verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Закон за кривична постапка: Промени треба да се прават, прашање е какви?

on 30 - 03 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански
Божицата Правда - статуа од Судот во Техеран. Иран. Фото: Википедија.

Божицата Правда – статуа од Судот во Техеран. Фото: А.К.Садиги, Википедија (CC BY-SA)

За поцелосно да ја информираат јавноста во врска со промените на Законот за кривична постапка, медиумите треба да обрнат внимание на потребата од скратена постапка, соодветноста на предложената измена и зошто периодот за подготовка на одбраната е ставен пред поднесување на обвинителниот акт.

Пишува: Проф. Мирјана Најчевска, експерт за човекови права

 

Во медиумите се појави информација за иницијативата на неколку адвокати, која пред Собранието ја формулирале како свој предлог двајца пратеници, за промена на Законот за кривична постапка:

Дел од медиумите ги пренесоа реакциите на оддлени политички партии во врска со оваа иницијатива:

За едни, овие законски промени се прават со цел да им се даде можност

за поефикасна одбрана на осомничените

за други, законските промени се прават со цел

да го легализираат криминалот во Република Македонија и да ги наградат криминалците“.

Неколку моменти од поднесувањето на иницијативата им привлекоа внимание на медиумите:

  • Предлагањето на промените непосредно пред распуштањето на Собранието

Промените на Законот за кривична постапка (ЗКП) на 9 дена пред распуштање на Парламентот се во интерес на политичкиот естабилишмент.

  • Разликите меѓу иницијативата дадена од групата адвокати и поднесениот предлог

Тоа не е предлогот што ние сме го доставиле до Собранието. Очигледно нашиот предлог некој го доработувал и го приспособил на сопствените потреби и цели.“, изјави адвокатот Оливер Вуксановиќ

  • Конфликтот на партиите околу процедурите за постапување по дадениот предлог

Предлог измените на Законот за кривична постапка не стигнаа на разгледување на собраниската комисија за политички систем. Пратениците од власта и опозицијата се скараа околу деловникот. Од опозицијата поднесоа 67 амандмани и побараа според процедурата на седницата да има претставник од владата кој ќе го образложи ставот за предлог измените.

Меѓутоа, од медиумското известување граѓаните не добија информации и анализи во врска со две многу суштински прашања.

Прво, тоа е прашањето за донесување на законската промена во скратена постапка. Во дел од медиумите е дадено образложението дадено и во самиот предлог, според кое бидејки станува збор за мала промена, законот може да се донесе во скратена постапка, меѓутоа во ниту еден медиум не е адресирано ова како проблем. Имено, од аспект на квантитет навистина станува збор за минорна промена, меѓутоа од аспект на суштината на кривичната постапка ова е прашање од исклучително значење, затоа што е прашање поврзано со остварување на едно од основните човекови права – правото на правично судење. Во таа смисла ова е е прашање кое бара широка расправа на ниво на стручњаци практичари (адвокати, судии, јавни обвинители), кои ќе дадат увид во проблемите со кои се судираат во пракса. Понатаму, бара јавна расправа на стручњаци теоретичари (кои проблемот ќе го стават во контекст на правниот систем, на меѓународните конвенции и во контекст на препораките дадени од страна на Европскиот суд за човекови права).

Второ, тоа е прашањето за соодветноста на предложената измена. Доколку се сака да се постигне еднаквост на страните во кривичната постапка, треба да се има предвид дека во оваа постапка важи принципот на презумција на невиност. Тоа значи дека Јавниот обвинител (односно обвинението) е тоа кое треба да ја докаже вината на осомничениот. Тоа само по себе значи потреба од подолг временски период на собирање докази, на проверка на доказите, на избор на доказите кои можат да го поткрепат обвинителниот акт. Одбраната е таа која не докажува невиност на осомничениот, туку едноставно ги оспорува дадените докази.

Ова води и кон третиот елемент кој станува проблематичен и интересен за јавноста (и за можна јавна расправа), зошто периодот за подготовка на одбраната е ставен пред поднесување на обвинителниот акт, наместо по неговото поднесување. Имено, токму во обвинителниот акт се формулирани и обвинението и се дадени сите докази кои обвинението ги смета за релевантни. Што значи дека токму тие наводи треба да ги оспори одбраната (или барем да ги направи несигурни). Значи, од интерес на осомничениот е да добие поголем простор за подготовка на одбраната кога ќе стане обвинет.

Интересен момент во пренесувањето на овој предлог се и пресудите на Европскиот суд за човекови права, каде што упорно се укажува на нерамноправноста на страните, меѓутоа не од аспект на роковите, туку од аспект на поврзаноста на Јавното обвинителство со судиите (судовите) и можностите и провилегиите кои ги има Јавното обвинителство во добивањето на податоците потребни за постапката.

Посебен интерес за медиумите треба да претставува видот на мнозинство потребен за донесување на овој закон и што значи тоа од аспект на скратената постапка која е предложена за негово донесување.

Темите кои имаат правна основа, можат (и многу често имаат политичка конотација, посебно во услови на политичка и институционална криза во каква веќе подолго време се наоѓа Република Македонија). Меѓутоа, тие пред се треба да се разработуваат и презентираат во нивната правна димензија и правното значењет кое го имаат. Овој начин на обработка на овие теми може да фрли и посебно светло на политичките настани, меѓутоа, и да оневозможи напуштање на линијата на заштита на човековите права во име и заради одредена политичка конјуктура.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).