Текст со двојни аршини
Објавено во Рецензии
on 3 - 02 - 2017 Автор: Владимир Мирчески[Рецензија: Иванов повторно ќе му го додели мандатот на ВМРО-ДПМНЕ?]
Продолжение на сагата „Кому Иванов да му го даде мандатот“. Во морето написи на оваа тема, конкретниот текст ни пласира една невидена хипокризија, целосно занемарувајќи ги случувањата во изминатите три седмици – бара од СДСМ да покаже дека има мнозинство во парламентот за да го добие мандатот за формирање влада. Притоа, целосно се пренебрегнува фактот дека на 9 јануари шефот на државата, на невидено, без доказ дека има поддршка од 61 пратеник, мандатот му го даде на Никола Груевски?!
Линк до оригиналниот напис: Иванов повторно ќе му го додели мандатот на ВМРО-ДПМНЕ?
Датум и време на објавување: 30.01.2017, 11:06
Датум на рецензирање: 31.01.2017
Рецензент: Владимир Мирчески
НАМЕНСКО ТОЛКУВАЊЕ НА УСТАВОТ
Во суштина, написот е медиумско манифестирање на различни аршини за иста работа. Текстот, непотпишан од никого и без да се повика на извор, вели дека СДСМ може да го добие мандатот за влада само ако претходно обезбеди парламентарно мнозинство.
„СДСМ не може да го добие мандатот за формирање на нова Влада доколку претходно не обезбеди мнозинство во Собранието. Согласно Уставот, поточно членот 90 во него, Претседателот Иванов е должен мандатот да му го даде на оној кој има мнозинство во Собранието“.
Имаме класично наменско толкување на Уставот. Во текстот се искривува тоа што го вели Уставот (иако во самиот текст јасно се цитира) и се толкува на начин што му одговара на ВМРО-ДПМНЕ . Уставот нормира дека „Претседателот е должен во рок од 10 дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието“.
А, ако одиме по логиката на написот, тогаш зошто првиот пат, пред речиси еден месец, Иванов не му го додели сега веќе вратениот мандат на ВМРО-ДПМНЕ откако партијата ќе покажеше дека има мнозинство од најмалку 61 пратеник? Како тоа сега се инсистира тој критериум да го исполни СДСМ, како втора опција за мандатар, а првата поминала без тоа? Имаше ли Груевски доказ кога го зеде мандатот? Јасно и гласно – не, што и се виде откако во предвидениот рок не формираше влада.
Поголем доказ за пристрасност, здравје.
НЕОБЈЕКТИВНОСТ
Необјективноста продолжува и понатаму со тоа што за тврдењата изнесени погоре се цитира само еден „експерт“ кој, за жал, со своите настапи манифестира безгранична поддршка за чекорите и за политиките на ВМРО-ДПМНЕ. Еве само неколку такви аргументи:
- „КАРАКАМИШЕВА: СДСМ уште долго ќе остане во опозиција“ (Телеграф.мк, 17.10.2016)
- „Каракамишева: СДСМ ги губи своите најискрени поддржувачи“ (ТВ Нова, 12.11.2016)
- „Каракамишева: СДСМ сака да ја втурне Македонија во економска неизвесност“ (Максим.мк, 15.07.2016)
И на крај, пак „анонимка“ со некакви прогнози кои повеќе наликуваат на желби и на очекувања на една партија.
„Дел од познавачите на политичките прилики не ја отфрлаат можноста дека по неуспехот на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ да се договорат и да формираат нов владин состав, напролет или наесен да се организираат нови парламентарни избори во земјава“.
Неквалитетен производ што не се срами од отуството на објективен пристап.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
делумно
делумно
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални, неофицијални, анонимни
релевантни, нерелевантни
не може да се утврди
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
нема мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови