Во новинарството сè уште живее професионализмот
Објавено во Рецензии
on 4 - 11 - 2016 Автор: Владо Ѓорчев
[Рецензија: Панчевски за НОВАТВ: Не паметам дека сум влијаел на судии]
Ретко во македонските медиуми сме навикнати да читаме текстови кои се направени целосно или приближно целосно, според сите новинарски стандарди. Сепак, дека професионализмот е сè уште жив, покажува и овој текст, кој оправдано заслужува позитивна рецензија. Тоа значи дека написи според професионалните стандарди можат да се пишуваат, ем и притоа да бидат читани. Ова го споменуваме зашто најчеста оправданост за непрофесионалноста во кој било поглед, особено за сензационалистичките наслови или дури и текстови, е токму читаноста – демек тоа било рецептот за успех.
Линк до оригиналниот напис: Панчевски за НОВАТВ: Не паметам дека сум влијаел на судии
Датум и време на објавување: 03.11.2016, 8:45
Датум на рецензирање: 04.11.2016
Рецензент: Владо Ѓорчев
Кога ќе се открие една приказна, таа треба и да се продолжи. Овој текст е позитивен пример за тоа. Ретко кој медиум по излегувањето во јавноста на информацијата дека тужбата на одреден судија се однесува токму за претседателот на Кривичниот суд во Скопје, Владимир Панчевски, се обиде или се осмели да го покани повиканиот да даде свое гледиште или своја реакција. Овој текст го има тоа:
„Медиумите веќе објавија дека станува збор за претседателот на Судот, Владимир Панчевски. Тој пак вели дека нема да коментира ништо се додека не ја види кривичната пријава. Но, е изненаден зошто некој судија би го тужел него.
„Преку медиумите слушнав за ова. Не ми е јасно што е работата. Не ги гледам причините за такво нешто и не верувам дека е за мене пријавата. Ако било така, тогаш пријавата би гласела против Претседателот на Судот, а не против судија, како што беше објавено во медиумите“, изјави за НОВАТВ Панчевски“.
Новинарот не смее да се задоволи само со приказната што ќе ја прочита во некој друг медиум и ќе ја пренесе во својот. Тој секогаш треба да побара уште, да прочепка информација повеќе, да донесе нешто ново и да фрли поинакво светло на темата. Така ќе работи, всушност, и на збогатување на севкупноста на текстот, а ќе излезе и од ризикот да биде пристрасен ако не се побара втората страна.
Ако на читателите им се сервира продлабочена приказна, тие ќе имаат поголема доверба во текстот и ќе му веруваат, а тоа е една од клучните работи во новинарството – вербата. Со тоа текстот остава впечаток во јавноста дека е вистинит и објективен. Тоа, пак, го зголемува кредибилитетот на редакцијата, на медиумот, при што се доаѓа до состојба кога максимално им се верува на објавените текстови – цел што ја посакуваат сите новинари.
Дека овој напис отишол подлабоко во приказната, направил „бекграунд“, но и отишол чекор понатаму, се гледа и со фактот дека е објавен и анкетниот лист на претседателот на Кривичниот суд, со што читателите дознаваат дека Панчевски е меѓу побогатите судии.
„Владимир Панчевски веќе 4 години е Претседател на Кривичниот суд и неговиот мандат истекува една недела пред изборите на 4 декември, со можност да биде избран во уште еден мандат. Тој според имотниот лист доставен до Антикорупциската комисија е најбогатиот судија, а на неговото богатство кое вреди над едем милион евра можат да му позавидат и некои поимотни бизнисмени. Тој претседателската функција во Кривичниот суд ја презеде во 2012 година, период во кој од бомбите на СДСМ беше обелоденето дека речиси секој судија за да биде именуван бил запишан во тефтерот на екс министерката Гордана Јанкулоска“.
Во текстот понатаму ефективно се пренесуваат податоци од минатото, а кои се актуелни изминативе две години преку прислушуваните разговори. Но, и целосната кариера на Панчевски од 2003 година до денес. Со тоа на читателите им се прикажува пошироката слика, со што тие можат да си создадат свој заклучок.
Сè на сè, ова е текст кој ги има најголемиот број нешта потребни за еден професионален производ. Читлив, објективен и балансиран, содржински богат и цели кон сеопфатност… Речиси сè што треба за еден дневно-информативен текст.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
точни наводи
веродостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални, неофицијални
релевантни
повеќе извори
повеќестрани
СЕОПФАТНОСТ
сеопфатнo
ПРИСТРАСНОСТ
целосно прикажува вистина
нема извртување на вистина (спин)
нема лажни информации
балансираност
КОМЕНТИРАЊЕ
нема коментаторски елементи
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
наведен автор, наведен извор без линк
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
информира
несензационален
соодветен
јасен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
не апликативно
има контекстуални линкови
стилски уреден
поврзан со тагови