verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ТВ-дневник: Превртената пирамида се исправи во вестите

on 18 - 07 - 2016       
Испробана стратегија: фали ги „успешните проекти“ на власта, нападни ја опозицијата. Фото: скриншот
Испробана стратегија: фали ги „успешните проекти“ на власта, нападни ја опозицијата. Фото: скриншот

 

Едно информативно издание треба да биде комплетно. И по примерот на превртена пирамида да почне од најглавната вест, па да заврши со помалку важни. Во овој ТВ-дневник не беше така, туку информативното издание наликуваше на исправена пирамида. Во неа имаше каша-попара од вести, подредени без редослед, туку според нечие допаѓање 

 

[Критички осврт врз ТВ-дневникот на „Канал 5“ во 18 часот на 17 јуни 2016 година]

 

Пушува: Владо Ѓорчев

 

Вестите од светот можат да отворат ТВ-дневник и да бидат прва вест во информативно издание. Несомнено, обидот за пуч во Турција тоа го заслужува. Сепак, ова беше последна вест во вестите на „Канал 5“ во 18 часот на 17 јули 2016 годна. Не дека сообраќајна несреќа со жртви не може да биде вест, но пуч во една држава, во која до вчера беа уапсени 6.000 луѓе, заслужува да го отвори информативниот блок.

Кога се работи за вести од странство не смее да се занемарат стандардите на новинарската професија. Тоа значи дека прилозите мора да се објективни, содржајни и вистинити. Во овој прилог за случувањата во Турција не беше така. Точно е дека на два дена од обидот за пуч тешко може да се сублимираат податоците кои се спротивставени по вистинитост во зависност од тоа кој ги пласира, ама, сепак, мора да се направи добра процена што е тоа што е најблиску до вистината. Наједноставен начин тоа да се направи е да се земе веста од вистинскиот, односно најрелевантниот извор.

Само со тоа што ќе се даде дел од говорот на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, не се завршило работа. Во најмала рака, во прилогот треба да влезе дека министерот за внатрешни работи на Австрија, Себастијан Курц, повика на трезвеност на властите во Турција и укажа дека обидот за пуч не претставува бланко овластување за произволност. Некои телевизии, на пример, имаа и аналитичари кои ја анализираа состојбата по обидот за воен удар во Турција, особено при делот со донесување заклучоци и насочување вина во и надвор од државата.

 

ЕПП ЗА ГРУЕВСКИ И ЗА ПРОЕКТИТЕ

ЕПП-делот беше наменет за промоција на проектот „Купи куќа за млади“. За овој проект, освен расфрлање со бројки за наводно распродадени парцели, немаше никакви други податоци. Особено не доволно за ваков нов проект и уште на почетокот наречен „успешен“. Содржината на прилогот беше фаворизирачка, апологетска, со пренагласена одбрана и фалење на владините политики и со восхит за лидерот на партијата.

Неизбежен беше и блокот против лидерот на СДСМ, Зоран Заев, преку прес-конференција на пратеникот Васил Пишев, за наводната легализација на имот на негов близок пријател. Пишев рече дека Заев, како градоначалник на Струмица, ја злоупотребил својата положба и спротивно на законот за легализација му легализирал луксузен комплекс на свој пријател. Сепак, во прилогот воопшто немаше потсетување за реакцијата на Општина Струмица за ова обвинување. Имено, уште на почетокот на овие прес-конференции на пратеникот Пишев, Општината излезе со соопштение во кое стоеше дека провладините медиуми лажат и дека сè е во согласност со закон. Ако се сакало прилогот да биде објективен и содржаен, морало да се потсети и на оваа реакција, уште повеќе што не беше побаран одговор на обвинувањето ниту од Општина Струмица, ниту од СДСМ.

 

ВОДЕНИ ЛУДОРИИ

За двојниот аршин што го имаше ова информативно издание зборува и прилогот за обвинувањето на СДСМ за криминал со субвенции за чистење на канали за наводнување. На ова обвинување ескпресно беше пренесена реакцијата од Агенцијата за поддршка на земјоделството.

