ТВ-дневник: Агресивна политичка пропаганда, сите прилози во корист на власта
Објавено во Новинарски лекции
on 17 - 04 - 2016 Автор: Ана Анастасовска
[Критички осврт врз ТВ-дневникот на „Алфа“ во 17 часот на 16.4.2016 година]
Овој ТВ-дневник беше класичен пример на политичка пропаганда со која се фалеше власта, а се напаѓаше опозицијата. Сите прилози беа во корист на владеjачката ВМРО-ДПМНЕ. Дури и прилогот за масовните протести кои ги организираат невладините организации против одлуката за општа аболиција на Иванов и против изборите, беа претставени како насилни и алатка на СДСМ.
Пишува: Ана Анастасовска
ТВ-дневникот почна со веста за тоа дека Државната изборна комисија го усвоила роковникот за изборни дејства. Притоа, беше спомнато дека претседателот на комисијата, Александар Чичаковски, кој ја напушти седницата претходниот ден пред гласањето за подготвеноста на ДИК за избори, учествувал во работата на седницата. Она што беше пропуштено да се спомне е дека на седницата не присуствуваа членовите предложени од СДСМ, Игор Милев и Виолета Дума, кои, исто така, не присуствуваа на гласањето за избирачкиот список. Исто така, она што не беше спомнато е дека ДИК го игнорира укажувањето на МВР дека треба уште време за проверка на гласачите. Оваа вест можеше да се прочита кај другите медиуми.
Вториот прилог, исто така, ударен, беше изјава на претседателот на Атлантскиот совет, Ариел Коен, при негово гостување во ТВ-дневник на американската телевизија ОАН. Притоа, беше истакнат неговиот став дека „Македонија е дестабилизирана од социјалистичката опозиција и дека Зоран Заев бега од избори“.
Третата вест беше за писмото на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, упатено до претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов. Беше прочитан ставот на Мијалков, а на крајот од прилогот беше истакнато:
„За потсетување, претседателот Иванов и покрај барањата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, спикерот Велајновски и други, како и протестите да се укине оваа одлука, изјави дека ја донел за да стави крај на кризата која предолго трае во Македонија и за сите партии да бидат, како што вели, растеретени пред изборите. Тој вчера повтори дека нема намера да ја повлече донесената одлука.“
Намерно или случајно, тука не беа спомнати Бранко Црвенковски и Зоран Заев кои први го повикаа претседателот да ги повлече одлуките со кои тие се аболирани.
Следниот прилог, „Tопло-ладно од СДСМ: Полицијата во дилема – добиваат камења или цвеќе од социјалдемократите?!“, беше посветен на граѓанските протести против одлуката за општа аболиција на претседателот Иванов и против изборите. Уште во самиот наслов на овој прилог има спин, односно убедување на гледачите дека станува збор за протести организирани од СДСМ, што не е точно. Зад протестите стојат невладини организации. Навраќајќи се на инцидентите од претходните протести, се сакаше и завчерашните протести да се претстават како насилни и хулигански, нагласувајќи дека демонстрантите биле „хулигани на СДСМ“, иако протестите поминаа мирно. Преку информацијата за фрлените неколку јајца врз Порта „Македонија“, се направи обид ваквиот потег да се претстави како вовед во уривање на сите споменици од „Скопје 2014“, при што се употреби и изјава на професорот Фрчковски.
Беше направен уште еден спин, злоупотребувајќи фејсбук-статус на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, нагласувајќи дека тој бил „горд што неговите демонстрансти ја оштетиле Порта „Македонија“.
Инаку, статусот на Заев гласи вака:
„Горд сум вечерва на Скопје. Нашиот народ од главниот град се бори за својата Македонија. Среќен сум што сега знам дека вредеше борбата… Ајде сега на ред се и другите граѓани од другите градови во Македонија. Македонија ни е сè што имаме!“
Секако, во духот на пропагандата, не беше испуштено да се спомне дека:
„Наспроти насилните протести на опозицијата, од друга страна мирни, масовни и достоинствени протести. Народот не сака да ја даде државата во туѓи раце. Река народ излезе да даде поддршка за одржување на избори на 5 јуни со порака народот ќе пресуди.“
Нападите врз опозицијата продолжија, овојпат преку веста дека „Спасовски и Ременски и натаму го кршат законот, а владата продолжува да ги поништува незаконските одлуки“.
Како шлаг на тортата во овој дел од вестите, беше прилогот насловен „ Заев го реинкарнираше грчкиот став за името, но и гордоста со Црвенковски“. Заев сака да го смени името, Груевски е црвст политичар и додека е тој на власт нема да дојде до промена на името. Се спинува изјавата на Заев каде тој вели дека „решение постои во делот на меѓународната употреба“. Се нагласува дека ова било грчки став за решение за името, иако е добро познато дека грчкиот став е име за севкупна употреба, односно меѓународна и внатрешна.
Тука се плука по Заев и затоа што посочил дека има респект кон поранешниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски. По ова, во продолжение на прилогот следува потсетување на „проектите на Црвенковски: ТАТ, мрачната приватизација и промената на името и знамето“.
Беа анкетирани дури и двајца аналитичари Ристо Никовски и Александар Пандов, кои со своите изјави, во јавноста важат за провладини аналитичари. Тие, во контекст на претходното во прилогот, се потсетуваа на она што направил Црвенковски за време на своето владеење.
Понатаму следеа прилози дека „ВМРО-ДПМНЕ го повика деканот Борче Давитковски да ги заштити своите професори од насилство“ и дека е „Втор ден мирно на јужната граница“.
Во блокот вести од светот, имаше вест за посетата на папата Франциск на грчкиот остров Лезбос, како и за годишниот извештај на ОМО „Илинден“ – Пирин, во кој се наведува дека зад негирањето и дискриминацијата на Македонците во Бугарија стои државната безбедност. ТВ-дневникот заврши со неколку вести од спортот.
Овој ТВ-дневник беше класичен пример на политичка пропаганда со која се фалеше власта, а се напаѓаше опозицијата. Сите прилози беа во корист на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).