verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

За старата рана која никој не треба да ја лекува

on 23 - 09 - 2016       
Типичен спин. Фото: колаж СПФМ
Типичен спин. Фото: колаж СПФМ

 

 

Во социјалната и духовната сфера, кон кои е свртена новинарската страст за сознание, информација и комуникација, се вкрстуваат настани и тенденции со етичко значење, низ кои вријат моралните дилеми. Ангажираното поставување кон нив и доблесното справување со нив од страна на едно развиено, одговорно и морално новинарство, ја крепи стварноста со еден голем импулс кон прогрес, каков што ни е потребен, сега, повеќе од кога и да е

 

Пишува: д-р Дејан Донев, вонреден професор по етика во новинарството и етика во медиумите

 

Но, запоставувањето на моралните проблеми од страна на новинарството, неговата неодговорност или отфрлање на етичкиот ангажман, како и неразвиеноста или упадот во новинарството, а во таа смисла и губењето на неговата етичка височина, се сериозен импулс кон назадување на општеството. А, таков имаме во моментов без разлика кој и на каков начин се обидува да го „нашминка“ и да го прикаже како прогрес. Реалноста, секојдневието, примерите…, се за тоа! Иако скриени под превезот на „розовата слика“ за економскиот и за политичкиот развој на државата, во секоја најава и прилог на провладините медиуми, истите се враќаат како бумеранг и „удираат“, а бидејќи изборите се ближат, го обновуваат и помалку подзаборавеното прашање на меѓуетничките тензии во Р. Македонија, како најдоходовно средство за успех на изборите.

Затоа се бара одговорно новинарство (а кое сѐ  помалку го имаме, особено во предизборието), стабилни решенија и издржани акции. „Медиумите не смеат да дозволат да бидат арена за натпревар во кој најмоќните ќе се изборат да доминираат со своите пораки, а новинарите ги потсетуваме да бидат искрени кон публиката, но и кон фактите, за да не влезат во стапицата на навивачко новинарство“, беше дури и апострофирано на последната прес-конференција на Советот за етика на медиумите во Македонија. Ова оттаму што тезата дека етичното новинарство во своите тенденции за објективно, вистинито и избалансирано известување, не трпи ад хок и неиздржани  решенија, особено не очевидни грешки без демант, е вистинита бидејќи новинарството е јавна дејност подложна на моралниот суд на јавноста.

Во оваа смисла, „изјавата“ на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, дадена или подобро речено согласно фактите и ситуација, извлечена од контекст и постулирана како изјава на лидерот на СДСМ за двојазичноста на цела територија на Република Македонија или дека секој има право да учи на мајчиниот јазик и дека со тоа никој од спротивната етничка заедница не губи, уште повеќе укажува на фактот дека новинарството не смее да биде во служба на „партиските кујни“, туку истото треба да биде во потрага по вистината и по точните и проверени факти. Реалноста во постоењето на демократското општество го тврди спротивното, т.е. дека кај нас во „партиските кујни“ со спинување и „мајка би си продале за столче“, односно Езуитското правило дека целта не одбира средства, доколку политичкиот врв е посакуваната дестинација. Со тоа се лансирашемегацрна кампања во која ВМРО-ДПМНЕ тврди дека СДСМ ќе воведе двојазичност на целата територија на Македонија и дека ќе придонесе во поделба на земјата, федерализација, целосен Армагедон“. Уште повеќе што „ВМРО-ДПМНЕ и народот нема да му дозволат на Заев да тргува со националните интереси“!

 

ВЕЌЕ ВИДЕНО – СМЕНИ ГО КОНТЕКСТОТ И НАПАДНИ

Но, што, всушност, се случи? Имено, при посетата на Заев на жителите на Прилеп, во услови во кои, доколку ги проследите извештаите на провладините медиуми, прво нешто со што сите почнуваат е сликата на Заев како предавник поради ангажирањето на Мухамед Зекири како нов член на извршниот одбор на СДСМ, со што амбиентот лека полека се крои по теркот на „кујната“ која вели дека мора да има и изјава со која меѓуетничката тензија ќе се уфрли во игра за предизборието да добие на жестина сходно моделот „патриот-предавник“. И така во низата прашања и дадени изјави на истите, се провлече и тоа: „Заев планира да го инсталира албанскиот јазик како официјален и во општините каде што воопшто не живеат Албанци“, но извадено од контекст, затоа што секој што сака да види, да слушне и да знае да разликува контекст од логички след, ќе препознае „на прва“ дека идејата со изјавата се однесуваше сходно тезата „обединети во разликите“ или уште повеќе сходно народната „што повеќе јазици знам, тоа сум побогат“!

Но, бидејќи истата изјава (од контекст) не соодветствува во доволна мера за да се направи „вест на денот“ со ерупција емоции искажани преку анкетите снимени и пуштени во ТВ-дневниците на провладините медиуми, истата ургентно се поврзува со гостување на Заев на порталот „Нова ТВ“ од каде овие медиуми ќе влечат евентуални „докази“ што тој мислел кога го рекол тоа што го рекол во посетата на Прилеп – „Заев се сили со албански гласови: Цела Македонија ќе ја направам двојазична“, односно дека: „промовирал антимакедонска политика која оди на штета на македонските национални интереси, иако таму Заев зборува за потребата од албански гласови, а никаде не споменува дека Македонија ќе ја направи двојазична“. Би се рекло класичен школски пример за спин, но едновремено и доволен показател дека сѐ уште не сме зрели за добро новинарство, т.е. дека „прекапавме“ за медиумски реформи, бидејќи сме без капацитет за професионално новинарство, кое во моментов во најголем дел го злоупотребуваме, подведувајќи го на интересите на партискиот маркетинг и пропаганда, спинувајќи и ширејќи дезинформации.