Инаку, овој прилог беше необјективен и несодржаен. Во информацијата беше пренесен само дел од изјавата на Љупчо Николовски, функционер на СДСМ, од кој не може да се заклучи на што се однесува забелешката на оваа партија:

„Ревизорот предочува дека е можно за едни исти проекти да биле исплатени двојно пари, односно постоел ризик за двојно финансирање на проекти кои се веќе финансирани од други извори и институции !

Кои се тие лица или фирми што добиле бизниси за чистење канали во земјоделството и се чувствувале толку сигурни и моќни за да им бидат исплатени суми, без да подлежат на контроли и процедури според законите?!“

Тоа што гледачите не успеаја да слушнат, а што го кажа Николовски и што, всушност, беше поентата на прес-конференцијата, е дека власта на Груевски не само што делела и исплаќала субвенции на сомнителен начин, туку и огромни суми пари преку програмата за рурален развој на сомнителен начин завршувале кај фирми и лица за чистење канали.

Николовски изјави:

„Скандалозно е што парите за наводно исчистени канали ги добивале лица или фирми, само врз осова на барање и документација, без притоа овластени контролори на Платежната агенција да ја проверат на терен фактичката состојба и да направат и достават Записник !

Обелоденив, како дополнителен заменик министер за земјоделство, дека близу половина милион евра завршиле во фирма на коалицискиот партнер на Груевски и медиумски послушник Љубисав Иванов Ѕинго, чиј син е газда на телевизија Сител – и тоа токму за тендер за чистење на канали за одводнување и наводнување и токму во 2014 година, што е предмет на анализа на ревизорот. За овој случај како што знаете поднесов и Кривична пријава и се води истрага.

Во тој случај станува збор за околу половина милион евра.

Дали фирмата на Ѕинго, Силекс Неметали, е една од оние што добиле од сомнителните близу 3 милиони евра и кои се другите?“

Реакцијата на Агенцијата, пак, беше пренесена во целост.

Кога сме кај „водените“ теми, беше прикажан прилог за опасноста при наводнување на земјоделски површини, но немаше потсетување за проблемите кои ги имаат земјоделците при наводнувањето на нивите, што, всушност, е главната мака на земјоделците. За тие проблеми пред извесно време предупредија и од опозициската партија:

„При крајот на минатата година, од страна на Владата беше формирано АД Водостопанство на Македонија, јавно претпријатие со кое повторно се централизира управувањето со водите и каналите за наводнување на територијата на цела Република Македонија.

Водните заедници кои се грижеа за каналите и дистрибуција на вода за полевање до крајните корисници земјоделците ги ликвидираа а водостопанските претпријатија ги трансформираа во подружници на новото АД.

Со почетокот на летото и потребата од вода за полевање, земјоделците дирекно ја почуствуваа на свој грб оваа погубна политика на владата со трансформацијата на водните заедници.“

 

„ПИВО-ФЕСТ“ УСПЕШЕН, БАРАТА ЗАБОРАВЕНА

Вестите добија и прилог за „Пиво-фест“ во Прилеп, а ниту збор за невремето кое во петокот (15 јули 2017 г.) попладне го зафати градот, а од дождот беше поплавен половина од плоштадот и местото каде што се одржува прилепскиот „Пиво-фест“. Немаше ниту обид за критички осврт за пејачите, организацијата….

Вестите имаа и еден добар прилог за Галичка свадба. Во ова информативно издание немаше ниту една вест од спортот.

Едно информативно издание треба да биде комплетно. И по примерот на превртена пирамида, да почне од најглавната вест, па да заврши со помалку важни вести. Во овој ТВ-дневник тоа не беше така, туку информативното издание наликуваше на исправена пирамида. Во неа имаше каша-попара од вести, подредени без редослед, туку според нечие допаѓање.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).