Тенденциозен настап кон Таки Фити
Објавено во Рецензии
on 18 - 03 - 2016 Автор: Љубомир Костовски[Рецензија: МАНУ призна дека бројчаникот е политичка грешка на Таки Фити]
Во време на брз развој на настани во земјава, една навидум техничка дребулија побуди навистина голем интерес. Се работи за бројчаникот на веб-страницата на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), кој неодамна беше поставен, а постојано го одбројува задолжувањето на земјава кон странство. Овој бројчаник што во секоја секунда ја прикажува промената на задолженоста по жител, бил поттикот со насловот на овој текст и со самата содржина на текстот да се обвини МАНУ дека се политизира како институција против актуелната власт. Политизацијата се врзува и за нејзиниот претседател, д-р Таки Фити.
Во релативно долгиот текст се наметнуваат неколку дилеми. Најпрвин, колку извори користи статијата за да дојде до таков заклучок? Дали го има предвид најрелевантниот извор кога е оваа тема во прашање? Има ли во текстот, почнувајќи од насловот, своевидно спинување кога се споменува оцената „политичка грешка“?
Линк до оригиналниот напис: МАНУ призна дека бројчаникот е политичка грешка на Таки Фити
Датум и време на објавување: 15.03.2016 19:24
Датум на рецензирање: 17.03.2016
Рецензент: Љубомир Костовски
ПОСТОЈАТ ЛИ ДВЕ АКАДЕМИИ?
„МАНУ призна дека бројчаникот е политичка грешка на Таки Фити. Откако на медиумите финансирани од СОРОС беше пуштена информација за „бројчаникот на МАНУ“ поставен на интернет страницата на Академијата, а кој наводно го мери јавниот долг на државата, МАНУ го отстрани мерачот и официјално соопшти- мерачот е изработен од соработник во Центарот за компјутерски науки и информатички технологии при МАНУ, кој го објавил без знаење на раководството на МАНУ и раководителот на Центарот, со што не е став на МАНУ.“
За волја на вистината, МАНУ веќе организираше тркалезна маса посветена на висина на нашиот надворешен долг и на брзината на неговото понатамошно зголемување, што се случи предминатото лето во Куќата на Уранија во Охрид. Оваа институција тогаш тоа го стори првпат, а во дебатата имаше анализи непријатни за власта – академиците од економската бранша говореа со научни факти и го бранеа јавниот интерес. Оттаму, изгледа дека е сосема во ред што на веб-страницата на МАНУ година и пол подоцна осамна и бројчаник, на кој беа прегледно дадени и тие два економски показатела – долгот во квантитативна смисла и неговиот ефект врз секој граѓанин (колку секој од нас должи во име на државата).
Насловот на рецензираниот текст е делумно коментаторски. Написот користи само два извора – и обата соопштенија – и прави од нив микс: едното е на партијата ВМРО-ДПМНЕ, а второто е на МАНУ, дадено кратко време по првото. Во меѓувреме претседателот на МАНУ, проф.д-р Таки Фити, даде изјава за неколку медиуми (види, на пример, тука), со која ја објаснува појавата на бројчаникот, неговата научна заснованост и некои други детали, меѓу кои и тоа дека бројките се исклучиво од домашно потекло – тоа се истите што Министерството за финансии ги дава на Светска банка, а оваа ги објавува. Иако се тие релеватни за целиот случај, изјавите на Фити за неколку медиуми не се ни споменуваат.
Изјавата на Фити, заради неговата позиција во Академијата, неговото име во науката и заради содржината, како и својата лесна достапност во дел од медиумите, морала да добие барем равноправен третман со соопштение од нечиј партиски штаб! Тоа што изјавата, која е дадена претпладне, а рецензираниот текст е објавен на порталот вечерта, укажува дека имало време за такво нешто, па се поставува прашањето дали имало намера да се ускрати можноста на нападнатиот да ги изложи своите ставови.
Ставот на МАНУ по однос на задолжувањето на државата кај разни кредитори е познат и мора да се респектира како институционален, па не може да се поврзува само со претседателот на Академијата. Затоа прашањето кој го закачил бројчаникот и дали тој минал низ некаков филтер е помалку битно отколку да се напомене дека она што стоеше на бројчаникот го изразува ставот на науката и нема врска со каква било политичка манџа. А вака вештачки се подигнува ѕид меѓу претседателот на МАНУ и неговите колеги, што е една тенденциозност која, несомнено, има политички белези!
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
Не се комплетни
делумно
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
релевантни
2 извори
повеќестрани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
не може да се утврди
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
сензационален
соодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
политичка дискриминација,
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
нема мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
стилски уреден
поврзан со тагови