ТВ-дневник: Во Македонија сè сопрело, освен ВМРО-ДПМНЕ
Објавено во Новинарски лекции
on 23 - 10 - 2015 Автор: Ана Анастасовска
[Критички осврт врз ТВ-дневникот на „Канал 5“ во 18 часот на 22.10.2015 година]
Овој ТВ-дневник слободно може да се нарече „Новости од штабот на ВМРО-ДПМНЕ“. Од 12 прилози, дури осум беа посветени на владејачката партија. Дел од нив за промоција на активности на премиерот, дел за напад врз опозицискиот СДСМ. Пропагандни прилози, несеопфатни и еднострани со отсуство на анализа и на мислење поинакво од она на ВМРО-ДПМНЕ.
Пишува: Ана Анастасовска
Вестите кои без издвоени како главни на почетокот од овој ТВ-дневник, беа грозоморниот случај со 60-годишен педофил од Битола кој се изживувал врз три малолетни девојчиња, темата на дневникот за заболувањата на црниот дроб кај мажите и посетата на премиерот Никола Груевски на Шпанија.
Прва и ударна вест беше присуството на Груевски на конгресот на европските десни партии во Мадрид, при што беа нагласени неговите средби со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, и со еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан. Во овој прилог гледачите можеа да видат и да слушнат едно долго излагање на нивниот премиер за тоа што сè им кажал на своите соговорници. Груевски истакнал дека законот за специјалното обвинителство бил донесен и сега се правеле подготовки за предвремените парламентарни избори и дека расположението на народот е такво да се очекува убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ.
Груевски, можеби, заборавил дека законот за специјалното обвинителство е блокиран со некомплетирањето на тимот на Катица Јанева, но и дека е поведена постапка за него пред Уставниот суд. Имено, спикерот Трајко Вељаноски веќе испратил мислење за законот до претседателката на Уставниот суд, Елена Гошева, што во овој ТВ-дневник гледачите немаа можност да го разберат. Премиерот сигурно заборавил да го спомне и предупредувањето од белгискиот посредник во преговорите меѓу партиите, Питер ван Хојте, дека ако не се постигне договор во наредните неколку дена, изборите можно е да не се одржат. И оправдано е премиерот да заборави да го каже ова, но ако овој прилог беше професионално новинарски изработен, тогаш новинарот немаше да ги испушти овие клучни моменти за да го информира гледачот за реалната состојба со преговорите и за тоа до каде е реализацијата на Договорот од Пржино.
По ваквиот фалбаџиски настап на Груевски, во вториот прилог, повторно имавме можност да го слушаме премиерот, но овојпат како се фали дека ги претставил можностите за инвестирање пред шпанските инвеститори.
„Владата во последните девет години со политиките направи од Македонија држава со исклучително ниски трошоци за правење на бизнис, држава која во голема мера ги намали бирократските процедури за водење на бизнис.“
И овој прилог, слично како и претходниот беше едностран и промотивен и истиот изгледаше како да е платена ТВ-реклама на Владата. Притоа не беше спомнато дека првиот странски инвеститор, „Вистеон електроникс“, се подготвува да ја напушти Македонија.
Понатаму следеше бомбастична вест за најновата анкета на „Брима Галуп“, според чии резултати, „ВМРО-ДПМНЕ и Груевски се со убедлива предност пред СДСМ и Заев и дека оттаму произлегува нервозата на СДСМ и нејзиниот обид да ги минира преговорите“.
Во прилог на ваквиот спин, телевизијата се повика на анализа на провладинот „Курир“ кој констатирал дека „СДСМ на тој начин придонесува странскиот фактор да има добро алиби на Македонија да и ја одземе препораката за почеток на преговорите со ЕУ“. Манипулацијата од овој прилог е јасна, ВМРО-ДПМНЕ е „доброто дете“ кое прави сè за Македонија, а СДСМ е „лошото дете“ кое намерно ѝ штети на државата.
За ова да биде уште понагласено и гледачот добро да го запомни, следува анализа на Чилиманов, кој констатира дека „народот и натаму е на страната на ВМРО-ДПМНЕ“. Како од небо паднат новинарот, кој инаку отворено ги поддржува политиките на владејачката партија, се уфрла во вестите, а гледачот поим нема кој е тој, ниту, пак, зошто токму тој е компетентен да ги анализира резултатите од анкетата, а не некој друг, на пример, некој политиколог.
Понатаму следи повикот на претседателот Иванов, лидерите да го почитуваат Договорот од Пржино.
Во третиот блок од вестите имаше една црна вест за педофилот од Битола и темата на дневникот, за сè поголемиот број мажи заболени од болести на црниот дроб. Во овој ТВ-прилог следеше разговор со д-р Нестор Поповски од Клиниката за токсикологија.
По оваа пауза од пропагандните прилози, четвртиот блок од вестите веднаш почна со напад на СДСМ, дека сакал да создаде простор да се избере Албанец за шеф на македонските специјалци. Овој прилог повторно се повикува на текст објавен на порталот „Курир“.
„Поголеми ингеренции и нови овластувања за новиот министер за внатрешни работи кој треба да биде избран со консензус на сите политички партии, било побарано од страна на СДСМ, посочуваат извори од преговорите. Поддршка за зголемување на ингеренциите на техничкиот министер за внатрешни, како што тврдат извори од преговорите, социјалдемократите побарале од албанските партии, за возврат ветувајќи им новиот министер да назначи Албанец за шеф на единица за специјални задачи „Тигар“, што наишло на жесток отпор од страна на ВМРО-ДПМНЕ.“
Класичен едностран и спинерски текст, базиран на шпекулации, во кој се напаѓа противникот по секоја цена, без притоа да се побара став од опозицискиот СДСМ. За ваквиот текст социјалдемократите испратија реакција, но таа, секако, гледачите на „Канал 5“ немаа можност да ја слушнат, па потоа самите да проценат за што навистина станувало збор.
Крајот на овој ТВ-дневник повторно беше посветен на Груевски и на Владата. Па така, беше објавена „реакција од Владата на пишување на дел од медиумите дека в недела на самитот во Брисел посветен на мигрантската криза, Груевски одбил да учествува и на негово место ќе заминел претседателот Ѓорѓе Иванов“. Кога има реакција на нешто, правилно е да се објави и веста на која реагирала Владата, но тоа не беше случај во овој прилог.
Гледачите на овој ТВ-дневник имаа можност и да слушнат од владинот портпарол, Александар Ѓорѓиев, дека е „голем интересот на компаниите за владината поддршка на иновациите“, но и да дознаат од директорот на пазарниот инспекторат, Кирил Миновски, колку граѓаните и фирмите го почитуваат законот за потрошувачи.
ТВ-дневникот финишираше со Иванов и со неговата посета на мигрантите на македонско-грчката граница, кој се пожали дека „помош засега нема од никој“.
Во вестите немаше ништо друго освен ВМРО-ДПМНЕ. Немаше вести од светот, културата, спортот. Во Македонија како да сопрело сè друго, освен владејачката партија и како само таа да е фокусот кон кој треба да бидат вперени очите и ушите на сите. Класичен пропаганден ТВ-дневник кој потсетува на телевизиски вести од некоја недемократска држава.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).