verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ЗА НОВИНАРСКОТО ЛАКЕЈСТВО И ЗА ПРОФЕСИОНАЛНИТЕ СТАНДАРДИ: Избор написи на д-р Дејан Донев во 2016 година

on 1 - 01 - 2017       
Дејан Донев. Фото: Фејсбук профил. Фото-ефект: funphotobox.com

Дејан Донев. Фото: Фејсбук профил. Фото-ефект: funphotobox.com

 

 

Oдделение за постизборна трауматологија (19.12.2016)

„Ниските поени го поткрепуваат песимизмот на медиумската заедница и очекувањата да се избегне од тенденциите кон поголема државна контрола, политизација и економска деградација на медиумите“, се вели во Извештајот на Прибе. „Наспроти оваа заднина, важно е да се нагласи дека медиумите се клучен играч во демократија, не само како јавен заштитник, туку и како соработник на плурализмот, развојот на демократијата и на дијалогот“. Можно е доколку се има волја, но дали во вакви услови сега е и реално изводливо!?

 

Медиумското претставување на изборната реторика и фолклор (06.12.2016)

Непроценливата важност на медиумите во демократските системи, особено за време изборите, во светски рамки е апсолвирана уште од 19 век, а многу повеќе во 20 век, кога, пред сè, политичката и судската практика во САД ја проширува слободата на јавниот говор, а со тоа и во печатените медиуми, давајќи им на истите поголема улога во изборите, што значи огромно зголемување на влијанието на јавното мнение. Од една страна е можноста за релативно бесплатна медиумски покриена кампања, а од друга страна можноста за злоупотреба на медиумите во наметнувањето на сопствените изборни програми, идеи и влијанија. И истото со текот на времето стана sine qua non и во литературата, но особено во практиката и на политичките табори, но и кај медиумските куќи – (зло)употребата на медиумите во изборните процеси.

 

„Киднапирани“ медиуми за „нашминкана“ демократија (22.11.2016)

Како што постои индивидуална одговорност за дејствување во медиумите, така постои и институционално-организациска одговорност, т.е. етос на медиумските институции, кој ја претставува одговорноста на медиумските организации за општата и за конкретната морална ориентираност на севкупноста на нивната активност – придржување кон општите начела, вистинито известување, точност на информациите, почитување на човековото достоинство, почитување на личноста, избегнување на секаков облик на дискриминација, право на критика на јавни личности и настани…

 

Светлина ли е она што обично се јавува на крајот од тунелот!? (01.11.2016)

Нашата формулација на секојдневието, сепак, се движи по многу чудна траекторија и во погрешна насока, т.е. власта ја позиционира на прво место, а медиумите, новинарите и јавниот простор во функција на истите, како нивни стенографи, но сè почесто и нивни навидум објективни, а, сепак, финансиски „зависни“ и субјективни, извршувачи на владејачките политички каприци и манипулации кои ќе прокламираат евидентен пораст во сите сфери.

 

Анализа на случајот „Јанева на Јутјуб“: НЕКА НИ Е НА АРНО! (27.09.2016)

Во своето познато дело „Медиуми за отворено општество“, Томас Бауер запиша дека доколку сакаме отворено, слободно, демократско општество, кое самото себеси ќе се одредува, тогаш повеќе од одговорни сме за неговата реализација, преку унапредување на културата на комуникација која ја развиваме во медиумите и со нив, т.е. преку новинарството и неговиот главен морален субјект – новинарот. Тоа е можно само тогаш кога теоретски и практично ќе се потрудиме да ги развиеме способностите, подготвеноста, како и кога ќе посветиме внимание на етиката која не се мери со квантитет, туку со квалитет. Дали ние навистина, особено гледано преку случајот „Јанева на Јутјуб“, сме поборници за едно такво општество или сè уште го сакаме Бурдиевото „општество на спектакл“?

 

За ад хок телото – за веднаш создадениот проблем, од конкретната ситуација (29.08.2016)

Евалуацијата и надзорот се потребни во секоја професија доколку таа се стреми да се развива и да одговори на своите предизвици. Ова особено доколку е јавна професија како новинарството. Критиката за работата на новинарите, било да е позитивна или негативна, влијае на професионалниот и моралниот развој на новинарот, на развојот и на зголемувањето на степенот на нивната општествена одговорност. Од досегашната евалуација на работата на македонското новинарство, може да се каже дека тоа многу тешко ја исполнува потребната деонтолошка улога во општеството. Ова го потврдува моралното и професионалното ниво во кое таа се наоѓа во моментот, во согласност со сите светски стандарди и индикатори.

 

Сакам да кажам, но подобро е ако излажам! (29.07.2016)

„Страста за демократијата денес е потрага за тоа како да се открие ставот на секој човек и на секој народ како целост, како да се реализира волјата на луѓето, како да се следи патот на нивната внатрешна сила и ориентација, како да се најдат решенија за светот да се направи еднаков за сите. Станува збор за остварување на визии и на реалноста на еден добар човечки свет, на кој демократијата ќе му е вистински внатрешен дејствен механизам. Тоа значи дека кај демократијата не станува збор само за нејзините политички димензии и форми, дека демократијата не е само механизам на политичко одлучување, туку и начин на живеење, специфична култура“ (Етика на културата, Кирил Темков, 2009, Дом на културата, Кавадарци).

 

Борбата на медиумите за подобро утре не смее да запре (19.06.2016)

Во овој период од несреќниот број на месеци (13 севкупно), како повторно да се враќаме наназад! Отпочеток да ја поставуваме агендата за правилно и трезвено движење по трасираниот пат, како повторно да ја „откриваме Америка“, чудејќи се на сопствените грешки и инаетливост, како и на немањето чувство дека работиме, сме во интерес на сите во оваа држава. Токму затоа и нужноста од поставување и од реализирање на трите услови за надминување на кризата, особено на тој што се однесува на медиумите!

 

Медиумите и „невидливото“ јавно-приватно партнерство во Македонија (30.05.2016)

Новинарите повеќе не се само собирачи на вести, туку од нив се очекува да истражуваат, да бидат критични кон светот во кој живеат, но и проактивни – да ја придвижуваат јавната дебата за теми од општ интерес, т.е. да бидат и чувари на демократските вредности, но и будното око на јавноста, како и да бидат „свиркачи“, но и поставувачи на агенди, а сето заедно известувајќи за она што се случува објективно и независно.

 

Медиумското слепило – плод на новинарската (де)професионализација (16.05.2016)

Македонското секојдневие во последните 25 години е исполнето со обиди за дефокусирање на јавноста преку разно-разни тези во однос на оние кои се на власт, но и на оние кои се во опозиција. Така, секакви (не)вистини излегоа, но и беа „пробуткани“ на површина заради интересите на тие што стојат и играат заткулисно, а најмногу преку „сопствените медиумски гласила“, кои ги држат во состојба на сервилност без иднина во квази-обидот да се постулира и да се развива демократијата. Оттука, многу тези и во последните 12 турбулентни месеци за македонската „демократија“. Од најбанални, учебникарски, па сè до конспиративни и реално тешко проверливи. Но, една од нив посебно збунува, особено заради својата тежина и проблематичност: што ако она што го нарекуваме медиумска депрофесионализација, всушност, е одличен пример за добар професионализам!? Парадоксално, зарем не! Саркастично, само ако не сте независен.

 

Македонскиот новинарски професионализам: оксиморон, нужност или реалност!? (23.03.2016)

Новинарството, како една од најистакнатите професии на денешницата, е напорна и особено одговорна дејност и како таква нужно има своја конкретна професионална етика, која зборува за моралните проблеми во извршувањето на оваа професија и за специфичните обврски во неа. Уште повеќе, бидејќи станува збор за јавна дејност, во чија основна димензија особено доаѓа до израз јавната одговорност, новинарството, во сите негови облици и аспекти, на овој или оној начин, подлежи на ригидна етичка оценка и вреднување.

 

Мирка, дал тоа премиерот „тамо свирка“!? (02.03.2016)

Освен она што веќе се промовираше како препознатлив квазитренд за колумните во македонскиот медиумски простор, а тоа е сведување на различноста на ставовите на дискриминаторско ниво обоени со голем број предрасуди, негативно профилирање, дискредитација, односно креирање и ширење на само себе позната вистина, т.е. „вистината“ на авторот, преку еднострано подвлекување на фактите и нивно научно искривување (бидејќи не се даваат повеќе информации, ниту нивна издржана анализа карактеристична за колумнистичкиот стил на изразување) за презентирање на лични перцепции и ставови како факти, начинот на кој тоа се прави е веќе „учебникарски“ препознатлив!

 

 

И што супстанцијално по Хан!? (21.01.2016)

„…Во исчекување на неизбежното, нужното, разврска на кризата, единствено тишината и монолитноста на деноноќието ја распарува звукот на стрелките на часовникот, кој полека и не така тивко е единствениот бројач и сведок на времето дека некому му се одбројува по 15 јануари…“, би запишал новелист, евидентичар за времето во кое живееме во контекст на апострофирање на (не)реализацијата на договореното помеѓу политичките субјекти во Македонија и по 12-часовната средба со еврокомесарот Хан од пред неколку дена. Но, дали тоа е вистинско западноевропско демократско решение или само балкански „бајпас“?