verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ТВ-дневник: Фалби, „тајни документи“ и малку суеверие

on 15 - 05 - 2016       
„Спонтано“ чистење, руска разузнувачка служба и Петок 13-ти. Фото: скриншот/funphotobox
„Спонтано“ чистење, руска разузнувачка служба и петок тринаесетти. Фото: скриншот/funphotobox

 

[Критички осврт врз ТВ-дневникот на „Канал 5“ во 18 часот на 14 мај 2016 година]

 

Овој ТВ-дневник беше полн со информации и со настани, но тие беа главно посветени на активностите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ преку промоција на нивни проекти и ставови. Пропаганда и суеверие, маркетиншки прилози, но и напад на опозицијата и демонизирање на „Шарената револуција“ го одбележаа овој ТВ-дневник.

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Ударна вест, како за почеток, во овој ТВ-дневник беше присуството на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на народен собир во Драчево со ветераните на партијата. Во овој прилог гледачите имаа можност да го видат Груевски како се поздравува со насобраниот народ, како се крсти и се моли во црква, но и да ја слушнат неговата порака дека демонстрантите од „Шарената револуција“ „ги боли тоа што е изградено, но народот нема да дозволи негово рушење“.

Следуваше прилог околу изборите на 5 јуни и најава дека ДУИ в понеделник ќе поднесе нова, втора иницијатива до Уставниот суд за свикување на Собранието. Во рамки на прилогот беа пренесени фејсбук-статусот на Силвана Бонева од ДИК, како и прес-конференцијата на потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски, и реакција од ВМРО-ДПМНЕ. Овој прилог беше новинарски професионален, бидејќи ги содржеше ставовите на сите засегнати страни.

Понатаму, имаше информација дека партијата на Бранко Јаневски, СДПМ, се повлече од изборите и дека партијата на Јанко Бачев, НДМ, не ги исполнува условите за учество на избори. Тука, на префинет начин, беше избегната суштинската вест, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ ќе оди сама на избори.

По ова следуваше доза пропаганда и демонизирање на „Шарената револуција“. Прилогот „И денес се чистеше бојата од спомениците во Скопје“ имаше цел да ги нападне демонстрантите дека ги оштетуваат спомениците кои се дел од проектот „Скопје 2014“ и да ги прикаже како насилници кои уништуваат и сквернават сè пред себе. Така, наместо гледачите да се информираат зошто протестираат поддржувачите на „Шарената револуција“, тие слушнаа како демонстрантите ја демолирале и ја запалиле канцеларијата на претседателот Иванов, за што дел од нив добиле притвори, како им нанеле телесни повреди на полицајци, како уништуваат споменици и слично. Она што недостигаше во овој прилог е да се наметне прашањето дали жените кои секојдневно ги чистат спомениците се навистина спонтано собрани или, пак, тоа го прават по партиска наредба.

„За време на таканаречената Шарена револуција на мета на дел од учесниците на протестот беа не само спомениците кои ја прикажуваат македонската историја, туку и редица други објекти, министерства и државни институции, а целосно беше демолирана и народната канцеларија на претседателот Ѓорѓе Иванов, штета која беше проценета на 880 илјади денари од страна на Државното правобранителство. Дел од лицата кои дивееја по протестите организирани од граѓанското движење „Протестирам“ завршија со кривични пријави, некои заработија неколкуденевен куќен притвор, а десетина од нив ќе одговараат прекршочно. Во протестите кои траат од 14-ти минатиот месец со телесни повреди се здобија неколкумина полициски службеници.“

Во контекст на ова, беше пропуштена информацијата за притисоците за кои се жалат дека ги трпат поддржувачите на „Шарената револуција“, како, на пример, сопственикот на кафе-барот „Излет“, чиј локал утрината осамнал обоен.

Понатаму следуваше уште една доза пропаганда во контекст на заговорите дека САД и ЕУ подготвуваат војна на Балканот, која ќе почне во Скопје и во Република Српска, како и дека во Скопје таа веќе почнала со „Шарената револуција“, која се одвивала по налог на странците. Имено, беше пренесен прилог од срспката РТС, како Путин предупредува дека Западот подготвува војна на Балканот, испракајќи тајни документи до српските разузнавачи служби. Точно е дека во саботата беа закажани два протестни митинзи во исто време, и на власта и на опозцијата во Бања Лука, но на нив немаше насилство и не почна никаква војна. Ова значи дека прилогот на РТС се покажа како неточен и тоа беше познато уште пред почетокот на овој ТВ-дневник, зашто овие митинзи беа завршени со часови претходно. Исто така, воопшто не е јасно како тоа доверливи документи на руските тајни служби би можеле да се најдат во телевизиски вести. Ако веќе се објавуваат делови од нив пред целата јавност, тогаш тие не можат да се наречат „тајни документи“.

Следуваше информација за протестот на кадетите што ја завршиле обуката за полицијаци пред МВР. Тука беа застапени ставовите и на министерот Оливер Спасовски и на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. А, по неа беше објавена информација за канабисот, според која екстракти од него ќе се најдат во аптеките до крајот на мај.

По ова беше поместен и прилог кој содржеше доза суеверие. Имено, прилогот „Полицијата и екипите на итната медицинска помош имаа полни раце работа на петок 13“ беше полн со настани регистрирани во полицискиот билтен на МВР, но тоа што тие се случиле на петок, 13 мај, не е упатно да се нагласува во медиумите. Секој има право да мисли што сака и да верува во што сака, но доколку за вакви верувања се пишува во медиумите и тие се нагласуваат, тогаш едно од основните правила е од лични, прилично приватни концепти, да не се изведуваат генерални заклучоци.

По овој блок повторно се најде простор за прилози во корист на ВМРО-ДПМНЕ. Гледачите слушнаа дека проектот за пелетите, кој неодамна го промовираше Груевски, го поздравиле домашните производители на камини. Следуваше и разговор со градоначалникот на Босилово во врска со рудникот Иловица, како и разговор со претставник на Црвен крст и проектот „Помош на стари лица“.

Кога станува збор за јавниот инетерес, она што гледачите не го слушнаа во овој ТВ-дневник, а што можеше да се види и прочита по другите медиуми, се проблемите на сточарите со болеста јазлеста кожа.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).