ТВ-Дневник: Слушајте владата што ви вели – опозицијата е виновна за сè
Објавено во Новинарски лекции
on 19 - 07 - 2016 Автор: Ана Анастасовска
Убаво е кога во еден ТВ-дневник има информации од сите рубрики, но тие информации треба да бидат селектирани така што ќе го покријат интересот на целата јавност. Во овие вести, она што гледачите имаа можност да го видат и да го слушнат беа само прилози за власта и за владините министри и проекти
[Критички осврт врз ТВ-дневникот на „Алфа“ во 17.30 часот на 18 јуни 2016 година]
Пишува: Ана Анастасовска
ТВ-дневникот почна со најактуелната вест од регионот, пучот во Труција, и тоа е добро бидејќи овој настан заслужува да биде главна и ударна тема во вестите. Одмаздата на Ердоган е немилосрдна. Вака звучеше оваа вест, а во неа, освен најновите случувања во Турција, беа опфатени и предупредувањата од меѓународната заедница упатени кон турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган.
По ова, следуваше апел до граѓаните, ако одлучиле да летуваат во Турција, да престојуваат во хотел со пет ѕвезди. Ваквата препорака ја дале од Комората за туризам и угостителство при Сојузот на стопански комори, од каде уверуваа дека немало опасност за туристите во Турција. Ваквото тврдење ќе беше порелевантно доколку во ТВ-дневникот имаше изјави од наши туристи во Турција. На овој прилог му недостигаше уште нешто. Имено, во него беше посочено дека:
„… туризмот во Турција и тоа како ќе претрпи штета поради обидите за пуч – анализираат аналитичарите…“
Но, аналитичари ниту видовме, ниту слушнавме.
И третиот прилог беше поврзан со настаните во Турција. Веста беше дека Европа и Балканот стравувале од мигрантско цунами. Но, освен за стравот на Србија, која одлучила да испрати војска на македонската и на бугарската граница, за други стравувања не слушнавме.
ТОЛКУ ОД ТУРЦИЈА, ОДИМЕ СО МАЛКУ ПРОПАГАНДА
Вториот блок вести беше политички пропаганден. Во првиот прилог од овој блок, имавме еден одличен спин поврзан со преговорите меѓу партиите. Имено, за застојот во преговорите беше обвинета опозицијата, без притоа да биде пренесен нејзиниот став. Гледачите имаа можност да слушнат само изјави од Никола Тодоров, преговарач од тимот на ВМРО-ДПМНЕ и од пратеникот Антонио Милошоски.
„Се разговара за ингеренциите на министерот за внатрешни работи и за тоа до кога министрите предложени од опозицијата ќе бидат во Владата. ВМРО-ДПМНЕ бара доколку СДСМ изгуби на изборите, нивните министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика и дополнителните заменици-министри да се повлечат веднаш после изборите, а доколку победи за тоа нема потреба. ВМРО – ДПМНЕ бара оневозможување на масовни партиски промени во МВР односно да нема масовни партиски чистки во МВР, изјави Тодоров“.
И тука се гледа спинот. Прво, ниту еднаш во прилогот не беше спомнато дека владата направи измени во Законот за внатрешни работи, според кои министерот ќе нема никакви ингеренции, а од она што јавноста го слушна во бомбите, токму МВР бил главниот адут на владејачката ВМРО-ДПМНЕ на секои избори. За тоа сведочат и постапките кои ги води СЈО против поранешната министерка Гордана Јанкулоска и други вработени во МВР.
Понатаму, не беше спомнато дека ВМРО-ДПМНЕ инсистира министрите на СДСМ ден по изборите да ги напуштат своите функции, иако според законот, старата влада останува до изборот на нова влада. Во ваквите инсистирања од ВМРО-ДПМНЕ, социјалдемократите препознаваат обиди за изборни манипулации. Тоа секако не можеа да го слушнат гледачите на овој ТВ-дневник.
Понатаму имаше вест дека Словенецот Самуел Жбогар ќе биде новиот евроамбасадор во земјава, а имаше и инфомрација за средбата на потпретседателот на македонското Собрание, Антонио Милошоски, со неговата шведска колешка, Изабел Дингисан.
Следеше прилог за покемон-лудилото кое ја зафати и Македонија и разговор со социологот Татјана Стојановска во врска со оваа појава. Овој прилог беше единстевн кој не содржеше некаква пропаганда и беше од јавен интерес.
ВРЕМЕ Е ЗА РЕКЛАМИ
Во овој блок вести беа поместени пофални прилози за активностите на министрите. Слушнавме дека три клиники добиле акредитации за квалитет.
Министерот Тодоров и премиерот Димитриев се испофалија како владата многу се грижела за здравјето на граѓаните.
„Здравјето на граѓаните е наш приоритет и за подобрување на здравствената заштита во земјава пред две години ја формиравме Агенцијата за квалитет и акредитација на јавни здравствени установи“- истакна премиерот Димитриев“.
Кога сме кај здравјето на граѓаните, не беше ништо спомнато за тоа дека Владата ги скратила парите за Институтот за јавно здравје, една од поактуелните теми во некои други медиуми. А, во здравството има уште многу болни, свежи теми за кои се пишувало во последниот период.
Потоа на сцена стапи министерот за труд и социјала, Диме Спасов, кој се пофали дека владата дала грантови од 3.000 евра за 500 невработени лица и дека со програмите за самовработување досега се отвориле повеќе од 1.000 работни места. Конкретен пример и некоја успешна приказна во вестите немаше. Само она што ни го кажува владата.
Имаше и прилог за „Пивофест“, во кој градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, ги убедуваше гледачите дека ова бил најуспешниот „Пивофест“ досега и покрај големото невреме. Никаде не беше спомнато дека Прилеп беше поплавен и претворен во бара.
Имаше и вест за виолинистот Максим Вегнер, кој и годинава ќе се претстави пред македонската публика на „Охридско лето“, како и вест за тоа дека новинарот Зоран Божиновски и официјално бил обвинет за шпионажа.
Убаво е кога во еден ТВ-дневник има информации од сите рубрики, но тие информации треба да бидат селектирани така што ќе го покријат интересот на целата јавност. Во овие вести, она што гледачите имаа можност да го видат и да го слушнат, особено во политичкиот и во економскиот блок вести, беа само прилози за власта и за владините министри и проекти.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).