verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ТВ-дневник: Коректив на граѓаните – промотор на власта и на партијата

on 16 - 08 - 2016       
Груевски прашува, цела држава одговара, медиумите неми набљудувачи. Фото: скриншот
Груевски прашува, цела држава одговара, медиумите неми набљудувачи. Фото: скриншот

 

Медиумите треба да бидат коректив на власта, но во случајов имаме дневник кој е коректив на граѓаните. Коментарите се поддржуваат со спинувани изјави и со забележителен напор на репортерите да ги натераат своите соговорници да изјават дека и да има проблеми, истите се решаваат. Решение на проблемите, според медиумот, е партиски лидер кој се презентира како испрашува државни функционери без никој од новинарите да го праша зошто

 

[Критички осврт врз ТВ-дневникот на „Канал 5“ во 18 часот на 15 август 2016 година]

 

Пишува: Александар Пешев

 

Вo нaјавата на водечкиот прилог се напоменува дека владината одлука за стоотстотен надомест за штетите на жителите од погодените подрачја „им ја врати вербата во подобра иднина“. Изјавите што репортерот ги зема од терен не соодветствуваат на ваквата најава:

Жител: „Проценителите запишаа, а што ќе дадат тоа е нивна работа“.

 

Репортер: „Ве информираа ли дека за сè што е загубено ќе ви биде надоместено?“

 

Жител: „Рекоа. Не знам зет ми дали ви кажа, ова е сè уништено. Тоа сè ќе падне. Еве и овдека – водата гледајте ја – и тоа ќе падне. Проценителите велат дека тоа ќе се плати. Дали ќе се плати не знам, важно дека сто посто уништено е“.

Акцентот во известувањето е ставен на владината одлука. Репортерот и снимателот на терен, намерно или по грешка, речиси и да не ги користат можностите што ги има визуелниот медиум. Наместо камерата да ги регистрира штетите за кои говори првоанкетираниот жител, кадарот е тесно фокусиран, а се создава впечаток дека новинарот се обидува да го изнуди соговорникот да каже дека е задоволен од владината одлука. Сличен метод на навидум ставање зборови во уста се забележува и со вториот соговорник:

Репортер: „Дали сте задоволни од посетата?“

 

Жител: „Па, не се знае ништо. Попишаа тоа што беше оштетено, жито и фрижидери и тоа“.

 

Репортер: „Како сте задоволни од проценката?“

 

Жител: „Па, не се знае ништо, колку е проценето. Не се знае ништо“.

 

Репортер: „Ве информираа ли дека сè што е оштетено сто посто ќе ви биде надокнадено?“

 

Жител: „Ништо не ни кажаа, само нè запишаа и толку…“

Клучното прашање што произлегува од одговорите на соговорниците е: „Дали верувате дека владата ќе ви надомести за сè што е оштетено?“ Наместо тоа, новинарот како да застанува во улога на промотор и упорно прашува: „Ве информираа ли дека сè што е оштетено ќе ви биде сто проценти надоместено?“. Од каде толкава сигурност дека навреме и целосно ќе биде исплатена отштета? Зошто не се посочува дека жителите засега не се сигурни дали уредно ќе им биде исплатен ветениот надомест? Имаме јасен обид за спин на изјавите, кој се дополнува со промотивно известување. Наместо фокусот да се стави на изјавите на жителите од анкетата, во фокусот упорно се ставаат владините одлуки. Веќе јасната промоција на владините мерки се дополнува со изјава на вицепремиерот за економски прашања. Изјавата на Владимир Пешевски е многу подолга од анкетата. Двојно повеќе време е отстапено за неговиот преглед на владините мерки, а погодените жители како да се ставени во втор план, единствено запрашани дали се информирани за владината одлука, а не како се живее во поплавеното село.

Следуваат изјави за собраните донации, за активностите на волонтерите и за текот на расчистувањето, без ниту еден кадар од состојбата на терен. Гледаме луѓе кои говорат за штети, а снимки од штетите за кои се зборува речиси и да нема, со исклучок на неколку кадри на почетокот од линкот. Телевизијата покажува, но во случајов се чини како таа само да цитира.

 

СЕ ПОЈАВИ ГРУЕВСКИ – СЕ РЕШАВА ПРОБЛЕМОТ 

Од линковското јавување се најавува прилог кој почнува со информацијата околу испумпани води, под следниов наслов:

„Груевски во Таор – Испумпани 2,3 милиони метри кубни подземна вода за една недела“

Ако водечката информација е дека се испумпува вода од поплавените подрачја, тогаш каква врска има тоа што партски лидер се наоѓа на споменатата локација? Дали немаше да се испумпа водата ако Никола Груевски не се појавеше во Таор? Насловот соодветствува на прилогот – централен лик во прилогот не е директорот на надлежната државна институција, туку лидерот на партијата ВМРО-ДПМНЕ.  Во прилогот се парафразира тоа што го изјавил министерот за транспорт и врски, а наместо да следува соодветната изјава, се пушта кадар каде партиски лидер го испрашува министерот. Повторно се парафразира изјава на министерот и повторно, наместо негова изјава, имаме кадар во движење. Микрофоните се насочени кон поранешниот премиер, кој нема никаква државна функција, но, и покрај тоа, на министерот му посочува дека имало проблеми со расчистувањето на терен и прашува дали се средило тоа.

