verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Трајчевски: Треба желба кај сопствениците на медиумите за да се надмине говорот на омраза

on 22 - 06 - 2016       

 

zoran trajcevski-crop
Зоран Трајчевски: „Говорот на омраза доминира на интернет-медиумите и на социјалните мрежи, додека на класичните медиуми (телевизии и радија) го има во многу помала мера“

 

Најголем проблем во медиумската сфера е непочитувањето на професионалните новинарски стандарди и сè поголемата појава на стигматизација и на дискриминација по разни основи. Тоа е тренд кој не е од вчера. Тоа е процес кој оди во надолна линија веќе дваесетина години. Тоа е констатирано во стратегијата за развој на радиодифузната дејност 2013-2017. Почитувањето на професионалните стандарди во светот е предмет на саморегулација и за тоа кај нас функционира Советот за етика. Но, се покажува дека тоа не е доволно за надминување на таквата состојба во медиумската сфера, вели Трајчевски

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Од 7 октомври 2014 година, директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е д-р Зоран Трајчевски. Неговата работа постојано е мета на напади, час од провладините, час од медиумите кои критички ја опсервираат власта. За тоа, а и за други теми поврзани со неговата работа, тој одговара на прашања на „Сервис за проверка на факти во медиумите“.

 

Господиние Трајчевски, во изминатиов период сте напаѓани од сите страни. Се чини како Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги (ААВМУ) да го промени начинот на однесување и дејствување и тоа особено со изречените казни за телевизиите „Алфа“, „Канал 5“ и „Сител“. Постои ли посебна причина или увидовте дека состојбата во медиумите не е сјајна?

Трајчевски: Извештајот што го изработи Агенцијата за предвремените избори (кои не се одржаа) само ја констатира фактичката состојба во медиумската сфера. Извештаите што ги изработуваше Агенцијата, односно Советот за радиодифузија, и во изминатите изборни циклуси се идентични и со идентични констатации. Но, за разлика од порано кога извештаите се објавуваа дваесетина дена по одржување на изборите, кога веќе се знаеше победникот на изборите, сега со измените на изборниот законик, Агенцијата седмично треба да ја информира ДИК и јавноста со извештаи. Значи, во текот на самите изборни активности. И тоа, всушност, привлече многу повеќе медиумско внимание.

 

ИЗВЕШТАИТЕ СЕ ОД СТРУЧНИ СЛУЖБИ

Последните напади дојдоа од Македонска медиумска асоцијација (ММА) токму за казни изречени на „Алфа“ , „Канал 5“ и на „Сител“. Оттаму велат дека без никаков доказ и повод ги стигматизирате нивните членки. Дали е тоа точно?

Трајчевски: Извештаите изработени од Агенцијата не се извештаи на Зоран Трајчевски, како што се обиде да ги престави ММА. Тоа се извештаи на Агенцијата изработени од стручната служба и дополнително ангажирани надворешни соработници, а нивните имиња не се објавуваат јавно заради заштита на личните податоци. Инаку, зад секој наод во извештаите постои доказ – снимка. И, што е најважно, зад извештаите стопроцентно стои и Советот на Агенцијата, иако Советот ги нема усвоено извештаите, бидејќи според ЗААВМУ тоа не е нивна надлежност.

 

Дали се точни објавените наводи во медиумите дека лично претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, ви се јавил да протестира поради изречените казни за овие телевизии? Што од тоа е точно, а што не?

Трајчевски: Не се точни шпекулациите дека лично претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, ми се јавил да протестира поради изречените казни за овие телевизии.

 

Ве нападнаа и затоа што на телевизија „Нова“ го прокоментиравте однесувањето на директорот и главен и одговорен уредник на телевизија „Телма“, Атанас Кировски, односно неговото учество во „Шарената револуција“. Кој е Вашиот одговор?

Трајчевски: Јас лично сметам дека господинот Атанас Кировски ми е пријател. Само лично прокоментирав дека се чувствував разочаран, но во никој случај не ја нападнав телевизија „Телма“.

 

Во јавноста се создаде впечаток дека од човек на власта, станавте нејзин противник. Имате ли некакво разидување со луѓето кои неспорно Ве ставија на оваа функција?

Трајчевски: Не постои никакво разидување со никого. Јас, Агенцијата и Советот при своето секојдневно функционирање само ги почитуваме законите, независно дали тоа некому ќе му се допадне или не или каков впечаток ќе остави во јавноста.

 

Од друга страна, пак, во опозициската јавност има сомневања дека однесувањето на АВМУ во последно време претставува некаков договорен чин со власта за во јавноста да се покаже дека, сепак, нешто се менува во регулацијата на медиумите? Како би одговориле на ваквите наводи?

Трајчевски: Тоа се небулози кои не би сакал да ги коментирам.

 

Се чу и тоа дека се подготвува Ваша смена? Дали е тоа точно и ако е која би била причината?

Трајчевски: Постои законска процедура за моја смена. Треба да постојат прекршувања на законот за да биде почната процедура за смена. Во моментов Советот на Агенцијата не подготвува такво нешто.

