За орелот со две глави, 50-метарскиот крст и за другата урбана опрема
Објавено во Анализи
on 3 - 03 - 2016 Автор: Мирјана Најчевска
Медиумското известување во кое ваков вид настани остануваат на нивото на краткотрајни бомбастични вести, без деконструирање и детално анализирање… станува алатка на политичките партии во хомогенизирањето на луѓето врз основа на етничка и на верска припадност и во зацврстувањето на спротивставените гласачки групи.
Пишува: Проф. Мирјана Најчевска, експерт за човекови права
Од 14 до 17 февруари медиумите пишуваа за поставувањето на споменик во облик на двоглав орел во општината Чаир. На јавно земјиште, на јавен простор кој им припаѓа на сите жители на етнички и на верски мешаната општина.
- „“Двоглав орел” поставен во Топанско поле“;
- „Јас сум легално избран градоначалник и јас донесов решение да се подигне споменикот“;
- „Двоглавиот орел во Чаир долетал по примерот на спомениците од „Скопје 2014““;
- „Без никаква најава среде бел ден во саботата беше поставен споменик на кружниот тек во Топанско Поле.“
- „ Двоглавиот орел предизвика реакции во јавноста откако вчера град Скопје извести дека споменикот е дивоградба, бидејќи е поставен без никакво известување и дозвола, а побараа и негово отстранување.“;
- „Советниците од општина Чаир велат дека одлука за споменик двоглав орел немаат донесено.“
Новинарите особено се заинтересираа за легалноста на одлуката:
„Инспекторите веќе беа на самото место. Станува збор за градба од втора категорија, која спаѓа во надлежност на локално ниво, односно во надлежност на општината Чаир. Побаравме од општината соодветни документи за поставувањето на споменикот. Доколку ги немаат, односно доколку немаат решение, побаравме доставување управен акт за отстранување на споменикот.“
Во медиумите не се појавија понатамошни информации за постапувањето на инспекторатот (донел решение, не донел, презел надлежност, не презел…). Во секој случај , орелот со две глави сè уште е на местото на коешто е поставен.
Од 25 до 29 февруари медиумите пишуваа за поставувањето 50-метарски крст во општината Бутел. На јавен простор кој им припаѓа на сите жители на етнички и на верски мешаната општина.
Медиумите се заинтересираа за темата од моментот на поднесување и на усвојување на иницијативата од страна на Советот на Општината:
„Инцијативата за изградба на крстот е поднесена од Светскиот македонски конгрес на 18 февруари 2016 година до Советот и градоначалникот на Општина Бутел. Советот ја донесе одлуката на 23 февруари, а градоначалникот го издаде одобрението за градба на 25 февруари.“
Интересот се зголеми поради искажаното незадоволство од високи функционери на владејачката албанска партија ДУИ:
- „ДУИ ја оспорува одлуката на советот за за крстот“;
- „Реакција на советниците на ДУИ во Бутел: Крстот може да ја ескалира состојбата“.
Понатамошната ескалација ја предизвика присуството на високи функционери на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ на почнувањето на изградбата на крстот и реакцијата на членови на владејачката ДУИ:
- „Голем број на симпатизери и членови на ДУИ утрово се собраа во Чаир.“;
- „На осветувањето присуствуваа свештеници од скопската епархија, скопските градоначалници и претставници од политичкиот врв во земјава“.
Уште поголем интерес за медиумите претставуваше податокот дека настанот го обезбедува полиција:
- „Скопската населба Бутел во моментов е под голема полициска опсада и сите приоди кон населбата се обезбедени од специјалните полициски сили со оклопни транспортери, јавува нашиот репортер од терен.“
- „Специјалци го обезбедуваат осветувањето на крстот во Бутел од симпатизери на ДУИ“
Во дел од медиумите е поставено прашање за последиците кои една ваква активност може да ја има врз меѓуетничките односи:
„Ќе донесе ли поставувањето на Крстот во Бутел нови етнички тензии? Ќе се „раскрсти“ ли со верскиот соживот во Бутел? – Се коцкаат ли ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ со нервите на граѓаните во оваа скопска општина?“
Во друг дел од медиумите е направен обид да се одбрани, односно да се објасни поставувањето на крстот како нормална реакција на претходното поставување на монумент во вид на двоглав орел во општината Чаир (Лет под Бадентер).
Различни медиуми пренесуваат спротивставени ставови за тоа дали поставувањето на крстот претставува загрозување на соживотот меѓу припадниците на различните етнички и верски заедници или, пак, напротив, претставува поддршка на соживотот:
- „ДУИ, Kрстoт во Бутел не придонесува кон соживот во општината“;
- „Светски македонски конгрес: крстот во Бутел е симбол на сожителство“.
