Трансформација на медиумите: За изместените вредности
Објавено во Колумни
on 10 - 08 - 2016 Автор: Александар Шољаковски
Ад хок телото за контрола на медиумите ќе биде уште една причина за политички кавги. А, тоа ќе биде така затоа што кај нас, едноставно, новинарските критериуми, оние едноставни, здрави, ноторни во светот на демократијата, се целосно измесетни
Пишува: Александар ШОЉАКОВСКИ
Претстои средување, безмалку трансформација на медиумската сфера! Така, барем, по којзнае кој пат, се договорија пржинските актери. Главно, со свест и со намера ништо да не сторат. Телото што би требало да се формира за контрола на медиумите повторно ќе биде блокирано од неможноста да се дојде до каков таков конзистентен став. (Според најавениот состав на ова ад хок тело, така и ќе биде). Тоа е и така направено – секогаш да биде или нерешено или со прегласување или со блокирање на работата! И тоа тело, демек ќе казнува! Притоа се занемарува фактот дека пребогатата партија на власт преку медиумите под своја контрола може да ја плати секоја казна, да издржи секаква забрана.
Тоа ќе биде така затоа што кај нас, едноставно, новинарските критериуми, оние едноставни, здрави, ноторни во светот на демократијата, се целосно измесетни и тоа на неколку основи.
Систематското уништување на новинарството од сите гарнитури на власта од деведесеттите години на минатиот век досега, а особено во последниве десетина година, доведе, пред сè, до целосно негативна кадровска селекција. Во новинарството влезе цел еден слој недоветни, неедуцирани, некреативни, поводливи и корумпирани новинари. И тие сега „дрмаат“ со медиумите.
Од друга страна, пак, сопствениците на медуимите се луѓе кои не можат да се пофалат со некои доблести. Професионални или етички. Зашто за нив медиумите се заложници, гаранти на нивните бизниси. Преку нив тие обезбедуваат недопирливост за своите матни и лукративни зделки. Преку медиумите тие практично ја корумпираат власта, а власта нив.
Кај новинарите нема идеја. За идеологија да не зборуваме. Тие не застапуваат никаков демократски светоглед. Само како кученца го слушаат гласот на својот господар. Не постои, мислам, идеологија на принципи, за вистина, точност, објективна проценка и оценка. Како што, впрочем, и кај политичките партии нема идеологија, а поделбата на левица и на десница е сосема изместена.
АД ХОК ТЕЛО ЗА АД ХОК НОВИНАРСТВО
И сега, тоа тело составено од партиски новинари и од еден член, демек, независен, треба да оценуваат кој како и колку објективно известува. Сè ќе се сведе на мерење минутажа без притоа да се поведе сметка за суштината, вистинитоста и за пораката на информацијата. Притоа, кој ли ќе може да ги измери оние злобни подместувања, трикови (демек новинарски), сликање со намера противникот да се покаже во лоша севтлина, поместување на информациите во термини кои не се гледаат или се најгледани и ред други валкани акробации, кои единствено се усовршија во нашите медиуми?
Поновата историја на македонското новинарство е тажна приказна за деградацијата на свеста и на доблеста на тоа информирање наречено јавно, но не е тоа. Дали од јавашлук или заради непостоење на идеја за тоа што му треба на ова општество, но се донесоа лоши, глупави закони, подложни на разни толкувања, иако во основите на конституирањето на медумските основи во почетокот на деведесеттите добро се тргна и релативната слобода во информирањето во основа се почитуваше. Но, набргу по устоличувањето на новите власти, кога се сфати моќта на медиумите, сите сакаа да имаат влијание во нив.
Ниедна гарнитура на власт не градеше стратегија за положбата и за унапредувањето на медиумите. Сè до Груевски, кој градеше обратна стратегија да ги запоседне и целосно да ги контролира. СДСМ, кој на почетокот имаше медиумска предност, се задоволи со тоа таа предност да ја наметне, но во отсуство на поздрави решенија предноста се стопи и им отстапи место на манипулаторите со медиумите.
Љубчо Георгиевски или не разбираше или не му беше гајле, со медиумите не изгради никакви релации, сметајќи дека тие не можат да му бидат партнер или да ја занишаат неговата позиција.
НЕОДРЕДЕНА, МАГЛОВИТА УЛОГА
Единствено Груевски во последниве години имаше план и тој план го реализира. Постојните медиуми едноставно ги купи со, за наши услови многу значајни средства, газдите ги поткупи и ги уцени со многу позначајни погодности за непреченото функционирање на нивните главни бизниси. Оние кои не се согласија со таквиот договор – ги затвори. Планот, замислата, досега функционираше одлично.
И сега, некое тело чија улога е мошне неодредена, магловита, ќе треба да одредува и тоа во мошне кратки термини, која телевизија е објективна, а која не е! И тоа во тело во кое новинари или медиумски експерти се луѓе делегирани од одредени партии!
И тоа треба да се случува во средина во која доблестите на јавното информирање се одамна изгубени. А, за вистината, честа, достоинството и да не зборуваме. Газдите, исто така, ја завршија работата за своите претпоставени (политичарите) и мирно јаваат држејќи ги цврсто уздите. Нивните адути се силни – тие го држат ќесето. Притоа, немам намера да ги осудувам новинарите кои заради своја гола егзистенција се помириле со состојбата. Но, тоа не ги амнестира и оние, наречи ги новинари, кои се обидоа да обезбедат за себе нешто повеќе од тој медиумски колач и станаа „идеолози“ на оваа деформирана власт, чија идеологија и стремеж е содржана во два збора – лично богатење!
Како и да е, приказната за македонската медиумска состојба уште долго ќе биде тажна приказна. Нормално, зашто таа е лошо насадена и таква никнува.
А, ад хок телото ќе биде уште една причина за политичко натегање и за караници.
Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).