Во една работа Станковски е во право: му нема крај на „лигавењето“!
Објавено во Анализи
on 15 - 06 - 2015 Автор: Дејан Донев
Зошто се дозволува еден облик на вербално изразување на омразата, шовинизмот, расизмот и на ксенофобијата, со цел сатанизирање на одредени национални или политички групации, да стане колективен ако се знае дека се работи за уверување на авторот без јавно признаено право на колективно морално уверување?
Пишува: д-р Дејан Донев, вонреден професор по етика во новинарството и етика во медиумите
Во ситуација на постмодерната, особено на константната пропаганда, проследена со поттикнување на стравовите и на предрасудите, станува неопходно повторното пронаоѓање и враќање на моралниот императив на/во новинарската професија, медиумите и користењето на медиумскиот простор, а кој се потпира на концептот на одговорноста содржан во максимата: „Оној што e пасивeн е еднакво инволвиран како и оној што e активен “.
Во овој контекст, една анализа во однос на доследното спроведување на концептот на етичко новинарство и на етично користење на медиумите и на медиумскиот простор, кога ќе се погледне македонскиот медиумски простор, особено интернет-изданијата во изминативе десеттина дена, укажува на фактот дека не може да се остане рамнодушен, ниту спокоен во согласност со прегледаното, а посебно не на она што господинот Александар Станковски го напишал и објавил во колумна во „Република“ на 1 јуни 2015 година, под наслов „Лигавци“.
НЕГАТИВНО ПРОФИЛИРАЊЕ И ЕТИКЕТИРАЊЕ
Не претендирајќи на целосна логичност, „схоластичка“ систематичност и синтетички поглед на проблемите со кои секој здраворазумски читател ќе се сретне во однос на претходно спомената колумна како јавност, публика, реципиент, туку само на проблемскиот увид во некои специфични гледишта од тематиката, во согласност со предложената методологија на седум тематски подрачја на анализа, кај повеќе од половина ќе се најде повреда или непримена на истите во колумната „Лигавци“. Така, на пример, колумната премногу изобилува со негативно профилирање и со етикетирање од типот: „сламени страшила“, „ступидни проститутки“, „самољубиви и тотално невоспитани гадови“, па сѐ до навреди, омаловажувања и понижувања како што се „лигавци“, „дегенерирани изроди“…, и кои, во согласност со трендот што во последно време се претпочита, т.е. ширење на патот на примитивниот популизам и на различните облици на нетолеранција и на исклучивост, водат кон еден отворен повик за насилство: „… единствен начин како да се спасите од неговата смртоносна челуст е да го елиминирате“. Од аспект на научна експертиза, тоа е така затоа што предизвикувачката и навредливата реторика и глорификацијата на насилните методи на кои повикува говорот на омраза, кој е во енормна мера присутен во колумната, произведува антисоцијални ставови и однесување, додека кај екстремистичките групи истиот поттикнува насилство.
Ова е морално недозволиво и од причина што дури и при користењето на овие термини од страна на авторот во неговите „размислувања“, а што е децидно забрането при користењето на јавниот медиумски простор – разликите во уверувањата, па и политичките разлики да ги базирате на негативни стереотипизирања и предрасуди – „напорот кој човек мора да го потроши за да си го сочува интегритетот, за да си обезбеди мир и хармонија“ го базира на квазитезата за поделбата на „ние“ и „тие“. Уште повеќе, неговата дискредитација на „лигавците“ и нивната дисквалификација ад хоминем не ја базира на критичка анализа и на критичко аргументирање на „тезата“, туку „бравурозно“, користејќи го „неподносливиот простаклук и популистичкиот дарвинизам, јавното и долготрајно чистење на јавната сцена врз основа на политичката, националната… припадност“ (Borko Pavičević. Danas 13.09.2006) се обидува истиот да го колективизира, наметнувајќи заклучок дека тоа се оние кои „шеесет години го тормозеа народот, држејќи се за фалусот на белградскиот политички Полифем“, односно дека тие се оние кои откако „….ислужениот балкански киклоп беше кутнат од моќниот пиштолџија…, …му се пуштија и како збудалени фатија да му ги лижат чизмите…, … за грст долари“. Со тоа се замаглува целиот тек на логичкиот след на аргументација, ако воопшто ја има во колумната, се губи толку нагласуваното авторово повикување на допир со реалноста наспроти лигавците и брутално се извлекуваат заклучоци дека истите, во согласност со постулатите на социјалната еволуција, се „невидени промашувања“ на истата.
НЕДОЛИЧЕН ЈАЗИК КАКО ОБИД ЗА СУПКУЛТУРА
Претходното укажува дека за постигнување на оваа цел, „умилкување кон власта и нејзина апологетизација“, се користи јазик кој се обидува да се наметне со својата недоличност, па и вулграност, да стане облик на супкултура која би требало да ја применуваат сите, бидејќи, во спротивно, би требало да „избегаме безглаво од ваквите извори на зараза“. Во вакви услови, „за да говорот на омраза во медиумите може да опстои, т.е. воопшто да може да го воспостави образецот на разбирање и на ефективност на означувањето, мора да има ситуација во која не постои можност од спротивставување на идеолошката сила на медиумските пораки, т.е. не постои критичка контратежа на медиумски специфицираната еднообразност“ (Mirko Sebić. “Uvod”, Medijska kultura, No.1. NVO Civilni forum Nikšić. 2010), а со таква ситуација и практика на еднообразен медиумски говор, барем на просторите на поранешна Југославија, се изобилува во секоја држава, новинарство и медиуми, каде не постои или, во најмала рака, не се дозволува можност за артикулација на поинаков вредносен код. Во случајот со оваа колумна, ваквото презентирање на авторовите перцепции и ставови како факти и нивното наметнување на јавноста преку облик на радикално супкултурно дејствување изразено преку повик за насилство, т.е. „елиминација на безумникот“, и не е ништо друго освен облик на манипулација во аргументацијата, во отсуство на темелни познавања и на чувство на етичка свест и совест во користењето, попрецизно, во злоупотребата на медиумскиот простор за пресметка со неистомислениците.
истовремено, од штетните последици кои ги дава примената на говорот на омразата е и создавање, во најголемиот дел од општеството, на една култура на нечовечност, во која нескриеното непријателство им се сервира на милиони и милиони воодушевени приматели во медиумскиот простор, а „навредата на сопствениот сосед станува масовен спорт“ (Luis Alvin Dejl. Etika u medijima – Primeri i kontraverze. Medija Centar, Beograd, 2004). Да не говориме за тоа дека дури и Жилиен Бенда би му симнал капа на овој ликовен уметник во согласност со обликот што тој го користи за „предавство на интелектуалците“ преку елементарни непознавања, а, сепак, користење на контрадикторни термини и фразеологија од соодветни области: „етичкиот аспект на лигавецот – оној грозен и грд тип на поведение од кое ви се гади, па дури и внесува одредени агресивни чувства во вас кои едвај можете да ги контролирате“!?
ПРЕДИЗВИКУВАЊЕ ОМРАЗА И ГНЕВ
„Голема среќа во несреќа“, што би рекол нашиот народ, е што медиумскиот простор што го „користи“ се наоѓа некаде во вториот дел од табелата за статистики во последните 30-тина дена, а оттука и не добива поголемо значење! Всушност, колумната на Александар Станковски „Лигавци“, несвесно или ненамерно, а можеби и од непознавање на моралниот сензибилитет на публиката, го постигнува сосема спротивниот ефект од тој што се труди да го има: предизвикување омраза и гнев. Имено, потценета е јавноста, а таа има морален карактер: ја дава можноста да го соопштите сопственото убедување, но не ви гарантира дека истото ќе го прифатат сите! Моралната јавност „на секој поединец му го признава правото на форма, но не и на содржина на моралните уверувања“, а оттука и прашањето кој, во согласност со концептот на етичкото новинарство, му го даде правото на авторот на колумната да се декларира нешто поинаку од „сапрофити кои можат да се реализираат како релевантни фактори исклучиво во субмисивни и сервилни релации во некој значаен и моќен“? Зошто се дозволува еден облик на вербално изразување на омразата, шовинизмот, расизмот и на ксенофобијата, со цел сатанизирање на одредени национални или политички групации, да стане колективен ако се знае дека се работи за уверување на авторот без јавно признаено право на колективно морално уверување? Дали со ова, некогаш дури и несвесно, се случува надоаѓање на стереотипи, предрасуди, претенциозен јазик и на националистичка параноја во мејнстрим-дискурсот?
Сосема на крај, да не се заборави и на фактот дека „граѓанското општество не зависи од државната или општествената контрола на изразување, туку на проблемот мора да му се пријде од етички аспект. Дури и оние што ја презираат човечноста имаат право да побараат гостопримство од говорницата од која ќе ги шират своите пораки. Но, медиумите и оние во нив, како и корисниците на медиумскиот простор… немаат морална обврска да се прилагодуваат на добавувачите на говорот на омраза“ (Luis Alvin Dejl. Etika u medijima – Primeri i kontraverze. Medija Centar, Beograd, 2004), туку преку разработениот и во практика спроведен концепт на етично одговорното новинарство, да не подлегнат на истото!