verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Закон за домување: Имињата на станарите не смеат да се најдат на огласна табла

on 21 - 04 - 2015       
Овој напис го има и на: Албански
Еве каде може да заврши вашето име од домофонот ако не сте внимателни - на Интернет и тоа на страницата на фото сервисот „Фликр“ и тоа со лиценца „Криејтив Комонс“, што значи дека секој може да ја преземе и објави фотографијата со Вашето име и презиме - исто вака како што ние сега тоа го правиме и тоа сосема легално. Фото: Фликр
Еве каде може да заврши вашето име од домофонот ако не сте внимателни – на интернет и тоа на страницата на фотосервисот „Фликр“, и тоа со лиценца „Криејтив комонс“, што значи дека секој може да ја преземе и да ја објави фотографијата со вашето име – исто вака како што ние сега тоа го правиме комплетно легално. Фото: Фликр

 

Со оглед на есенцијалноста на личните податоци за индивидуата, неопходно е секој систем за обработка на лични податоци да биде дизајниран така што ќе гарантира и обезбеди нивна сигурност, доверливост, интегритет и достапност. Истовремено, потребно е подигнување на свеста за значењето на личните податоци.

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Во анализата на Законот за домување објавена на „Приватност.мк“ се заклучува дека обемот на личните податоци што се обработуваат е соодветен со целта, но практиката укажува на објавување поголем обем на податоци на огласните табли во зградите. Во Законот за домување не постои одредба која предвидува објавување список нa станари со име и со презиме кои не платиле тековно одржување, а со самото тоа оваа обработка се смета за преобемна во однос на целта што треба да се постигне.

Рок на чување на податоците е предвиден само за видеонадзорот – 30 дена. Потребно е да се прецизираат и роковите на чување на останатите лични податоци.

Иако е предвидено усогласување со Законот за заштита на личните податоци, нема член кој укажува на обврската на заедницата на станари за внатрешно уредување на техничките и на организациските мерки за заштита на личните податоци.

 

ЗАКОНИТЕ СЕ ДЕЦИДНИ

Рокови за чување на собраните лични податоци мора да бидат точно дефинирани.

Во Закон за домување, член 55 стои:

Статутот на заедницата на сопственици на посебните делови особено содржи:

1) име и седиште на заедницата на сопственици;

2) име и адреса на сопствениците на посебните делови – членови на заедницата;

3) податок од уписот во катастарот на недвижности;

4) начин на одлучување на заедницата на сопственици;

5) начин на именување на претседател и негови овластувања;

6) име или фирма и престојувалиште или седиште на претседателот и

7) начин на исполнување на обврските на членовите на заедницата.

Овој член е директно е во колизија со Законот за лични податоци, а се негира и со самиот Закон, односно со член 56 кој вели:

Име и седиште на заедницата на сопственици

(1) Името на заедницата како правно лице е „3аедница на сопственици“ со адреса на станбената зграда.

(2) Седиштето на заедницата на сопственици е адресата на станбената зграда.

Ист е случајот и со член 57, во кој стои дека запишување во Централниот регистар на Република Македонија, заедницата на сопственици го врши со одлука за основање и статут на заедницата на сопственици.

Овие членови се во согласност со Закон за заштита на личните податоци за јавно необјавување на имињата, во овој случај, на станарите на зградата.

Инаку, во член 2 од Законот за заштита на лични податоци се вели дека личен податок е  секоја информација што се однесува на идентификувано физичко лице или физичко лице кое може да се идентификува. Лице кое може да се идентификува, пак, е лице чиј идентитет може да се утврди директно или индиректно, посебно врз основа на матичен број на граѓанинот или врз основа на едно или повеќе обележја специфични за неговиот физички, физиолошки, ментален, економски, културен или социјален идентитет. Матичните броеви, имињата на родителите и други приватни податоци на студентите, не смеат да се наоѓаат на огласните табли.