Интересот за темата трае точно три дена. Од 26 февруари до 29 февруари 2016 година. Веќе на 1 март 2016 година нема ниту збор за крстот, нема понатамошна анализа, нема поставување прашања и длабинско истражување на проблемот. Меѓутоа, се појавува нова тема од интерес: „Продолжуваат поводите за меѓуетнички тензии: 50 метарски јарбол со албанско знаме во Сарај?!“.
Дел од медиумите ги ставаат ваквите и слични активности во кошот на алатки на владејачките структури за обезбедување на сопственото гласачко тело.
Во дел од медиумите се пренесени јасни ставови на невладините организации и на граѓаните во врска со употребната вредност на поставените обележја:
„Партиите на власт во Македонија водат долгодишна политика на разединување на граѓаните, како по верска така и по етничка основа – вели Џабир Дерала од граѓанската организација Цивил, коментирајки ги последните активности за поставување крст и двоглав орел.“;
„- На едниот крај на градот на големо се градат цркви, а на другиот се поставуваат орли. Тоа мора да запре и да започне да се гради нешто што ќе симболизира заеднички живот, а не поделеност – вели Фати Бајрами, жител на Чаир.“
И двата настани се проследени со бурни реакции со многу краток медиумски живот, а имаат долгорочни последици врз граѓаните на државата.
Она што пропуштија да го направат медиумите е да ги стават овие случувања во корелација со основните демократски вредности и особено со принципот на владеење на правото и со одредбите на Уставот на Република Македонија.
Имено, и во двата случаи, не станува збор само за нарушување на меѓуетничките односи, туку станува збор за акти на рушење на темелите на демократската држава и на актуелниот уставен поредок.
И покрај пројавениот интерес за процедурите во кои се донесени двете одлуки, медиумите не покажаа интерес за попродлабочена анализа во која ќе ги разоткријат техничко-процедуралните пропусти, но и материјалното кршење на правото и отсуството на заштитни механизми во ситуација кога ќе се утврди вакво прекршување. Значи, повреден е принципот на владеење на правото.
Во ниту еден од случаите медиумите на поставија прашање за тоа дали биле прашани граѓаните? Не на референдум, туку во јавна расправа на која може да кажат што очекуваат да прави Општината, какви градби да има во општината и на кој начин да се уреди јавниот простор што секојдневно го користат. Јавните расправи зад себе оставаат записници, заклучоци, анализи, препораки како докази дека се одржани. Е, тоа е демократија.
Во ниту еден од случаите медиумите не поставија прашање за функционирањето на Комитетот за односи меѓу заедниците (како уставно предвидена категорија) и на комисиите за односи меѓу заедниците во општините. Медиумите не се заинтересираа зошто пред поставувањето на споменикот во облик на двоглав орел не е разгледувано прашањето пред Комисијата за односи меѓу заедниците во Општина Чаир, и зошто не постои ваква комисија во Општина Бутел? Со други зборови – ни словото ни духот на Уставот не се испочитувани.
Медиумите, исто така, не се заинтересираа за функционирањето на Владата, чии министри се среќаваат на улица како дел од спротивставени толпи.
Медиумите не покажаа интерес да го истражат потеклото на средствата кои се користат во изградба на обележјата во двете општини, да ги идентификуваат здруженијата што стојат зад овие средства, да ги проверат нивните интернет-страници и особено завршните сметки кои би требало да се наоѓаат достапни за јавноста. На пример, кога станува збор за невладините организации кои стојат зад двоглавиот орел, тие се целосно непознати, додека, пак, интернет-страницата на здружението на граѓани со назив „Светски македонски конгрес“ воопшто не функционира. Или, можеби, им поверуваа на дефокусирачките изјави на некои политичари дека се работи за донации, а штом се работи за донации, нели – финансиските прописи на земјата не важат!?
Медиумското известување во кое ваков вид настани остануваат на нивото на краткотрајни бомбастични вести, без нивно деконструирање, разглобување и детално анализирање, не придонесува ниту за разбивањето на емотивниот набој карактеристичен за вакви ситуации, ниту е во функција на развој на демократијата, контрола на власта и поддршка на општеството, кое е и мултикултурно и мултиконфесионално, туку станува алатка на политичките партии во хомогенизирањето на луѓето врз основа на етничка и на верска припадност и во зацврстувањето на спротивставените гласачки групи.