Телевизиските заробеници на медиумско-индустрискиот комплекс на власта
Објавено во Анализи
on 24 - 03 - 2016 Автор: Vladimir Petreski
Колку се оние домаќинства кои не се претплатени на ниеден ТВ-оператор и се осудени да ги гледаат националните терестријални комерцијални телевизии блиски до власта („Сител“, „Канал 5“ и „Алфа“), како и провладиниот јавен радиодифузен сервис МРТ и по една или две регионални телевизии, чиј опстанок во бесплатниот етер е, исто така, врзан за општинските власти кои во огромен број се од владејачката партија? Никој нема точен одговор на ова прашање, но индикациите покажуваат дека ваквите телевизиски „заробени“ домаќинства воопшто не се малку. Односно, дека се во доволен број за да можат да имаат одлучувачка улога на изборите
Пишува: Владимир Петрески
Бездруго најмоќен медиум во Македонија е телевизијата. Иако и таа, исто како и весниците, губи извесен дел од својата публика за сметка на интернетот, ваквиот тренд сѐ уште нема зафатено посериозни димензии во земјава и ќе треба уште барем едно 5-10 години интернетот да им стане сериозна конкуренција на ТВ-екраните. Дури 84 отсто од граѓаните на Македонија во анкетата на „Маркетвижн“, изработена за потребите на медиумскиот регулатор, Агенцијата за аудио и аудио-видео медиумски услуги (АВМУ), велат дека најмногу и секојдневно се информираат преку ТВ-апаратите во своите домови. Во таква ситуација и во време на политичка криза во земјава, како и на засилена телевизиска пропаганда од медиумско-индустрискиот комплекс на владејачката партија, од голема важност е да се утврди до кои ТВ-канали имаат најлесен и најсеопфатен пристап граѓаните на Македонија, односно дали гледачите преку своите ТВ-екрани можат да добијат широк дијапазон на различни гледишта во достапните ТВ-канали или, пак, состојбата е поинаква и со тоа најмногу следени се ТВ-каналите блиски до власта.
Во Република Македонија има пет национални терестријални комерцијални телевизии („Сител“, „Канал 5“, „Алфа“, „Телма“ и „Алсат-М“), како и ТВ-каналите на „Македонската радио-телевизија“ (МТВ1, МТВ2 и Собранискиот канал), кои можат да се гледаат бесплатно (тнр. free-to-air), односно само со купување на дигитален ТВ-приемник и собна антена. Ова значи дека за нивно следење нема потреба од потпишување договор и плаќање претплата кај некој од операторите на јавни комуникациски мрежи за реемитување на ТВ-програма (скратено: ТВ-оператори), какви што се кабелските („Близу“, „Телекабел“ и други), DVB-T-операторот „Оне“ (кој ги нуди програмските пакети од марката „Бум ТВ“), IPTV-операторот „Македонски телеком“ (кој ги нуди пакетите од марката „Макс ТВ“) и сателитскиот оператор „Тотал ТВ“, кој нуди пакети под истоимената марка.
ПРОВЛАДИНИТЕ ТВ-КАНАЛИ – НАЈДОСТАПНИ
Сега повеќе не се ни спори дека кога станува збор за националните терестријални телевизии, „Сител“, „Канал 5“ и „Алфа“ се отворено провладини, како што е случајот и со МТВ1 (МТВ2 емитува програма главно на албански јазик и на јазиците на другите националности во земјава). За телевизија со критички став кон власта се смета „Телма“, а истото може да се каже и за програмата на „Алсат-М“.
Податоците за гледаноста, кое го врши комерцијална компанија, покажуваат дека трите владини ТВ-станици „Сител“, „Канал 5“ и „Алфа“ заедно имаат удел (share) од 50 до 55 отсто од гледаноста во најголем број од деновите, а донекаде слични податоци се добиваат и од истражувањата што ги врши АВМУ, а во кои испитаниците се прашуваат за нивните најомилени и најгледани телевизии. „Алсат-М“ има удел од околу 6 до 8 отсто, како единствена национална терестријална комерцијална телевизија која емитува програма главно на албански јазик, додека гледаноста на „Телма“ е помалку од 3 отсто со оглед на принципиелниот став на телевизијата да не емитува турски ТВ-серии и српски реални шоуа. Остатокот отпаѓа на кабелските (како новата провладина телевизија ТВ „Нова“) и на сателитските телевизии (како критичката „24 Вести“), странските ТВ-канали и на регионалните и на локалните телевизии. Ова покажува дека националните терестријални комерцијални телевизии, пред сѐ, оние кои му припаѓаат на медиумско-индустрискиот комплекс на власта, суверено владеат во етерот.
Според веќе спомнатото истражување на „Маркетвижн“, дури 96 отсто од граѓаните во Македонија велат дека многу повеќе ги преферираат националните во однос на регионалните и на локалните ТВ-канали, а причината за тоа е јасна: тие, за разлика од националните, не можат да си дозволат да набават турски серии и српски реални шоуа, кои се главни двигатели на гледаноста.