Новинарите се ставени во улога на партиски промотори. Најмногу загрижува тоа што при целото парадирање и вкрстено испрашување, нема ни кадар ни тон од новинар да поставува прашања, особено кучното прашање: Зошто и со кое право лидер на партија, кој не располага со народните пари, испрашува вршител на државна функција платен од народот?

 

ЗАДУШЕНИ ПОПЛАКИ И СПИНОВИ КОН ФАЛЕЊЕ

Се враќа линкот на терен од каде се посочува дека се работи со полна пареа и дека и водата во селото Виниче е безбедна за пиење, по што следува прилог. Наместо информации од надлежната институција, се пушта уште една анкета од жител во партиска маица, кој дава отчет: дека се исчистиле патиштата, дека џипови можат да стигнат до локацијата каде ја хлорираат водата и дека таа е исправна за пиење. Дали при обидот за анкета се налета на експерт за квалитет на води? Се поставуваат три клучни прашања:

  • Кој е овој човек и со кои ингеренции и квалификации дава вакви информации?;
  • Што ако не е во право?;
  • Зошто нема изјави од надлежната институција?

Втората анкетирана личност изразува благодарност и тука се забележува обид за ставање зборови во уста:

Жител: „Одамна оди вода оттаму, се пие таа вода оттаму. Досега немало проблем, а за понатаму не знам, ќе видиме“.

 

Репортер: „И патот ви го направија дотаму“.

 

Жител: „Да, да, да, да…. Патот е пресечен од вода онаму…“

Новинар прашува. Новинар не посочува што треба да се каже и како соговорникот треба да размислува. Анкетираната посочува дека подрумите биле поплавени и дека сè сами исчистиле, но наместо да се постави прашање „Дали добивте навремена помош за чистење?”, побитно беше да се посочи дека „И патот ви го поправија“. Имаме уште еден обид за спин, веројатно за да се презентира дека и покрај сè, ветувањата се исполнуваат, штети се покриваат, а придружните поплаки јасно се потценуваат и се задушуваат:

Жител: „Ни беше страв да пиеме од водата“.

 

Репортер: „Ама, сега е во ред, така?“

Дневникот продолжува со прилог за дезинфекција и за дезинсекција на поплавените подрачја, а во најавата се тврди дека сите куќи се санирани. Имаме едностран прилог, со изјава од надлежните, а ниту една изјава од жителите со која би се потврдило тврдењето дека сè  е средено.

 

МЕДИУМОТ НАМЕСТО ГРАЃАНИТЕ ТВРДИ ДЕКА СЀ Е ПОДОБРО  

Спинот што се провлекува низ целото информативно издание се комплетира со претпоследниот прилог од овој блок под наслов „Очајните слики во поплавените подрачја стануваат минато“. Најавата е полна со коментари дека сè се средува без ниту една атрибуција – кој вели дека очајните слики стануваат минато? Повторно се дава клучниот коментар, кон кој се спинувани изјавите на анкетираните и за чие афирмирање се потрошени безброј минути од дневникот:

„Полека се враќа и охрабреноста кај граѓаните дека изгубеното ќе им се поврати со владината одлука за сто процентна отштета“.

Во прилогот се употребуваат изјави од архива за да се покаже слика на очај. Се реди преглед на преземените активности со паралелни снимки од штетите и шетањето на Никола Груевски на терен. Како да се сака да се покаже дека за сите успеси, кои се раскажуваат во прилогот, клучна улога имал лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој е регистриран од камерите. За да се комплетира впечатокот, следуваат изјави од граѓани кои му се обраќаат на Груевски, додека тој ги потпрашува. Прилогот завршува со парафразирани изјави на неименувани лица, кои, наводно, биле среќни што работите одат кон подобро. Прилогот е едностран и спинуван кон позитивно прикажување на партиски лидер за кој се добива впечаток дека е главен координатор на напорите на сите надлежни државни институции. Следува уште еден прилог со целосно иста тематика и идентичен агол на известување како и претходниот. Не е јасно зошто мора уште еднаш да се повторуваат информациите и коментарите од претходната објава.

Со изјава од СДСМ и со партиска реакција од ВМРО-ДПМНЕ се затвора делот од дневникот кој е посветен на поплавите. Информативното издание продолжува со информации од културата и со линк за школата за млади лидери што ја организира претседателот Ѓорѓе Иванов.

Сè на сè, имаме информативно издание во кое фокусот е соодветно посветен на најактуелната тема, но известувањето е од погрешен агол. Наместо медиумот да ја извршува својата улога како коректив на власта, телевизијата како да се ставила во улога на коректив на граѓаните, чии поплаки репортерите ги насочуваат кон пофалби. Впечатокот е дека имаме рекламен блок во кој на централно место е ставен претседател на политичка партија, кој упорно испрашува државни претставници без никој да го праша со која цел, право и овластување се однесува на таков начин. Бројните коментаторски елементи не се поддржани со соодветни изјави. Навидум, се прави напор да се укаже дека решението на проблемите што не можеле да се спречат, лежи во лидерството на политичка партија која со право се меша во работата на државните институции.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).