За анкетата во „Вест“, нејзиното укинување и медиумската реакција
Објавено во Анализи
on 7 - 02 - 2013 Автор: Мирјана НајчевскаПишува проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права
Текстот е достапен и на албански јазик: Për аnketën e “VEST”-it, heqjen e saj dhe reagimet e mediumeve |
На 30.01.2013 во дневниот весник „Вест“ беше поставена интернет анкета под наслов: „Која водителка без гаќи пред Груевски“. Според објаснувањето дадено од редакцијата анкетата била инспирирана од „српската емисија во која водителка без гаќи и со длабоко деколте минатата недела го интервјуирала српскиот премиер Ивица Дачиќ“. На 31.01.2013 со одлука на редакцијата на „Вест“ анкетата е прекината и симната од интернет страната на весникот.
И самата анкета и нејзиното запирање предизвикаа интерес кај редица медиуми, интернет портали, социјалните мрежи, поединци и организации, како и реакција на власта. Сите овие реакции можат многу лесно да се групираат во две групи. Од една страна се медиумите, организациите и поединците кои сметаат дека анкетата на „Вест“ е повлечена заради притисоци од страна на власта. Од друга страна се медиумите, организациите и поединци кои сметаат дека анкетата на „Вест“ е повлечена заради заштита на женското достоинство.
Сите реакции се во основа многу кратки (освен реакцијата дадена на веб-сајтот на телевизијата „Сител“) и ниту самите актери не се впуштаат во поширока дискусија, ниту пак поттикнуваат ваква дискусија во јавноста. Во основа, сите се задржуваат само на изнесување на вредносни ставови или прикажување на дел од фактичката ситуација, потпирајќи се само на еден извор (првите, на соопштението дадено од редакцијата на „Вест“, а вторите, на напис објавен на интернет порталот „Денешен весник“).
Што е она што недостасува во медиумското известување за овој случај?
1. Во медиумите нема повеќестрано презентирање на ситуацијата
Тие или зборуваат за притисок врз весникот „Вест“ заради кој е повлечена анкетата (со видлива инсинуација дека станува збор за притисок од страна на власта, со оглед дека доаѓа од надвор и секако е доволно моќен да го присили колегиумот да донесе ваква одлука), или за нарушување на достоинството на жената и родова дискриминација. Во медиумите не се поставуваат паралелно двете можности со што од секој медиум се испраќа само онаа страна на приказната која медиумот сака да ја потенцира.
На овој начин, граѓаните не само што не добиваат целосна информација, туку се избегнува и секој облик на анализа во која би се изнеле аргументи во прилог на едната или другата страна.
2. Медиумите не анализираат
Нема анализа на причините заради кои е поставена една ваква анкета (анализа на контекстот во кој е поставена) и на начинот на кој е изведена, нема анализа на причините заради кои е запрена анкетата ниту пак на последиците како од постоењето ваков вид анкети така и од нивното прекинување под надворешен притисок.
Имено, доколку се прифати тоа дека инспирација за анкетата е стапицата која е направена од тимот на „Невозможна мисија“ за премиерот на Србија Ивица Дачиќ, тогаш први прашања кои би требало да ги постават новинарите се: која е пораката на една ваква анкета и кому му е упатена таа порака?
Бидејќи станува збор за евентуално интервјуирање на премиерот Никола Груевски, може да се претпостави дека пораката му е упатена нему. Ако е така, и ако се има предвид инспирацијата за анкетата, тогаш со голема веројатност може да се претпостави директен линк со пораките на српските новинари кои им замеруваат на своите политичари (а меѓу нив и на премиерот посебно) за неселективноста во изборот на емисиите во кои се спремни да учествуваат, неселективноста кога станува збор за новинарите на кои им гостуваат или на кои им даваат интервјуа.
Еден ваков пристап пред новинарите отвора широк простор за анализа на прашањето: дали изборот на „пријателски настроени“ новинари станува основен критериум како за Премиерот така и за најголем дел од високите функционери на актуелната власт, наспроти квалитетите на новинарот/емисијата, пораките кои се испраќаат од овие новинари/емисии и содржината која генерално се поврзува со конкретен новинар/емисија.
Идејата за интервјуирање на Премиерот од страна на новинарка без долна облека (која дел од медиумите ја перципираа/нарекоа морално – скандалозна) може да се стави во контекст на емисиите во кои вообичаено гостува Премиерот. Доколку се примени ваков облик на анализа оваа идеја може да се разбере како критика на Премиерот кој со своето учество во овие емисии ги поддржува и сите останати содржини кои се пласираат во нив (на пример: [видео 1] или [видео 2]).
3. Медиумите не поттикнуваат расправа
Несомнено е дека станува збор за многу контроверзен настап во врска со кој може да се постават прашања поврзани со достоинството, правото на приватност, сексизмот, па и дискриминацијата. Во дел од медиумите се појавија тврдења дека една ваква анкета сама по себе претставува повреда на достоинството не жената, дискриминација, или според пратеничката Лилјана Поповска:
„Toa e дирекна навреда на жените, применет е класичен сексизам…Тие се обезчовечени со уништено достоинство, употребени во дневно политички цели…“
односно, според проф. д-р Билјана Ванковска:
„Јас се прашувам од кога гениталиите се предмет на јавна дебата. Потегот на ’Вест‘ е недоличен особено кога една група жени се става на тапет. Срамота. Или ние сме невести кои сонуваме за пендреци или сме тука за забава на политичарите.“
Препознавањето на родовата дискриминација е само по себе сложено и една ваква анкета може да биде искористена за отворање на широк дијапазон прашања, поврзани со тоа дали постои или не сексуално вознемирување во конкретниот случај, меѓутоа и прашања поврзани со женската сексуалност и оправданоста за нејзино негирање и негирањето на објективното влијание кое таа го има и во јавниот живот, како и прашања за границите на конзервативниот збир од вредности со кои власта може да стимулира однос на јавни доблести, а приватни пороци.
Ако женските атрибути на водителките свесно се ставаат во функција на изведување симулација во која треба да се добијат информации за Премиерот (како реагира во провокативни и неортодоксни ситуации, каков е неговиот став кон практикувањето на моралните вредности, колку може да се снајде во кризна ситуација), многу тешко ова може да се подведе под поимот на дискриминација . Имено познато е дека сексот и сексуалноста имаат голем удел во редица скандали поврзани со високи функционери и граѓаните имаат право да добијат информации од прва рака кога станува збор за Премиерот на државата.
Лажната борба во име на човековите права може да биде исто толку опасна (а некогаш и поопасна) отколку непостоењето на истата. Имено, многу често зад параванот на борба за човековите права се води борба за традиционалните вредности на едно општество кои подразбираат криење на сексуалноста на жената, смерна жена која ги почитува традиционалните морални норми, наместо храбра и самостојна жена која сама ги прави своите избори. Прашање е дали се штити достоинството на жената или пак традиционалната поставеност на жената.
Организацијата „Член 19“ многу јасно застанала зад ставот дека:
„…наместо забрани отворената дебата е суштинска во борбата со негативните стереотипи на индивидуите и групите и презентирање на штетата која се прави со предрасудите“.
4. Медиумите не ја вкрстуваат дадената ситуација со претходно или актуелно постоечки слични ситуации
Отсуството на анализа и расправа оневозможува вкрстување на податоците со претходни слични ситуации и процена на ставовите низ призмата на нивната оригинална/стварна порака ставена во контекстот на претходните пораки и реакции поврзани со нив.
На пример немаше поголеми реакции во медиумите ниту пак видлива скандализираност од сексуалното вознемирување од страна на водителот на емисија на телевизијата „Канал 5“ Миленко Неделковски кон новинарката Мери Јордановска или пак кон новинарката Јорданка Ивановска. Посебно паѓа во очи податокот дека нема реакција токму од страна на медиумите кои во случајот со анкетата на „Вест“ видоа родова дискриминација, сексуално вознемирување и повреда на достоинството на жената.
Во една сериозна анализа врз основа на едно вакво вкрстување може да се побара одговор за тоа дали во случајов станува навистина збор за повреда/одбрана на достоинството на новинарките или пак на заштита на Премиерот, што секако внесува сосема нова димензија на прашањето за слободата на информирање и нејзиното евентуално ограничување.
И секако, вкрстувањето може да ги изнесе на површина релациите со извинувањето на уредничката на „Утрински весник“ Соња Крамарска, и со отворената хомофобија на главната и одговорна уредничка на „Вечер“ Ивона Талевска.