Вотергејт-новинарство и правото – Македонија и Република Српска
Објавено во Анализи
on 7 - 10 - 2016 Автор: Дејан ДоневКако истражувачкото новинарство известува за корупцијата и какви се ефектите од тие истражувања? Оваа анализа говори за тоа каква е состојбата во Република Српска, каде има развиено истражувачко новинарство, кое истражува појави на корупција на највисоки нивоа, но судските постапки преземени врз основа на информациите во истражувачките стории речиси и да ги нема. Слично како и во Македонија
Пишува: д-р Дејан Донев, вонреден професор по етика во новинарството и етика во медиумите – од Бања Лука
Во услови на демократски поредок, сосема е јасно дека суштинската и првичната функција на медиумите, како независен фактор на институционализираната слобода, им е да ја контролираат власта и да создаваат противтежа со помош на принципот „checks and balances“. Затоа и се сметаат за четврта власт, која заедно со законодавната, извршната и со судската, го контролира и го набљудува општеството и сè што се случува во него, но и кај другите три власти. Тие се, всшност, „кучиња чувари на демократијата“, чија основна улога е разоткривањето на сите неправилности, негативности и девијации во општеството, за да може злото да се искорени, односно да ги предупредат граѓаните секогаш кога ќе се појави злоупотреба на власта.
И сето тоа убаво звучи сè додека во младите демократии медиумите не се обидат истите овие функции да ги спроведат во практика, а згора на тоа и новопроизведената улога на „поставувачи на агенда“, со која е можно да извршат притисок и во донесувањето на јавните политики во едно демократско општество. Но, согласно моменталните состојби во македонското новинарство, кога од основата за оправданост од постоењето на истражувачкото новинарство се добива фантастичен белетристички крими-роман или добро подготвена филмувана трилер-верзија на романот, но само за забава на јавноста и ништо повеќе, идејата за оваа анализа е насочена кон испитување на причините за немањето финале, епилог во однос на истражувачките стории, односно на празнината, која се јавува помеѓу она до што е дојдено како сознание, а е негативно, криминално, корупциско, злоупотребувачко, и она што треба да следува како правна разврска во однос на истото сознание.
Имено, едновремено, тенденцијата во оваа анализа не е да се критикуваат, туку, напротив, да се поттикнуваат истражувачките стории кои кај нас, без оглед на добриот квалитет со кој се карактеризираат, сè уште се малку на број, согласно политичката, економската и културната практика на злоупотребување на моќта од власта. И во оваа смисла, согласно положбата и моќта што ја добиваат медиумите од демократските процеси, можно е да се изврши притисок и во јавноста, за нејзино освестување и поттикнување на агилност во борбата за заштита на нејзините права, но и кај власта, во делот на обзнанување на не така „розовите слики за напредок“ со кои љуби да се фали, а што ќе придонесе во однос на разоткривање на нејзиниот вештачки креиран народен имиџ и загриженост за народот.
СТРАТЕШКО ЗАЈАКНУВАЊЕ НА ИСТРАЖУВАЧКОТО НОВИНАРСТВО
Поттикнат од една панел-дебата која пред десетина дена се водеше во Бања Лука, во очи локалните избори во Босна и Херцеговина, на тема „Медиумите и борбата против корупцијата“, наидов на голем број сличности карактеристични за балканскиот менталитет на водење политика. Имено, ако целта на истражувачкото новинарство е да дојде до сознанија и нивна дисеминација во јавноста во однос на можна злоупотреба на моќта што ја има власта, а во континуитет, истите сознанија да бидат поттик за обвинителството (без оглед дали е основно, вишо, специјално…) и за другите правни механизми да ја продолжат и да ја продлабочат истрагата сходно на моќта и на инструментариумот што ги имаат на располагање, а во однос на заштита на народот од злоупотреби на власта, се чини дека тие или затајуваат или се намерно саботирани, а некогаш и „присилно“ прилепени до центрите на моќ и власта. Во вакви услови, наместо да разоткриваат, тие глорификуваат, стануваат наместо правни инструменти и механизми, сосема спротивното – нивни апологети и мегафони.