 

КАКО ВЕЛИ ЗАКОНОТ

Според информациите од Дирекцијата за заштита на лични податоци, фирмите за домување не смеат јавно да ги истакнуваат личните податоци на станарите, со што ќе се спречи нивна понатамошна злоупотреба. Во насоките од Дирекцијата се вели дека сигурноста и тајноста на личните податоци, како суштествен дел од правото на приватност, подразбира заштита на личните податоци на поединецот во врска со која било операција на обработка, односно нивно собирање, користење, чување, пристап, пренесување и друго. Со оглед на есенцијалноста на личните податоци за индивидуата, неопходно е секој систем за обработка на лични податоци да биде дизајниран така што ќе гарантира и обезбеди нивна сигурност, доверливост, интегритет и достапност. Истовремено, потребно е подигнување на свеста за значењето на личните податоци.

За огромната важност на сигурноста и на тајноста на личните податоци треба да се спомене дека личните податоци се нераскинливо поврзани, или поточно го определуваат идентитетот на индивидуата.

 

ПOСЕБНИ КАТЕГОРИИ НА ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ?

Како „чувствителни“ лични податоци се сметаат оние податоци што го откриваат расното или етничко потекло, политичко, верско, филозофко или друго уверување, членството во синдикална организација и податоци кои се однесуваат на здравјето на луѓето, вклучувајќи ги и генетските податоци, биометриски податоци или податоци кои се однесуваат на сексуалниот живот (на пример, единствен матичен број на граѓанинот кој е најчесто предмет на можни злоупотреби во практика).

За еден податок (па и на огласна табла во станбена зграда) да биде објавен, треба да се има согласност од личноста.

Согласноста подразбира слободно и изречно дадена изјава на волја на субјектот на лични податоци, со која се согласува да бидат обработени неговите лични податоци за однапред определени цели.

Во кои случаи и во однос на кои лични податоци е потребна согласност на субјектот, стриктно е определено во самиот закон. Притоа, контролорот на личните податоци е неопходно првин да ја обезбеди согласноста на субјектот, па дури потоа да пристапи кон нивна обработка.

Збирка на лични податоци (како што е онаа на станари во станбена зграда) претставува секоја структурирана група лични податоци која е достапна во согласност со специфични критериуми, без оглед дали е централизирана, децентрализирана или распространета на функционална или географска основа.

 

ЗАШИТА И СПОРЕД УСТАВ

Во Република Македонија, правото на заштита на личните податоци првпат е нормирано во член 18 од Уставот на Република Македонија, со што е поставена основата за обезбедување гаранција на сигурност и на тајност на личните податоци и заштита од повреда на личниот интегритет на граѓаните. Во 2005 година донесен е Законот за заштита на личните податоци кој е lex generalis во оваа област. Правната рамка за заштита на личните податоци во Република Македонија ја дополнува и Законот за ратификација на Конвенцијата за заштита на физичките лица во поглед на автоматската обработка на личните податоци, како и Законот за ратификација на Дополнителниот протокол кон Конвенцијата за заштита на физичките лица во поглед на автоматската обработка на личните податоци, во врска со надзорните тела и прекуграчичниот пренос на податоци.

Со Законот за заштита на личните податоци воспоставен е еден нов концепт во Република Македонија, кој подразбира вклучување на правото на приватност на граѓаните во нашиот правен систем и негова заштита, односно заштита на нивните лични податоци. Со Законот за заштита на личните податоци, приватноста станува компонента на новото информатичко општество, а не само индивидуална потреба.

Од сето ова може да се заклучи дека изнесувањето податоци на огласна табла во станбена зграда е противзаконско. Станарите имаат две опции:

  • Да пријават во Дирекцијата за заштита на лични податоци
  • Да покренат судска постапка

Сепак, мора да сфатат дека со изнесувањето на нивните податоци се крши законот. Законодавецот, пак, мора да го измени членот 55 од Законот за домување, кој ќе содејствува со Законот за заштита на лични податоци. Медиумите (кои премалку време посветиле на оваа проблематика) мораат да известуваат за ваквите дејства и да истакнат дека фирмите за домување го кршат законот со изнесување податоци на огласна табла во станбените згради.

 

Користени извори:


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).