verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Терористите се апсат на рати и со фанфари

on 15 - 07 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански
Ќелија 2 - борба против тероризмот или пропаганда. Фото: МВР скриншот
„Ќелија 2“ – борба против тероризмот или пропаганда. Фото: МВР скриншот

 

Како и во август минатата година при акцијата „Ќелија“ така и сега, при нејзиниот наводен втор дел, за голем дел од бараните лица воини на ИД, полицијата на Чавков нема точни оперативни сознанија. Оттаму и сомненијата дека за неговиот тим во МВР оваа битка има само пропаганден карактер

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Во релативно ретките вести на светските медиуми за земјава, неодамнешната акција на македонската полиција и апсењето на четири наводни припадници на ИД, си најде свој простор и во странските медиуми. Четири терористи зад решетки?! Па, тоа не им успева во еден ден ниту на белгиските антитерористички сили или на нивните колеги во Франција? Во меѓувреме, дел од нашите медиуми истурија пофалби за оваа акција. Најчесто ја нарекуваа „голема“, како, на пример, телевизија „Сител“ или „Вечер“. Во последниот прилог дури има и фактички грешки – тоа не е акција против Ал каеда, туку против ИД, како што се вели во наднасловот… Но, нејсе, кога се „слави“, дозволиво е да нè однесат емоциите кон фактичките грешки.

Но, зошто ја фалиме таа акција? По кои параметри е таа успешна?

Најпрвин, видливо е дека полицијата дала на Јавното обвинителство оперативни сознанија дека седуммина поранешни војници на ИД од земјава, шестмина од Скопје и еден во Тетово, биле на дофат и дека кон нив треба да се преземе операција на приведување пред истражните органи. На порталот „Мрежа“, кој никако не може да се идентификува кој тоа го издава, ама изгледа доста полициски, со амбиции да биде нешто поинформиран од конкуренцијата кај темите за борбата со криминалот, стои дека ОЈО ја прифатило кривичната пријава на МВР и дозволила приведување на бараните седуммина заради учество во терористичка организација (член 394, став 2 од КЗ). Полицијата заминала на седум адреси, онаму каде немало отворање на вратите, гледаме од видеоснимката што им е дадена на дел на редакциите, применети се мерките на нивно кршење и упад во живеалиштето, според прописите за борба против „прекалени терористи“, односно учесници во акции што им даваат одредено воено искуство.

 

ГОЛЕМА АКЦИЈА, МАЛА АКЦИЈА

И што се добило – се барале седум, се нашле четворица и тие се приведени! Во полициското известување потоа се вели дека еден од бараните се крие на други адреси во Скопје, додека двајца „според оперативни сознанија сè уште се наоѓаат на територија на Сирија“, како што се наведува во „Мрежа“! Па, кои информативни сознанија се точни? Оние дека бараните наводни терористи биле дома и спиеле или информациите дека отсутните сè уште се во ровови на Блискиот Исток? На каква тоа аналитика се потпираат полицајците на Чавков?!

При тоа, одново имаме сервирање на идентитетот од приведените во јавноста, преку одредени медиуми, што во борбата со тероризмот е просто незамисливо. Како да веруваме дека во такви околности наводниот учесник во војната на ИД од Арачиново не бил известен и побегнал? Да напоменеме дека имињата се објавени во спомената „Мрежа“, телевизијата „Алфа“, но и во скопски „Вечер“, додека во некои, како, на пример, на „Радио Слободна Македонија“ дадени се имињата и презимињата само со иницијал. Тоа е јасен знак дека оние кои се надвор од дофатот на полицијата со оваа акција не треба да се вратат дома, а оној кој можеби и се крие, ама и евентуално случајно не бил дома, да се припази малку. Јасно, сите нивни јатаци сега ќе почнат да се договараат околу алибито кое највеќе ќе им користи или едноставно ќе исчезнат за да не се најдат зад решетки. Дали тука има и ронка професионалност или протекувачките информации од МВР (или Обвинителството) се одново „награда“ за медиуми кои се сметаат „за свои“, без оглед на уривањето на концепцијата за праведна, ефикасна и рационална полиција. Особено важна е таква полиција ако се бориш со непријател каков што се терористите на ИД!

 

БОРБА ПРОТИВ ТЕРОРИЗМОТ ИЛИ ПРОПАГАНДА

И одново да се запрашаме – зошто оваа акција би била голема? Уште повеќе што нашето МВР очевидно е научено да прави спектакли онаму каде е потребна далеку поголема дискреција. Да се потсетиме на големата акција од август минатата година, кога се покажа дека кај Чавков некои манири се повторуваат. Тогашните апсења на припадници на Исламската држава лиши од слобода девет лица. За нив Обвинителството, според оперативни сознајнија на МВР, тврдеше дека се поддржувачи на ИД и дека за потребите на Исламска држава војувале на фронтовите во Сирија. Но, оперативните сознанија водеа кон 36 лица, а по спектаклот дури 27 од нив се водеа како недостапни за органите на прогонот!

Затоа, одредени аналитичари констатираа уште тогаш дека борбата против тероризмот заслужува поддршка, но дел од нив се сомневаат дали во Македонија навистина се води таква борба или тоа е само пропагандна алатка за потребите на власта.

Според досегашните информации, акцијата (се  мисли на „Ќелија“ од август минатата година – н.з.) изгледа како трошење на уште еден џокер за дефокусирање од политичкиот моментум во државата“, вели аналитичарот Рамадан Рамадани.

Последното апсење (или „Ќелија 2“ како што беше наречено во некои медиуми) се совпадна со посетата на високата функционерка на Белата куќа на Скопје – Викторија Нуланд, од која власта се чувствуваше особено непријатно. Оваа акција мириса дека е временски поделена токму во таа насока – одоброволување на светското јавно мнение кон непопуларната власт на Груевски, сега и создавање на слика за нејзина ефикасност во борбата против тероризмот. Како неопходна на линија Блискиот Исток – Европа.

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).