Во примерот на БИХ, каде силата, квалитетот, бројноста на истражувачките стории и подемот на истражувачкото новинарство е далеку поголем од нашиот (доволно е да се погледне интернет-страницата на ЦИН – Центар за истражувачко новинарство, делот на истражувачки стории поврзани со банки, јавна администрација, комисии, организиран криминал…., но и посебниот дел кој се однесува на Милорад Додик), сепак останува фактот на несразмерност помеѓу бројот на истражувачки стории и правни епилози врз основа на истражувачки новинарски продукти. Затоа, стратешки се работи на зајакнување на истражувачкото новинарство за кое се смета дека е неопходно за транспарентно и одговорно носење на одлуки, бидејќи ја вклучува и заинтересираноста на јавноста, но и зголемениот притисок во однос на одговорноста на политичките субјекти. Во овој контекст, издвојуваме значаен куриозитет во однос на правен континуитет во разврската на одреден број истражувачки стории – смената на главниот обвинител на БИХ, Горан Салиховиќ, но и постапката која е „поведена по наводи во медиуми дека тој преку посредник до претседателот на РС, Милорад Додик, оддавал податоци за текот на истраги што против него се поведени во државното обвинителство поради сомневање за финансиски малверзации“, но и заради затворање на „повеќе истраги за наводни финансиски малверзации, кои се воделе против Додик“, во време кога Специјалното обвинителство на Република Српска ја запира постапката против Додик и други, „наводно“ заради недостиг од докази, а не поради „политичкиот притисок од владејачката елита“.
ИСТРАЖУВАЧКОТО НОВИНАРСТВО КАКО „ПОСТАВУВАЧИ НА АГЕНДА“
Слично и во низа истражувачки стории и примери и во Македонија, направени најчесто, издвојувам, преку Центарот за истражувачко новинарство СКУП, БИРН Македонија, а особено во рамките на проектот/публикацијата „Призма“, „Скопје 2014 под лупа“. Но, останува фактот кој искажан преку еден од коментарите на страницата на СКУП најмногу боли: „Одлична сторија, овие мистерии еден ден ќе треба да се расчистат“. Е, токму тоа е и идејата на оваа анализа. Бројни, издржани, проверливи истражувачки новинарски продукти, но без вистинска заинтересираност на правниот механизам истите да ги процесира, што логично го наметнува прашањето за вистинитоста на исправното работење на тој механизам преку дилемата: дали тие механизми се многу „затрупани“ со „поважни“ предмети, проверки, процеси или, едноставно, се продолжена рака на властодршците!?
Токму затоа, истражувачкото новинарство, медиумите, од аспект на улогата на „поставувачи на агенда“, треба да извршат дополнителен притисок и кон власта и кон правниот механизам, поставувајќи одново и зачестено прашања од типот: до каде е истрагата, што има ново во однос на одреден случај, што се прави со обвиненијата против одредени лица…, додека во етерот одново и преповторувачки треба да ги поставуваат прашањата од истражувачките стории за да се избегне ефектот „секое чудо за три дена“.
Сума сумарум, и со силата на истражувачките стории, правниот поредок и (не)зависноста на неговите институции, дали ќе ни се случи сценариото кое е логична последица од злоупотребата и од корумпираноста во работењето на власта, слично како и во примерот на БИХ, односно во Република Српска – по референдумот во Република Српска, „владите на неколку клучни држави од Западот почнале опсежна операција за апсолутна политичка изолација на претседателот на Република Српска, Милорад Додик“, иако „се славеше по улиците на Бања Лука, но и во кафеаните каде што Додик ја запеа познатата песна „Не може нам нико ништа, јачи смо од судбине“.“ А што ќе се пее кај нас, особено по декемвриските избори, останува да видиме како ќе се „размотува клопчето“ и во однос на истражувачките стории и сознанија, но и во однос на нивниот правен епилог на истите. Зарем треба да се потсети дека истражувачките стории и критичкиот поглед и оценка на работењето е најдобра реклама за секоја власт, а не популизмот.