За нашите проекти: Изгубени во транзицијата
Објавено во Колумни
on 22 - 08 - 2015 Автор: Александар Шољаковски
Прелистувајќи по документацијата за она што било забележено во медиумите (и во меморијата), фрапира сознанието дека листата на приоритетите, стартегиските определби и настојувања во овие 25 години е и листата на бројни целосни промашувања и грешки
Пишува: Александар ШОЉАКОВСКИ
Сега е јасно, тргнавме во транзицијата на општеството во деведесеттите како боси в трње. Мислевме дека сме мала земја, со вреден народ(!?), со плодна почва и благонаклони меѓународни прилики, дека добро ќе се провлечеме низ турбулентните збиднувања од деведесеттите кои ја изменија Европа, можеби повеќе и од Берлинскиот конгрес во векот претходно.
Тргнавме со многу илузии, без притоа да се познаваме доволно и себеси, а особено не светот или барем развиената Европа. Со такво непознавање, нормално беше дека нашите надежи и проекти пропаѓаа.
Ако се обидете да ја консултирате медиумската документација од тоа време, ќе видите дека дури немаме ни систематизирана документација, како што би доликувало на една земја која тежи кон самостојност и самобитност. Постојат неколку медиумски архиви, но ниедна комплетна и во електронска форма со систематизирани написи од целиот овој четврт-вековен период. Прво ќе треба да се отепате барајќи, а потоа, пак да го повикате сеќавањето на помош.
Затоа, повеќе се потпревме на сеќавањата, низ едно сосема површно навраќање на тие времиња, но доста илустративно за нашите лутања и неснаоѓања.
ИСТИ ИДЕИ БЕЗ РЕАЛИЗАЦИЈА
На пример, си приспомнивме дека промотор на идејата за луксузен хотел на плоштадот Маршал Тито, или сегашен Македонија, е еден архитект од фамилијата скопски предвоени градители од семејството Ташковиќ, кој сакаше да направи таков хотел од системот „Шератон“ или нешто слично уште на почетокот од деведесеттите години наљ минатиот век. Неговата идеја пропадна, иако зад овој проект застана и претседателот Глигоров лично. Подоцна пропадна и единствениот готов проект за претворање на хотелот „Палас“ во Охрид во системот на интернационалниот синџир „Радисон“, само поради некои стотина квадратни метри – приватен интерес. „Палас“ и понатаму пропаѓа.
Во списокот на големите пропаднати проекти од тоа време треба да се вброи и проектот „Ауди“, кој нашироко се туркаше во втората половина од деведесеттите, но тој пропадна затоа што условите што ги поставиле Германците ти биле многу опасни(!?) за самостојноста на нашата економија(!?).
Во тој список на пропаднати (големи) проекти треба секако да се вброи и проектот за Коридорот 8, кој, еве, дваесетина години никако значајно да мрдне од место, со тоа што дури сега се вршат градежни активности. Исто како и гасоводот кој стигна до нас, но никогаш, и по 20 години, не проработи со капацитет поголем од една петтина. Иако, според сите прописи, беше благословен и од врвот на црковните власти.
Високо котира во списокот на пропаднати грандиозни проекти и проектот за мали и средни претпријатија што го туркаше владата на Црвенковски. Се сеќавам дека еднаш кога прашав што е тоа, бев замолчен дека е тоа американски проект кој дал многу добри резултати, а јас не сум имал поим. Не знам колку поим имаа самите иницијатори, но се виде неговата успешност. Во време кога пропаѓаше големата индустрија, малите и средни немаа за кого да работат. Патем, во исто време сите вредни индустрии се продадоа, главно на капитал од Грција, а другите пропаднаа од не многу разбирливи причини.
Подоцна, откако целосно ја дезиндустријализиравме земјата, почнавме да градиме индустриски зони во кои плаќаме странски инвеститори да градат, а како додаток им нудиме најевтина работна рака со која можат да прават што сакаат. Дури и туристи носиме на наша сметка, само да се фатела мајата од туристичкиот прилив.
Кога почна светската економска криза, министри кои се сѐ уште на власт убедуваа дека не само што ќе нѐ одбегне, туку и некој ќар ќе имаме од неа.
