ТВ-дневник: „Да се остави ВМРО-ДПМНЕ да владее секогаш“
Објавено во Новинарски лекции
on 6 - 03 - 2016 Автор: Владо Ѓорчев
[Критички осврт врз ТВ-дневникот на „Сител“ во 19 часот на 05.03.2016 година]
Спинови, воздигнување на власта, прескокнување на цели настани и сегменти од настани кои не ѝ одговараат на онаа „вистина“ што дневникот решил да ја протурка уште пред да се проследат настаните, напади врз вообичаните личности и партии, крајна необјективност, неизбалансираност и недостиг од дистанца од омилените политичките субјекти. Вообичаен ТВ-дневник на провладин медиум.
Пишува: Владо Ѓорчев
„Од проектот на ВМРО-ДПМНЕ сме многу задоволни и уште понатаму нека владеат за да можат уште поуспешно да напредуваат и да ги поддржуваат пензионерите.“
Оваа изјава на еден пензионер, соговорник во прилогот за бесплатен туристички викенд, беше лајтмотив за целото издание на ТВ-дневникот на „Сител“ на 5 март 2016 година во 19 часот.
Политичко-рекламно издание за владејачката партија од првиот до последниот прилог во терминот на вестите од Македонија. Прилозите беа несодржајни, необјективни, дел од нив невистинити, а во голема мера и спинувани. Ја немаше втората страна, или, ако беше застапена, тоа беше извадено од контекст или со некоја намера да се омаловажи соговорникот.
ЕДНА ЛАСТОВИЦА НЕ НОСИ ПРОЛЕТ
Ако првата ластовица ја навестува пролетта, и првиот прилог покажа какво информативно издание може да очекуваме. И без поголема анализа можеше да се претпостави дека отворањето на ТВ-дневникот ќе биде со протестот на Светскиот македонски конгрес (СМК) пред Министерството за внатрешни работи.
И како што почна прилогот со пумпање на атмосферата:
„Започна мирниот протест на граѓаните пред МВР. Гневни на интригите на техничкиот министер за внатрешни работи, граѓаните извикуваат пароли СПАСОВСКИ ОСТАВКА !“
….заврши со спин:
„Незадоволните граѓани сметаат дека Спасовски треба да поднесе оставка затоа што не спречил да се уништат темелите на крстот во Бутел.“
Тоа што, пак, Спасовски спречи состојбата да излезе од контрола можеби не било доволно за да се спомене во прилогот. Со него гледачите беа само напумпано информирани за масовноста на протестот, но останаа неинформирани за повеќе моменти. Еден аналитички прилог, содржаен и објективен би требало да ги запази и моментите дека претседеталот на СМК изнесе контрадикторни тврдења.
Претседателот на СМК, Тодор Петров, и покрај официјалните информации дека немал потрес на мозок и неговите пишувања на фејсбук-профилот, денеска пред граѓаните го кажа спротивното.
„После физичкиот напад од Изет Меџити и Бекир Асани, останав жив. И покрај потресот на мозок поради ударите, смогнав сили да дојдам денес, рече денеска на протестот Петров.“
Непосредно по нападот, на својот фејсбук-профил тој напиша дека нема скршеници, ниту, пак, потрес на мозокот.
Некои од медимите пред протестот пишуваа дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ се мобилизира за протест пред Министерството за внатрешни работи и се праќале СМС-пораки помеѓу членството за излегување на протест против министерот Оливер Спасовски.
Оваа дилема не беше застапена.
По завршувањето на овој прилог беше пуштена и изјавата на техничкиот министер за внатрешни работи, Оливер Спапсовки, но само еден дел и тоа со прашањето зошто полицијата дозволила групата на Беќир Асани да уништува државен имот.
Гледачите немаа можност да го слушнат овој дел од изјавата:
„Јас мислам дека по една ваква мирна разврска, по висината и одговорност на која што беа и политичките субјекти и сите коишто учевствуваа во овој процес, нема место да се протестира пред Министерството за внатрешни работи. На таков начин се понижуваат полициските службеници коишто најпрофесионално си ја извршија својата задача во овие тешки моменти за Македонија и за општина Бутел – додаде Спасовски.“
Го немаше ниту соопштението од МВР во кое стои дека за разлика од минатиот период, ова министерство нема да дозволи да се употребува како алатка во служба на политичките партии за исполнување на некакви сценарија подготвени во партиските штабови.
Меѓу другото, пак, за што беше „заборавено“ да се извести кога станува збор за министерот Спасовски, е тоа дека тој во Ургентниот центар во Скопје го посети полицаецот Т. П., кој беше повреден во настаните во општина Бутел и, честитајќи му на храброста, му посака брзо закрепнување.
Кога веќе известуваше за протести, ова информативно издание, исто така, заборави да информира и за мирниот собир пред Уставниот суд, во организација на граѓанската иницијатива „Ајде“.