И сега, психијатриски, кон одговорот на прашањето се однесувате со ново прашање, тогаш зошто истиот неуспешен скандал да не го лиферувате во повеќе ваши медиуми. Особено со „страшно продлабочени и издржани со факти“ анализи од „кујната“ на Ивона Талеска – „Најавата на Заев за воведување двојазичност низ цела Македонија има континуитет во СДСМ“. Уште повеќе, процентуално тоа изгледа вака: од 38 добиени информации под терминот „Заев во Прилеп“, барем 30 се на провладини медиуми кои истураат дрва и камења по Заев. Целта е јасна – подгревање на емоциите кај народот, а народот е тој што „ќе одлучи и ќе казни на изборите“! Веќе сте завршиле барем половина од работата во предизборието, затоа што ова креирано сценарио ќе се провлекува сè до изборите, не во однос каква програма или идеи имате вие, туку што прави противникот, без да се има предвид дека некој во толпата може и да ви забележи дека тоа е психологија на губитниците и на завидливите, алчните – „наместо да се занимаваат со својата чинија, упорно гледаат што има кај другиот“! А чорбата во чинијата ќе ја зачините со „експерти и луѓе кои интензивно ги следат политичките случувања“ (пред сѐ, реномираниот политички аналитичар Васко Ефтов) и за коиваквите изјави на Заев се влез во предизборна кампања“, во која, како што велат, „Заев се бори за чесен пораз“.

 

ВЕЌЕ ВИДЕНО – ПОБАРАЈ ПОМОШ ОД „ЕКСПЕРТИТЕ“

Уште повеќе, што истиот креиран „дебакл на опозицијата“ ќе го искористите за создавање амбиент за „федерализација на државата“ и, нормално, ќе ја повикате својата пешадија од експерти, познати како „гдомовци“, најистурениот забавен дел од нив (Тони Михајловски, Александар Пандов и Александар Даштевски) да го преземе „сочното толкување“ и „можните последици“ од изјавите на лидерот на опозиција во однос на македонскиот народ: „идејата за двојазичност на целата територија од земјава, може сериозно да го доведе во прашање идентитетот на македонскиот народ и држава“, односно декаЗаев најавува втор охридски договор“.

Дека тоа не смее да биде така, медиумската реалност потврди преку бранот присебни коментари дадени од страна на политичарите, кои, за среќа, овојпат, некои помалку, некои повеќе трезвени, препознаа премногу евтин и понижувачки трик на „партиска кујна“ и со одредена доза резервираност присебно само искоментираа дека: „таквата изјава треба да се поздрави, но треба да имаме предвид дека статусот на албанскиот јазик треба да се регулира според Устав и Охридскиот договор“. Уште повеќе штосо спинувањето за двојазичност ВМРО-ДПМНЕ прави огромна штета“. Без многу врева затоа што знаат дека нема место за разумност во тезата која се пласира, односно дека употребата на албанскиот јазик е веќе регулирана со Уставот и нема никаква потреба за нови интервенции. Сепак, навредливи ноти од дежурните позициски ревносни редови, артикулирани како и секогаш низ ликот на Илија Димовски, беа пласирани ескпресно: „човекот повеќе не е смешен, човекот е опасен за македонските државни и национални интереси… и немој да мислите дека не разбира што зборува, разбира и знае“.

Но, опозицијата не губеше многу време ниту простор да објави демант, иако во овој случај, доследно на вистинитоста и на логиката на изјавата, нема потреба, освен едно кусо, но содржајно објаснување – „еднаш кажав и тоа е доволно за човек кој сака да види“! Ова оттаму што логичноста на изјавата е содржана во веќе реализираната идеја за високо образование на албански јазик, идејата за економски просперитет…, а за кои ви е потребен паметен народ, но како севкупност од сите кои живеат во границите на државата плус дијаспората.

И кога сме кај јавноста, истата веќе во периодот од 10 години има доволно докази за (не)успешноста во развојот на оваа држава: „во 2006 година, актуелниот премиер Никола Груевски ја презеде функцијата. По четири сѐ посомнителни избори, тој успеа да ја консолидира власта со ослабување на судството, маргинализирање на опозицијата и со уништување на независните медиуми. Во 2007 година Македонија беше рангирана на 36. место, пред Соединетите Американски Држави, според индексот за слобода на медиумите на „Фридом хаус“. Минатата година, Македонија потона на 123. место, пропаѓајќи со земји како Венецуела. Во меѓувреме, економијата на земјата останува во живот преку остар и неодржлив пораст на задолжувањето“. Сѐ се остава, во конкретниот случај со изјавата од контекст на Заев, на нејзина проценка, суд за тоа што власта се обиде да направи, а што е она што опозицијата го предложи.


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).