ПРОМАШЕНИ ШАНСИ
Едно време мислевме дека земјоделството е нашата јака страна и дека сега, со можностите што ги имаме, со одврзани раце од југословенската договорна економија, ќе можеме да се пробиеме на светскиот пазар. Видовме дека светскиот пазар не е исто што и југословенскиот, а нашите домати таму не се бараат зашто на тој пазар има и поевтини и поголеми и повешти производители и трговци.
Во меѓувреме, за да не останеме без работа, ги уништивме сите оние постројки за наводнување во кои биле вложени огромни пари. Истите системи за наводнување кои денес ќе треба да се обновуваат и одржуваат со воскреснувањето на јавното претпријатие „Водостопанство“, кое се уништи затоа што било остаток од бившиот систем. Интересно е дека увозот на храна, и покрај сите напори, политики и субвенции и понатаму се зголемува.
Згора на сѐ, дојде и пропадна милијардата на Циле. А, толку надежи имавме во неа. Но, не било пишано, па милијардата сосе Тајван отиде во историјата на нашата безмерна глупост и незнаење. Подоцна, Груевски нудеше цели осум милијарди инвестиции, ама не му фати штосот.
ОД МАРК ГУТ ДО СУБРАТА РОЈ
Колку пробисвети поминаа низ Македонија, а ние ги примавме без внимателност и критичност. Но, затоа кон своите бевме извонредно внимателни.
Кога стана интересен авиосообраќајот преку скопскиот аеродром, се формираа компании. Но, власта од некои нејзини посебни сознанија или страсти, го приземји „Пал ер“, пропадна „Авиоимпекс“, потоа и МАТ, кој едно време дури беше прогласен за национален авиопревозник. Но, се чини, дека како се менуваа владите, така се менуваше и расположението за одредени бизниси. На едни гарнитури им беа интересни едни играчки, на другите други… сѐ до оваа состојба денес. (Слушам пак ќе се прави национален авиопревозник!)
Денес железница речиси да немаме или возовите одат со максимални 40 километри на час. Дваесет години се прават безуспешни обиди да ја изградиме пругата кон Бугарија почната пред цел еден век. И автопатиштата се градат во стихија. Кога јавноста повикуваше да се градат автопатишта, Груевски изјави дека тие не се важни зашто поважни се локалните. Потоа сфатија (или добрите провизии ги натераа да сфатат) дека без современа патна инфраструктура ништо не се прави, па почнаа да ги градат. Но, во меѓувреме чекорот беше изгубен. Македонија ја заобиколуваат сите, освен бегалците. Се изгуби шансата да бидеме солидна сообраќајна трансверзала од што се добиваат добри приходи, а да не зборуваме општо за развојот.
Кои сè меѓународни хохштаплери не поминаа кај нас. Од оној Марк Гут, кој ќе го купуваше Бучим, до последната ѕвезда во круната на нашата глупост и недоветност, Субрата Рој. Кој сè не се изнареди, изнаслика со него, а тој ти бил измамник од голем маштаб. Истите тие што се сликаа со него сè уште се на власт. Тие се во одборот за дочек на нови Субрати.
Приказните во политиката се посебна приказна. Глигоров убедуваше дека во однос на името на крајот ќе биде по наше – уставното! Тој велеше: „Времето работе за нас!“ И така тоа, веќе 22 години. Кога се виде дека не е баш така, отидовме на меѓународен суд. Времето и понатаму не „работе“ за нас, но сега имаме пресуда која ништо не значи. Сега онаа несреќа од Иванов се фатил за пресудата, додека да сфати дека тоа нема врска.
Македонското талкање во транзицијата продолжува. Наместо да се отвориме кон светот, ние се затворивме во сопствената (погрешна) претстава за себеси, но особено за светот. Протокот на идеи, луѓе, капитал се одвива само во еден правец – од нас кон надвор. Којзнае, можеби и тоа е добро, барем нешто, можеби и ќе научиме!?
Но, напредуваме! И покрај тоа што никој не успеа да го направи скопскиот трамвај, проект од осумдесеттите, Коце ќе направи панорамско тркало на кое можеби ќе осознаеме дека 25 години само се вртиме во круг и не одиме напред.
Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).