„Транспарентност Македонија“: Нема напредок во медиумските слободи
Објавено во Актуелности
on 14 - 09 - 2015 Автор: AdministratorНовиот билтен на „Транспарентност Македонија“ (ТМ) за месеците јули и август се осврнува на случувањата во власта кои предизвикаа големи реакции во јавноста, известува „Плус инфо“.
Билтенот се осврнува на луксузниот живот на премиерот, непријавување на имотна состојба на функционери на власт, ребаланс на буџетот на РМ, како и проблемите на новинарите и неразмните јавни трошења.
За јули и за август ТМ вели дека за новинарите поминале без подобрувања:
„Овие месеци минаа без суштински напредок во најголемиот број истраги околу тешките кривични дела на насилство против новинари или уништување на имот во сопственост на новинари или други критичари на власта. За потсетување, од април до денес, се случија дваесетина физички напади врз новинари и неистомисленици со власта (од кои некои завршија со тешки физички повреди), а беа опожарени и десетина возила или беше уништен друг имот, како очигледен притисок врз инакумислечките од власта. Полицијата, во 90 проценти од случаите, сѐ уште, наводно, трага по извршителите, а и таму каде се подигнати обвиненија против некој од сторителите на вакви кривични дела, тоа е сторено, се добива впечаток, поради неможноста тоа да се избегне, со оглед на расположливите докази (видеоснимки, сведоци и сл.) против тие лица.“
Извор: „Плус инфо“, (14 септември 2015 година). ТМ: Луксузот на премиерот, скриениот имот и трошењата ги одбележаа јули и август