На собирот, како што известија другите медиуми, се обратил и Владимир Христовски кој пред една и пол година бил член на ВМРО–ДПМНЕ, но неможејќи веќе да го поднесува теророт, како што вели самиот, се повлекол од УМС (Унија на млади сили). Тој вели дека не можел да ги трпи принудите да донесе 10 луѓе што ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ.
И на денот на протестите, „изумено“ беше да се извести барем на кратко дека активисти и членови на партијата на Љубе Бошкоски в понеделник најавија протест пред затворот во Идризово. На протестот, кој е закажан во 11 часот, ќе биде повикан директорот на затворот, Живко Пејковски, да одговори чии наредби спроведува и дали е подготвен да ја преземе одговорноста за намерното продолжување на престојот на Љубе Бошкоски во затворот во Идризово.
Во делот на вестите каде што се зборуваше за протестот пред МВР, ниту во прилогот (што би било очекувано), ниту во посебен извештај, немаше информација дека состојбата во Бутел, каде два дена имаше инциденти, е мирна.
ЈАГУАРОВ СКОК ВО РЕКЛАМНА ШЕМА
И некако со јагуаров скок од првиот прилог, без некаква посебна причина, информативното издание се сврте кон проектите што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, ги најавил за младите. Се „величаа“ успесите на Груевски за стипендии, ослободувања од партиципации, стимулација за упис на факултети, бесплатен автобуски и жележнички превоз, наградни патувања за најдобрите студенти, нови пералници во студентските домови… за на крајот да се поентира:
„Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за 2 месеци промовираше сет од 34 мерки за млади.“
Притоа, во ниту еден момент прилогот не се запраша како може лидер на партија да промовира мерки кои се во надлежност на владата?! Исто така, овој прилог не потсети за тоа како живеат студентите во студентските домови. Во какви услови учат: руинирани, субстандардни…
Ако мислевте дека ова информативно издание помина без да се нападне специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, сте се излажале. Таа беше тема на обработка и во овие вести и тоа во спинуван прилог со наслов: И Меѓународната заедница бара од Јанева да не постапува политички.
Така, во прилогот се вади дел од изјавата на заменикот помошник државен секретар на САД, Брајан Хојт Ји, и се спинува:
„Сметаме дека е многу важно сите институции, Владата и политичките партии да соработуваат со работата на Специјалната обвинителка и нејзината работа да биде неполитичка и независна што е можно повеќе, изјави Хојт Ји“,
…за на крајот да се заклучи:
„Сите овие постапки во јавноста ја отворија дилемата: дали единствената мисија на Катица Јанева е да го ослободи Заев од обвиненијата за сериозни криминали.“
Целосно извртен контекст на изјавата. Прво, изваден е само еден дел од изјавата, таа се спинува и на крајот поентира со невистина. Тоа е класичен начин на спинување и пример за десетка како тоа се прави.
Ова е класично изместување од вистината, а како оправдување прилогот побарал изјава од обвинителството, кое и дало свој одговор.
Но, тоа што е поважно е што точно кажа Хојт Ји. Независните редакции ја пренесоа во целост неговата изјава од која се гледа каде тој сака да ја лоцира вината:
„На сите наши состаноци потенцираме дека е многу важно да се поддржи Специјалното обвинителство, да се поддржи владеењето на правото и да се осигура сите официјални претставници да одговараат за своите дела во согласност со владеењето на правото, им соопшти денес на медиумите заменик-помошникот на американскиот државен секретар за Европа и Азија, Брајан Хојт Ји, кој беше во дводневна посета на Македонија.
Тој потенцираше дека е многу важно сите страни да соработуваат со работата на специјалната обвинителка, „за нејзината работа да биде без политичка вмешаност и независна“.
„КУРИРСКИ“ ВЕСТИ
Во вестите, како по некое правило, беше пренесен и текст од „Курир“, со наслов: Курир: Ременски остави без работа 44 лица, во кој се вели дека со нејзина одлука 44 хигиеничари од Прифатниот центар за мигранти во Гевгелија останаа без работа. Во прилогот нема изјава ниту од Министерството за труд и социјална политика, ниту се оддава чувство дека е побарано мислење и од министерката Фросина Ременски.
Во дневникот се најде место за напад и на градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, со наслов: Нови споменици во Центар: На Жерновски не му се доволни изградените спомен-обележја. И овој по малку смешен прилог за тоа како Жерновски ќе поставувал споменици не беше содржаен и објективен. За тоа морало во него да се спомене колку споменици изградила Владата во проектот „Скопје 2014“ и колку пари се потрошени за нив. Тоа што кратко беше пренесен демант од Општина Центар, не го пере прилогот од неговите пропусти.
И во целосен напад на опозицијата и пофалби за власта заврши и ова издание на ТВ-дневникот. Добро спакувани беа само прилозите од светот и од спортот. И, како по некое непишано правило, и овие вести покажаа каков е нивниот терк на работа – напаѓај ја опозицијата, фали ја власта и си завршил работа.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).