Внимание: „кромид-вест“!
Објавено во Рецензии
on 19 - 02 - 2016 Автор: Димитар Тануров[Рецензија: ПАНИКА: Во продажба портокали заразени со ХИВ позитивна крв]
Текстот е невистинит, создава паника кај граѓаните, а главна причина за неговото објавување е собирање на повеќе кликнувања. Истовремено, станува збор за „кромид- информација“ која е стара повеќе од една година, а во написот не се ни прави обид да се демистифицира целата „теорија на заговор“.
Линк до оригиналниот напис: ПАНИКА: Во продажба портокали заразени со ХИВ позитивна крв
Датум и време на објавување: 14.02. 2016,19:43
Датум на рецензирање: 18.02.2016
Рецензент: Димитар Тануров
СТАРА И НЕТОЧНА ИНФОРМАЦИЈА
„На интернет деновиве се прошири вознемирувачка вест дека Царинската служба на Алжир открила големо количество портокали, увезени од Либија, во кои била вбризгана ХИВ позитивна крв.“
Текстот се темели на непроверени информации кои повторно се појавија на интернет, а кои се невистинити. Станува збор за неточна информација што првпат се појави во март минатата година (2015), а неколку месеци подоцна – во ноември, со мали измени на податоците повторно стана хит на социјалните мрежи. Потоа имаше и варијација на веста, банани инфцирани со вирусот ХИВ.
Според првичните (дез)информации од март минатата година, алжирските царински служби, наводно, откриле портокали од Либија кои биле инфицирани со вирусот ХИВ. Новиот текст, кој се појави минатиот викенд, оди и подалеку, наведувајќи дека можеби станува збор „уште една погубна стратегија на џихадистите во Либија“.
И покрај тоа што веста е ставена во категоријата „свет“, сепак таа испраќа панична порака и до македонските граѓани, истовремено давајќи им „совет“:
„…иако Македонија не увезува портокали од земјите зафатени со војна, сепак проверете пред конзумирање.“
Во оваа објава воопшто не се пренесува ставот на епидемиолозите дека вирусот ХИВ не се пренесува преку дигестивниот тракт и оти самиот вирус не може да преживее во надворешни услови.
Ваквиот начин на информирање е спротивен на принципите од Кодексот на новинарите, поточно на член 1:
Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи.
До колку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави.
Објавувањето невистинити информации ја урива довербата на читателите во медиумот кој во потрага по поголема читаност, може да се соочи со губење на дел од публиката.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
нема факти
неверодостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
неофицијални
нерелевантни
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
прикажува невистина
лажни информации
не аплиактивно
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
поврзан со тагови