verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ТВ-дневник: Многу пропаганда и напади насочени кон СЈО и кон Заев

on 19 - 01 - 2017       
Повлекувањето на „Пуч“ - повод за река напади. Фото: скриншот
Повлекувањето на „Пуч“ – повод за река напади. Фото: скриншот

 

[Критички осврт врз ТВ-дневникот на „Сител“ во 19 часот на 18 јануари 2017 година]

 

Политичкиот дел на централниот ТВ-дневник на телевизија „Сител“ беше исполнет со пропаганда и со напади, главно насочени кон Специјалното јавно обвинителство и кон лидерот на СДСМ, Зоран Заев, поради одлуката на СЈО да го повлече обвинението за случајот „Пуч“. Другите вести беа во прилог на власта, пофалби за работата на владини функционери…

Пишува: Ана Анастасовска

 

ТВ-дневникот почна со информацијата на денот дека СЈО го повлече обвинението за предметот „Пуч“, во кој осомничени се Зоран Заев и Зоран Верушевски.

Откако накратко беше пренесено соопштението на СЈО, веднаш се почна со напади врз ова обвинителство, повикувајќи се на некакви експерти, кои во прилогот никаде не се појавија.

„Дел од експертската јавност оваа одлука ја оценува кака скандалозна, но не и неочекувана, бидејќи Заев практично и не се појави во судница, наоѓајќи разни апсурдни оправдувања за одложување на рочиштата. Експертите оценуваат дека тој во координирана акција со СЈО бега од правдата и ова е втора амнестија за него“.

Беше нападнат Заев дека не присуствувал на рочиштата, што не е точно. Имено, на последните две закажани рочишта за „Пуч“ присуствуваше лидерот на СДСМ, Зоран Заев, а единствениот сведок на СЈО, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, не беше поканет.

Понатаму, беше пренесен ставот на опозицискиот СДСМ за одлуката на СЈО, но само во две реченици. Веднаш потоа, следуваше реакцијата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Беше пренесена целата прес-конференција на Трајко Вељаноски. На крајот од прилогот следуваше коментарот на водителот на вестите, дека ова е втора амнестија за Заев и дека „Пуч“ не е единствениот кривичен предмет што се водел против него, односно дека СЈО немало да го спаси лидерот на СДСМ од случајот „Поткуп“. Целиот прилог беше коментаторски, тенденциозен и пропаганден, со намера да се нападне СЈО и да се прикаже како продолжена рака на СДСМ.

Веднаш потоа следуваше објавување на старо интервју со професорот Саво Климовски од март 2016 година, во кое тој нагласува дека Заев требало да се уапси веднаш откако премиерот Никола Груевски излегол во јавноста со тврдењето дека се спремал пуч во државата.

По ова, беше нагласено дека одлуката на СЈО предизвикала бурни реакции на социјалните мрежи и дека многу граѓани ја критикувале. Беа цитирани изјави од граѓани кои ги давале своите коментари под официјалната објава на соопштението на СЈО на неговата фејсбук-страница. Но, она што беше испуштено во прилогот беа позитивните коментари, кои се видливи.

По СЈО, се тргна со пропаганда против албанските интелектуалци. Повод за ова беше нивниот апел упатен до ДУИ, да не коалицира со ВМРО-ДПМНЕ. Прилогот потсети на апелот на албански интелектуалци од 2014 година, во кој тие нагласуваат дека ВМРО-ДПМНЕ морала да колаицира со ДУИ, бидејќи таа партија освоила најмногу гласови во албанскиот политички блок. Прилогот беше насловен „За албанските гласачи едни за македонските други правила во политиката“.

„Ако по изборите во 2014-та со писмо се бараше од ВМРО-ДПМНЕ по секоја цена да состави влада со ДУИ зашто ја има поддршката од мнозинството Албанци, сега со исто писмо се бара спротивното – ДУИ под никакви околности да не направи влада со ВМРО-ДПМНЕ, партијата која ја доби мнозинската поддршка од Македонците“.

Она што не беше спомнато во прилогот е дека правилото да се коалицира со таа албанска партија што освоила најмногу гласови на изборите, е произлезено од Мајскиот договор постигнат меѓу Груевски и Ахмети. Од друга страна, ако Груевски не успее да состави влада во законскиот рок од 20 дена и да обезбеди мнозинство, мандатот ѝ се дава на втората партија според бројот на освоени гласови. Овие факти не беа спомнати во прилогот.

Потоа повторно следуваше напад врз лидерот на СДСМ дека „Заев се враќа во базата, раководството на СДСМ својата прва посета ја реализираше во Арачиново“. Целта на прилогот беше да се нападне Заев дека не го исчистил снегот во Струмица, а функционери од неговата партија се грижеле за жителите на Арачиново на кои им испратиле камиони за чистење на снегот.

„Додека СДСМ чисти низ Арачиново, општината на Заев, Струмица, се дави во снег, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ“.

Тоа што во овој прилог недостигаше е информацијата дека Заев веќе не е градоначланик на Струмица. И во овој прилог имаше невидливи експерти.

„Општина Арачиново ја води градоначалник на ДУИ, па експертите се сомневаат дека Заев сака да му испрати порака на Ахмети дека е време интегративците да си заминат од негова територија“.

Со ова заврши политичкиот блок на дневникот. Прва информација во вториот блок беше за изборот на новиот претседател на Европскиот парламент, италијанскиот десничар Антонио Тајани. Во прилогот за него беше наглаено дека неодмана се сретнал со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кого силно го поддржувал, при што беа пуштени и инсерти од нивната средба.

Следуваше информација за празникот Богојавление – Водици и за подготовките околу него. Имаше вклучување во живо од Охрид, од каде двајца репортери, поединечно, разговараа со ланскиот фаќач на крстот, Петар Рупевски, и со отец Владо Недевски од Дебарско-кичевската епархија.

Понатаму следуваа три прилози кои беа пофалба за работата на владини градоначалници. Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, се пофали дека парите од откажаната новогодишна прослава ќе ги донира за проширување на пунктот за бездомници во Момин Поток. Градоначалникот на Радовиш даде отчет за сработеното во кој се пофали дека во неговиот град имало рекордни 12,5 милиони евра инвестиции. Градоначалникот на Крушево, пак, се пофали дека минатата година локалната самопуправа завршила 10 значајни проекти за подобрување на животот на граѓаните.

Помеѓу овие прилози имаше и еден со кој се нападна градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, кого советници од редот на ВМРО-ДПМНЕ го обвинија дека не го завршил ветениот проект за изградба на училиште во Капиштец, нарекувајќи го „дрво од градоначалник“. Во прилогот недостигаше втората страна.

Потоа следуваше блокот вести за најновите информации од домашниот и од меѓународниот спорт, како и блокот бизнис-вести, во рамки на кој гледачите беа информирани за состанокот на Светскиот економски форум во Давос и пораката оттаму дека е неопходно да се спаси средната класа. Имаше и информација дека ЕЛЕМ не се откажува од изградбата на хидроцентралата „Бошков мост“ и дека банкарите и понатаму не го поевтинуваат кредитирањето.

Целиот ТВ-дневник беше исполнет со пропаганда и со напади, главно насочени кон Специјалното јавно обвинителство и кон лидерот на СДСМ, Зоран Заев, поради одлуката на СЈО да го повлече обвинението за случајот „Пуч“.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).