 

Кои се Вашите главни забелешки за состојбата во медиумите за кои ААВМУ е надлежна, пред сè, кај телевизиите? Што сметате дека се главните проблеми и што сметате дека медиумите треба да преземат за нивно надминување?

Трајчевски: За одговор на ова прашање е потребно многу простор и време и е многу тешко да се одговори кратко и концизно. Најголем проблем во медиумската сфера е непочитувањето на професионалните новинарски стандарди и сè поголемата појава на стигматизација и на дискриминација по разни основи. Тоа е тренд кој не е од вчера. Тоа е процес кој оди во надолна линија веќе дваесетина години. Тоа е констатирано во стратегијата за развој на радиодифузната дејност 2013-2017. Почитувањето на професионалните стандарди во светот е предмет на саморегулација и за тоа кај нас функционира Советот за етика. Но, се покажува дека тоа не е доволно за надминување на таквата состојба во медиумската сфера. Потребна е доготрајна работа со новинарите од медиумите за да се надмине ваквата состојба, но и желба од страна на сопствениците на медиумите да се спроведе овој процес. Бидејќи треба да се има предвид дека медиумите не се само обични трговски друштва, туку, пред сè, медиуми кои на прво место треба и мора да им биде јавниот интерес.

 

ГОВОРОТ НА ОМРАЗА ДОМИНИРА НА ПОРТАЛИТЕ

Што мислите за нападите врз луѓе од „Протестирам“ и врз членови на невладините организации кои со име и со презиме се напаѓаат и се стигматизираат во прилозите на телевизиите?

Трајчевски: Ставот на Агенцијата е детално образложен во Извештајот на Агенцијата.

 

Господине Трајчевски, дел од јавноста смета дека ААВМУ многу рестриктивно ја толкува законската регулатива кога станува збор за сопствените надлежности во случаи на говор на омраза и дискриминациски говор на ТВ-екраните?

Трајчевски: Законите во однос на говорот на омраза се кристално јасни. Тоа е кривично дело за кое е надлежно Јавното обвинителство. Агенцијата во минатото и во иднина, секогаш кога ќе има индиции за говор на омраза, ќе го известува Јавното обвинителство за негово понатамошно постапување. Реално, говорот на омраза доминира на интернет-медиумите и на социјалните мрежи каде Агенцијата нема надлежност, додека на класичните медиуми (телевизии и радија) го има во многу помала мера.

 

Повеќе години наназад има дискрепанција во она што го покажуваат податоците од Вашите истражувања за пенетрацијата на ТВ-операторите во македонските домаќинства, каде 90 отсто од нив велат дека се претплатени на некој ТВ-оператор, додека податоците што ТВ-операторите ги доставуваат до АЕК покажуваат пенетрација помала и за 20 до 30 отсто. Во една пригода рековте дека причината за помалиот број пријавени претплатници од страна на ТВ-операторите е тоа што тие на тој начин затајуваат данок. Дали е нешто преземено на овој план?

Трајчевски: Резултатите што ги има ААВМУ се резултат на истражувања што се извршени од страна на професионални истражувачки агенции. За да се оневозможи и во иднина да имаме ваква појава, позната како „underreporting“, неопходно е да се направат законски измени со кои ќе биде дозволено само дигитално реемитување од страна на кабелските оператори. Ова е предложено од ААВМУ во стратегијата за развој на радиодифузната дејност 2013-2017 уште во декември 2012 година, а базирано е на мислење на ФЕИТ. Само на таков начин ќе се оневозможи прикривање на корисници од страна на кабелските оператори и ќе се создадат здрави конкурентски услови на пазарот.

 

Поминаа две години од воведувањето на дигитализацијата. Што мислите за тој потег од денешна перспектива? Се исплатеа ли вложените пари, што добивме и, конечно, колку државата потроши за овој проект?

Трајчевски: Дигитализацијата е еден од најуспешно спроведените проекти. Република Македонија е прва земја во нашето опкружување која ја заврши дигитализацијата на телевизиското емитување и дополнително пред две соседни земји членки на ЕУ. Сметам дека е успешен пример и денес имаме на регионално ниво околу дваесетина терестеријални телевизии и пет терестеријални телевизии на национално ниво, плус јавниот сервис. За сумите кои се вложени ААВМУ нема податоци. Одговор на тоа колку пари се потрошени за овој процес, одговор можат да дадат МРТ, ЈП МРД и „Оне“ (Вип).

 

АЕК излезе со податоци дека и мобилниот и податочниот сообраќај поскапеле со спојувањето на „Оне“, „Вип“ и на „Близу“? Какви се последиците во однос на ТВ-претплатата по ова спојување? Дали и тие трошоци за домаќинствата се зголемија? Што мислите, од гледна точка на ААВМУ, дали требаше да се дозволи ова спојување и, конечно, дали бевте консултирани за ова прашање?

Трајчевски: Ние како Агенција немаме ниту надлежност, ниту информации за последиците за висината на претплатата по спојувањето на „Оне“, „ВИП“ и на „Близу“. Надлежноста за ова прашање е целосно на АЕК. Инаку, во самиот процес на спојување, ние како Агенција не бевме консултирани.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).