Визи, азил, човекови права (2): За азилот и „лажните азиланти“
Објавено во Анализи
on 31 - 01 - 2014 Автор: Мирјана Најчевска
Прво, политичарите го промовираа, а новинарите го прифатија терминот „лажни азиланти“. Потоа, овој термин го поврзаа со визната либерализација. На крај, решавањето на проблемот со „лажните азиланти“ стана услов за опстојување на визната либерализација.
Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права
Во првиот дел на анализата на визната либерализација (Визи, азил човекови права: Визната либерализација – остварување на слободата на движење како човеково право) го обработивме прашањето на слободата на движење.
Во овој дел ќе се задржиме на азилот.
Прво, политичарите го промовираа, а новинарите го прифатија терминот „лажни азиланти“. Потоа, овој термин го поврзаа со визната либерализација. На крај, решавањето на проблемот со „лажните азиланти“ стана услов за опстојување на визната либерализација.
Под насловите: Нов бран лажни азиланти кон ЕУ, Лажни азиланти, се пренесуваат информации и анализи, кои се сведуваат на заклучокот:
Попусти се апелите оти сиромашните државјани на Македонија што сакаат да станат економски емигранти, односно да работат за парче леб, не можат да добијат политички азил во Германија, Холандија, Белгија, Финска, Шведска, Данска… Голем дел од нив автоматски ќе го прават тоа, зашто сѐ додека постои шанса државјанин на Македонија да добие азил во земја-членка на ЕУ, азиланти од Македонија ќе постојат.
Во исто време се пренесуваат изјави на високи функционери во власта според кои:
Преземени се и низа репресивни мерки. Освен повеќе кривични пријави за автопревозниците и туристичките агенции и парични казни кон овие правни лица, поголем број граѓани на Република Македонија, кои не беа во можност да ја докажат целта на патувањето не можеа да ја напуштат земјата, бидејќи полициските службеници согласно шенгенскиот код и Законот за надзор на државната граница проценија дека причините заради кои тврдат дека патуваат не се доволно оправдани односно не биле во состојба да приложат докази за тоа, изјави министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.( Јанкулоска: Се намалува бројот на лажни азиланти)
Владата ќе продолжи со сите мерки кои досега ги преземаше, а ако е потребно дел од мерките ќе бидат и зајакнати, со цел бројот на лажните азиланти и понатаму да опаѓа односно да не се доведе во прашање визната либерализација која несомнено е најголемата придобивка од евроинтеграциите досега за граѓаните на Република Македонија и е од корист за сите граѓани и да не биде ставена во прашање заради неодговорно однесување на мал број поединци.(Јанкулоска: Ќе продолжиме да го намалуваме бројот на лажни азиланти)
И покрај тоа што во секој од овие написи се спомнува зборот азил, новинарите не се обидуваат да го објаснат неговото значење. Односно, исто како што ниту еден медиум не се зафати со разгледување на визната либерализација низ призмата на слободата на движење, ниту еден медиум не се заинтересира за тоа да го објасни односот на правото на азил со визната либерализација.
Правото на азил спаѓа во корпусот основни човекови права. Во членот 14 од Универзалната декларација за човекови права се вели дека:
Секој има право да бара и да ужива во другите земји азил од прогон.
Ова право не може да се повика во случај на прогонување што произлегува од неполитички злосторства или од дејствија што се спротивни на целите и начелата на Обединетите нации.
Правото на азил претставува гаранција на универзалноста на човековите права и на заложбата на човештвото да го заштити секој човек од повреда на неговите права, дури и тогаш кога неговата држава не само што не му ги штити, туку и ги повредува. Правото на азил не е ограничено од нивото на демократичност на една држава, заради тоа што се тргнува од претпоставката дека во моментот не постои ниту една држава која во потполност ги остварува обврските, кои се однесуваат на човековите права и која често се појавува и како повредувач на овие права.
Кога на било кој начин се реферира кон азилот, треба да се има на ум дека: азилот е базично човеково право, дека секој има право да побара азил и дека визната либерализација не го негира правото на азил.
Во овој контекст крајно нејасно станува медиумското известување во кое доминираат термини како: злоупотреба на визната либерализација, лажни баратели на азил, злоупотреба на безвизниот режим…, како и серијата написи под генерален наслов „Македонија успешно се справува со лажните азиланти“.
Прашањата кои пропуштаат да ги постават новинарите во овој контекст се:
- Каква е врската меѓу правото на азил и визната либерализација?
- Дали може да се забрани/ограничи правото на азил?
- Што се подразбира под поимот „лажен азилант“?
- Дали постои држава, чии граѓани не можат/не смеат да побараат азил во друга држава заради тоа што не може да има никаков основ за тоа?
- Дали е вистина дека ниту еден граѓанин на Македонија во периодот кога е на сила визната либерализација нема добиено азил во некоја друга држава?
Наместо ова, медиумите ги пренесуваат изјавите на МВР и на комисијата формирана за следење на визната либерализација, според кои:
Досега ниту некој добил, ниту ќе добие азил во државите членки во ЕУ, а сите баратели на азил ќе бидат жртви на манипулација од некои туристички или квазитуристички агенции – изјави Наумовски.
Тврдењето дека досега никој не добил ниту ќе добие азил е лага. Вистина е дека одреден број баратели на азил од Македонија добиваат азил:
Тргнувајќи од официјалните известувања за „лажните азиланти“ како основен проблем во задржувањето на визната либерализација, медиумите го пренесуваат и известувањето дадено од страна на Владата дека со информативни кампањи ќе го образуваат населението кое ќе разбере дека нема основи за барање азил во други држави. Меѓутоа, новинарите не ја анализираат изјавата поставена на официјалната страна на Владата на Република Македонија според која:
Министерот без ресор Неждет Мустафа денеска имаше средба со претставници на ромските информативни центри и невладини организации со кои заедно ќе се обидат да го едуцираат ромското население дека нема никакви шанси да добијат азил во некоја западноевропска земја и оти визната либерализација значи безвизен режим само за туристички престој.
Имено, ако власта тврди дека никој нема шанса да добие азил, а луѓето, сепак, имаат информации за поединци кои добиле азил, каков ќе биде резултатот на една ваква „едукација“?
Во дел од медиумите се појавуваат и експертски мислења преку кои новинарите се обидуваат да фрлат светлина на феноменот „лажен азил“:
Сепак, експертите во комисијата предупредуваат дека најголем број од лажните азиланти доаѓаат во ЕУ-земјите во зимскиот период, користејќи ја можноста дека за (не)одобрување на барањето на азил се потребни од два до четири месеци, па за тој период да ја минат зимата во добри и топли услови што ќе им ги понуди некоја од земјите на Унијата.
За жал, ниту едно од овие мислења не е поткрепено со податоци од спроведени истражувања. Напротив, некои податоци зборуваат за поврзаност на бројот на баратели на азил со сезонските работи кои можат да се најдат во одделни земји:
Се разбира, отсуствува и продлабочена анализа за тоа како економските мерки можат да бидат искористени како алатка за ограничување на граѓанските и политичките права и дури и како облик на прогон, кој може да биде основа за барање на азил.
Меѓу огромниот број написи кои на овој или оној начин зборуваат за „лажните азиланти“, новинарите не ја спомнуваат анализата направена од страна на Европската иницијатива за стабилност според која:
Наместо да се бара од западно-балканските земји да спроведуваат информативни кампањи за зголемување на свеста кај граѓаните и да спроведуваат контроли над сопствените граѓани при излез од земјата, од Европската иницијатива за стабилност предлагаат земјите од регионот да бидат ставени на листата „безбедни земји на потекло“ на ниво на ЕУ со што за нив ќе важи забрзаната процедура за одлучување по барањата за азил.
„Според законодавството за азил на ЕУ, барањата од граѓаните што потекнуваат од безбедните земји можат да добијат приоритет и за нив да се одлучува по забрзана процедура, како што денес е случај со Австрија“, предлагаат Гералд Кнаус и Александра Стиглмаер.
Кога новинарите ќе го пренесат апелот:
Граѓаните на Република Македонија, апелираа Наумовски и Јанкулоска, да бидат свесни дека визната либерализација не значи право ниту на подолг престој, ниту право на азил во државите од Шенген-зоната.
Мора во исто време да го стават во контекст на општото значење на правото на азил. Да, точно е дека визната либерализација не значи право на азил, меѓутоа, визната либерализација им овозможува на луѓето полесно да излезат од државата и да побараат азил. За барателот на азил, впрочем, воопшто и не се бара како услов за давање на азил легално да излезе од територијата на својата држава.