verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Убивање новинари во авторитарни режими

on 22 - 07 - 2016       
Раскрсницата на улица Богдан Хмељницки и Иван Франко во Киев каде беше дигнат во воздух автомобилот на новинарот Павел Шеремет. Фото: авторот познат на редакцијата
Крстосницата на улица Богдан Хмељницки и Иван Франко во Киев каде беше кренат во воздух автомобилот на новинарот Павел Шеремет. Фото: авторот познат на редакцијата

 

Новинарите – главна мета на новиот авторитарен поредок. Русија и Украина се земји каде владее цензура и каде независните новинари и дисидентите се прогонувани и убивани

 

Пишува: Борис Камчев од Санкт Петерсбург

 

Да се биде независен журналист со опсег на активности во поранешен Советски Сојуз е опасно по живот. Во Русија, Белорусија и во Украина новинарите се еден вид на редок дивеч за отстрел.

Адвокат и новинарка ладнокрвно убиени среде бел ден во центарот на Москва; застрелан проруски новинар при влезот во својата зграда во станбена населба на Киев; крвнички претепан уредник на регионален весник што води кампања против сеча на шумата во околината на Москва; новинар кренат во воздух во својот автомобил среде Киев…

Скандалозните убиства на адвокатот Станислав Меркелов и новинарката Анастасија Бабурова во 2009 година, на киевскиот писател, новинар и ТВ-водител Олег Бузина во 2015 година, на белорускиот автор, новинар и познато ТВ-лице, Павел Шеремет, завчера во Киев, каде што сега работеше, се само неколку тажни епизоди од постојаната црна новинарска хроника од просторите на поранешните советски републики.

Според њујоршкиот Комитет за заштита на новинарите, во текот на извршување на својата професионална дејност во Русија од 2000 година до денес биле убиени 26 новинари. За истиот период во Белорусија се убиени пет новинари, а во Украина 11. Во Русија и во Украина бројот на убиените експоненцијално се зголеми во 2014 година, со анексијата на Крим и со почетокот на вооружените судири помеѓу проруските милитанти и украинската армија на југоистокот од земјата.

Слични, но, фала Богу, не толку трагични епизоди, се случуваат и кај нас. Двегодишната затворска казна за новинарот Томислав Кежаровски, претепувањето на Саше Ивановски (Мактел) и Марјан Стаменковски (Доказ), притисок со закани за тужби до такви независни новинари како Борјан Јовановски. За нас е трагично затоа што во деценијата на владеење на ВМРО-ДПМНЕ станавме сведоци на целосна ерозија на независниот печат и на слободата на изразување, а критичките медиуми беа затворени или преземени, односно заменети со други, од страна на бизнис-структури на власта.

По повод крвничкиот и кукавички напад на Ивановски што се случи во мај 2015 година, тактиките и начинот како злосторниците го извеле тоа, во близина на зградата каде живее новинарот и со метални прачки и со палки, многу потсетува на тоа како во изминатите 16 години беа напаѓани десетици новинари во Русија. Македонија, во една минијатурна верзија, стана истиот темен вилает за слободата на говорот што е воспоставен во Русија на Путин. Неговиот авторитарен режим, како и оној на Реџеп Таип Ердоган во Турција или на Виктор Орбан во Унгарија, утврдија една нова епоха во развојот на источно-европските и азиските општества – да се замолчат несогласните, да ги снема дисидентите, да се отстранат од јавниот живот независните новинари, борците за човекови права и опозициските активисти.

Владимир Милов, руски опозициски политичар, за смртта на Шеремет вели:

„Учеството на специјалните служби во подготовката на експлозивната направа е очигледно. Слично е како во случајот со убиството на Борис Немцов. Немцов и Шеремет беа блиски соработници. Двајца талентирани мажи полни со живот. Тешко е да се поверува дека и двајцата ги снема засекогаш во интервал од неколку месеци“.

Цвеќиња поставени од минувачите на Големиот москворецки мост на местото на убиството на опозиционрот Борис Немцов. Фото: Б. Камчев
Цвеќиња поставени од минувачите на Големиот москворецки мост на местото на убиството на опозиционрот Борис Немцов. Фото: Б. Камчев

Тајните служби, спонзорирани од државата, се клучни во организацијата на овие убиства. Тие се служат со секакви методи. Употребата на ефективна, јуришничка, државна пропаганда е главната состојка. Се разгорува националистичка омраза и лудило, пошироката јавност е охрабрена новинарите да ги прогласи за предавници, агенти или платеници (соросоиди) и со тоа се оправдува физичкото насилство или конечна пресметка со нив. Во Македонија пред Груевски никогаш немало физичко насилство против новинари, немало прогласување на петтоколонаши или агенти на странски служби. Убиецот на Бабурава и на Меркелов, на пример, е припадник на неонацистичка група. Инволвираноста на државата во овој случај е индиректна. За разлика од убиствата на славната новинарка Ана Политковскаја и на активистката за човекови права, Наталија Естемирова, чии истраги открија директно учество на припадници на специјалните служби и на чеченски милитанти.

Претседателот на Московската хелсиншка група, Људмила Алексеева, смета дека целиот свој живот Шеремет бил доследен на своите убедувања.

„Тој е еден од ретките новинари кои си поставуваше такви задачи, тој велеше ’нека ми плаќаат копејки, но останувам доследен на своите демократски убедувања и нема да говорам лаги’. Тој го сочува образот и достоинството на професијата. Длабока скрб за неговата трагична смрт“.

Русија, Белорусија и Украина од епохата на Советскиот Сојуз, држава што се стремеше да ги искорени етничките и верските разлики водена од идејата за светска комунистичка револуција, се суштинска спротивност на денешните мрачни земји од европскиот екстремен исток, каде владее клановски капитализам и каде ретките храбри новинари и активисти му помагаат на несреќниот и потчинат поединец да го стигне мала, но утешна правда од монструозноста на државата.

Во 2000 година светската јавност беше згрозена од ликвидацијата на киевскиот новинар Георги Гонгадзе, чие тело со остечена глава беше најдено во населениот пункт Тарасча. Тогаш во јавноста протекоа информации дека зад убиството стоеле државни структури на чело со тогашниот претседател Леонид Кучма. Кучма никогаш не седна на обвинителна клупа.

Во случајот со Политковскаја, за чие убиство судскиот процес траеше цели седум години, непосредните извршители беа осудени. Истото се очекува и за убиството на Немцов. Но, за ниту едно од досегашните високопрофилни убиства на руски новинари нема пресуда за организаторите или инспираторите. Затоа, многу од западните набљудувачи со прст вперуваат кон Путин. Руската власт создаде атмосфера на омраза, раскол и социјална и економска беда на населението. Во таква атмосфера мошне лесно е да се најде наемник кој би стрелал во туѓ грб за неколку илјади долари.

Украина можеби ги следи и се крсти на западните вредности, но ако нејзините националисти (со убиството на Бузина) или тајните служби (со смртта на Шеремет), поминуваат така лесно и неказнето,  тогаш тие вредности во секунда девалвираат до ништожно ниво. Украина не е ниту демократска ниту слободна земја.

Русија и Украина се земји каде владее цензура и каде независните новинари и дисидентите се прогонувани и убивани.

 

ЛИНКОВИ:

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).