштитата на приватноста, меѓутоа во многу мал број медиуми се нуди какво било објаснување за тоа што се подразбира под приватност. Најчесто објаснување е:

Забраната за објавување важи само за снимки кои се од приватна природа, а под приватно се подразбира објавување нечии семејни и лични односи, религиска или етничка припадност, политичка припадност или здравствена состојба“.

Ваквото објаснување може да доведе до сериозни нарушувања во практикувањето на слободата на изразување и до недоследности во почитувањето на уставната одредба со која се забранува цензурата, како и на членот 54 од Уставот, според кој „ограничувањето на слободите и на правата не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и на казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и на вероисповеста“.

Една иста работа, односно активност во одреден случај може да се смета за приватна, а во друг да биде од јавен интерес. На пример, доколку во некој телефонски разговор станува збор за интимни и сексуални односи, тоа спаѓа во областа на приватноста, меѓутоа, доколку тие интимни и/или сексуални односи се дел од кадровкста политика во одредено министерство, тогаш нивното дознавање е од јавен интерес за разоткривање на злоупотреба на должноста, мобинг или вознемирување.

Еден човек, може во една ситуација да се смета за обичен граѓанин и изнесувањето на неговите семејни односи да претставува зафаќање во неговата приватност, а во друга ситуација да биде судија чии семејни односи и врски имаат влијание врз водењето конкретен судски процес и како такви, тие се од јавен интерес за откривање можни прекршувања на законите.

Трето прашање што треба да ги заинтересира медиумите е согласноста на овој закон со Европската конвенција за заштита на човековите права. Тоа што еден закон се повикува на оваа конвенција, па дури и во текстот ја спомнува конвенцијата, воопшто не значи дека законот навистина произлегува и се базира на вредностите на оваа конвенција. Напротив, овој закон во ниту еден свој дел нема врска со Европската конвенција за човековите права и со вредностите што таа ги застапува.

Сето ова мора да стане дел од анализите и од интересот на медиумите доколку не сакаат во одреден момент да се најдат во стапицата на еден противречен и недоречен закон или, уште полошо, во стапицата на самоцензурата базирана на незнаење.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).