ТВ-дневник полн со спинови и со фалби за власта, кој нема место за штрајкот на колегите од МПМ
Објавено во Новинарски лекции
on 21 - 02 - 2017 Автор: Ана Анастасовска
[Критички осврт врз ТВ-дневникот на „Алфа“ во 17.30 часот на 20 февруари 2017 година]
Овој централен дневник на „Алфа“ беше исполнет со политичка пропаганда во корист на ВМРО-ДПМНЕ. Гледачите, освен за активностите поврзани со оваа партија, друго не можеа да слушнат. За СДСМ слушнавме само дека ОЈО водела истрага против оваа партија за изборни нерегуларности. Не изостанаа ниту нападите врз американскиот амбасадор во земјава, Џес Бејли, кои во последниот период се сè позачестени на провладините медиуми и портали. Во дневникот имаше доста спинови и нецелосни информации, а штрајкот во МПМ не беше ниту спомнат.
Пишува: Ана Анастасовска
ТВ-дневникот почна со ударна информација дека ОЈО истражува црни пари за изборите во 2014 и во 2016 година. Иако во соопштението од обвинителството на ниту едно место не беше спомнато името на партијата против која се води истрагата, сепак, „Алфа“ од свои извори дознава дека тоа е СДСМ. Ова беше наменски спомнато за да се дискредитира опозициската партија и да се прогласи за виновна, заборавајќи на принципот презумција на невиност.
Кога веќе имаше прилог за активностите на ОЈО, можеше да се спомне и за активностите на СЈО, но во овој ТВ-дневник немаше ништо во врска со работата на Специјалното обвинителство, иако дента тема на денот во критички настроените медиуми беше веста дека СЈО влегло во „Канал 5“, а неколку дена претходно и во новинско-издавачката куќа МПМ.
Дневникот продолжи со црна хроника и со веста дека Македонец, Сириец и Босанец силувале млада загрепчанка.
Третиот прилог во вестите беше посветен на Есад Рахиќ и на неговите закани упатени кон новинарите, искажани во текот на интервјуто на ТВ24.
„Поранешниот пратеник од редовите на СДСМ Есад Рахиќ им објави војна на новинарите кои пишувале за неговиот брат Сеад кој во петокот беше уапсен под сомнение дека вршел трговија со дрога и нелегално поседување на оружје“.
Во ред е што се критикува оваа изјава, но, сепак, потребни се релевантни и издржани критики. Не беше пренесена официјалната реакција на ЗНМ дека „ваквите непримерни изјави преставуваат директен напад врз слободата на медиумите и имаат цел да ги замолчуваат новинарите“. Но, затоа беше пренесена реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, која ги осуди изјавите на Рахиќ и ги охрабри институциите и медиумите да го истражат докрај случајот.
И овој прилог беше селективен, односно наменски беше изваден само тој дел од интервјуто на Рахиќ, иако тој во вестите на ТВ24 зборуваше и за тоа дека апсењето на неговиот брат било „политичка пресметка“ и дека во текот на акцијата на МВР биле прекршени бројни правни процедури. Гледачите на „Алфа“ немаа можност да слушнат за ваквите тврдења на експратеникот.
Дневникот продолжи со политичкиот дел и со прилог во врска со формирањето на новата влада и со преговорите меѓу ДУИ и СДСМ. Главната вест во прилогот беше кавгата меѓу ДУИ и Беса, односно дека Беса нема намера да учествува во телото за подготовка на нов закон за јазиците. Прилогот во првиот дел беше професионално изработен. Го имаше ставот на Беса, како и реакциите на ДУИ и на Алијанса за Албанците. Беше нагласено дека „ДУИ е на ставот дека предлогот за употреба на албанскиот јазик и писмо не задира во Уставот и тој не треба да се менува, дека тоа воопшто не е предмет на преговори“.
Но, веднаш потоа, беше вметнат еден спин, дека доколку СДСМ не ги поддржи интересите на Албанците, мислејќи на промена на Уставот, неизвесен ќе биде бројот на пратеници на оваа партија.
„Од друга страна, пак, сè понеизвесен е и бројот на пратеници кои ги освои Заев, дали ќе застанат зад него доколку не ги подржува албанските интереси. Доколку се одлучи на ваков чекор барем засега ќе има еден пратеник помалку“.
Во овој контекст беше злоупотребена изјавата на пратеникот Мухамед Зекири од СДСМ, дадена на телевизија „Алсат-М“. На прашањето: „Доколку Заев поддржува некоја политика што не е во интерес на Албанците, дали Вие би излегле јавно да се спротиставите?“, Зекири одговара:
„Доколку констатирам дека некој излегува надвор од принципите за кои јас сум во оваа партија, јас веќе нема да бидам дел од таа партија“.
Во неговата изјава ниту се спомнува промена на Устав, ниту закон за албански јазик, ништо. Но, таа е вешто искористена за да се изманипулираат гледачите.
Понатаму следеше прилог кој претставуваше напад врз американскиот амбасадор во земјава, Џес Бејли. Веста беше дека е можна официјална истрага во САД за улогата на Бејли во слевањето на пари од УСАИД во организации кои се поврзани со Џорџ Сорос. Гледачите ја слушнаа изјавата на републиканкиот конгресмен Трент Франкс, кој се залага за ваква истрага, но никаде не беше спомнат ставот на Бејли по ова прашање, кој амбасадорот го искажа еден ден претходно во интервју за ТВ „Сител“.
По нападот на Бејли, беше соопштено откритието на Васко Ефтов во неговата емисија „Во центар“, дека прислушувањето во Македонија било операција од грандиозни размери. Целта на прилогот беше да се убеди гледачот дека прислушувањето го организирале странски служби, што е теза на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, иако СЈО отвори истрага за овој случај во кој сомничи вработени во УБК и во МВР.
„Три структури имале допир или имале можност да го користат резервниот оперативен систем во рамки во петтата управа на Министерството за внатрешни работи. Тој бил началникот господинот Горан Груевски, тој бил заменикот господинот Ѓорѓи Лазаревски и една трета личност кој е со потекло од странска држава. Името на таа трета личност не го кажуваат ни господинот Горан Груевски ни господинот Лазаревски. Луѓето кои се разбираат во тие работи велат дека кога ќе биде соопштено името на таа трета личност ќе стане вистински земјотрес на македонската политичка сцена“.
По ова следеа низа прилози за промоција на владини мерки и активности и за пофалба на истите.
- Со мерката Самовработување отворени над 8.700 бизниси од кои 35% ги почнале млади
- Граѓаните меѓу 30 и 35 години ќе добијат поволности од МОН за доусовршување на образованието
- Арбитри ќе ги решаваат проблемите помеѓу работниците и работодавците
- По Србија, „Мој Термин“, размислува да преземе и Ирска
Беше спомнат и штрајкот во „Македонски железници“ (МЖ). Во прилогот го слушнавме ставот на раководството на компанијата, но не и ставот на штрајкувачите. Реакција за проблемите на вработените во МЖ имаше и СДСМ од каде повикаа вработените да ги добијат своите плати. Но, и ова гледачите немаа мможност да го слушнат.
Од вестите од светот имаше информација дека Русија ги отфрла наводите за постоење заговор за убиство на Ѓукановиќ, дека безбедносни камери го снимиле нападот врз полубратот на северно-корејскиот лидер, Ким Јонг Ун, и дека почнал судскиот процес на обидот за напад врз турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Во дневникот не беше спомнато ништо за штрајкот во МПМ ниту, пак, за притисоците и заканите со кои се соочувале новинарите од редакциите на „Дневник“, „Утрински“ и на „Вест“, на што укажаа од новинарскиот синдикат.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).