РЕГИОНАЛНИТЕ ТЕЛЕВИЗИИ ОДАТ ВО ПРЕТПЛАТА
За жал, сега може многу лесно да се случи редица регионални телевизии да престанат да се емитуваат бесплатно (free-to-air), туку да мора да преминат на емитување преку кабелските и другите комерцијални ТВ-оператори, што значи и за нивното следење да мора да се плаќа претплата. Тие имаат околу 25.000 евра трошоци секоја година ( 17.500 евра за емитување преку мултиплексот на „Оне“ и 7.500 евра за лиценцата за работа на АВМУ). Од постојните 15 регионални телевизии, кои се емитуваат бесплатно, половината во 2014 година имаа приходи помалку од 100.000 евра, што значи дека за емитување и лиценца ќе треба да издвојат барем 25 отсто од нив. А, не се малку и оние кои ќе мора да издвојат суми од 50 до 75 отсто од своите вкупни приходи за да останат во бесплатниот етер и за да не им бидат достапни само на претплатниците на ТВ-операторите и со тоа да бидат присилени да се емитуваат пред помала публика. Со ова, некои региони во земјава се доведуваат во опасност да останат само со една бесплатна регионална телевизија, додека втората би била принудена да оди на кабел. А, доколку ваквиот тренд продолжи, многу лесно може да се случи да имаме и такви региони во кои нема да има ниедна бесплатна регионална телевизија. Во ситуација кога во дури 90 отсто од општините со мнозинско македонско население на власт е ВМРО-ДПМНЕ, а позната е навиката на владејачката партија да ги кооптира медиумите кон своите интереси на разни начини, лесно можеме да претпоставиме каков ефект ќе има врз публиката тоа што единствената бесплатна регионална телевизија е под влијание на власта. Настрана фактот што и сега веќе значителен број од регионалните телевизии веќе имаат договори со општините, според кои се должни да ги следат и емитуваат активностите на општинските администрации, како и да емитуваат други, наменски, платени прилози и преноси од општинските промотивни настани. Средствата добиени од ваквите договори претставуваат значителни извори на приход и не треба преголема анализа за да се сфати дека тие регионални телевизии што имаат вакви договори, ќе бидат тие што ќе можат да си ги дозволат регулаторните и емитувачките трошоци од 25.000 евра за и понатаму да останат во бесплатниот етер. Плус, па, што лица и фирми блиски до владејачката партија на ист ден (28 мај 2013 година) купија шест регионални телевизии, кои веднаш потоа почнаа да добиваат владини реклами, кои сигурно ќе им помогнат да останат и во бесплатниот етер.
Кога станува збор, пак, за локалните телевизии, состојбата е уште полоша од гледна точка на нивното евентуално бесплатно следење. Сите 21 ваква телевизија се емитуваат исклучиво преку ТВ-операторите со претплата зашто во актуелниот систем за емитување на ТВ-програма не постои можност за бесплатно емитување на локални ТВ-станици зашто локални фреквенции за нив не се ни предвидени.
Сето ова ги мести картите во корист на бесплатните национални терестријални телевизии – и комерцијалните и ТВ-каналите на МТВ. Ако не сте претплатник на ниеден комерцијален ТВ-оператор, вие сте осудени да ги гледате овие канали и, евентуално, еден или два регионални, кои во голема мера се под влијание на владејачката партија, која, пак, е на власт речиси насекаде и која никогаш не се срамела да оствари влијание врз телевизиите на кој било начин. Како што, впрочем, многу јасно слушнавме и од лентите со прислушуваните разговори и тоа повеќепати.
ПРАШАЊЕ ОД МИЛИОН ДОЛАРИ
И сега доаѓаме до главното прашање – колкав е оној дел од населението или, поточно, колкав е оној процент од домаќинствата во Република Македонија што не се претплатени на програмските пакети на ниеден ТВ-оператор? Како што видовме, ваквите домаќинства се најранливи на пропагандата од медиумско-индустрискиот комплекс на владејачката партија со оглед на многу ограничениот број програми кои им се на располагање. Дали станува збор за значителен дел или не? Овој податок е многу важен. Ако мал или минимален процент од македонските домаќинства не се претплатени на ниеден ТВ-оператор, тогаш и не е многу важно тоа што само телевизии од владејачкиот медиумско-индустриски комплекс се бесплатни. Но, ако процентот на вакви домаќинства е повисок, макар 15-20 отсто од вкупниот број, тогаш станува збор за значајна аномалија и од културна и од општествена, но најмногу од политичка гледна точка, зашто владејачката пропаганда е најважниот лост на идните избори сега, откако прислушувањето повеќе не е во нивни раце и кога има каква-таква контрола врз трошењето на парите воопшто, а особено на оние пари наменети за социјална помош и за земјоделски субвенции. Пропагандата може во значителна мера да го помести јазичето на изборната вага во корист на актуелната власт. Не е сеедно ако само 50.000-100.000 домаќинства се секојдневно подложни само на пропагандата на „Сител“, „Канал 5“ и „Алфа“, односно на вестите од овие телевизии стиснати меѓу турска серија и српско реално шоу, во кои два-трипати неделно го гледате Д.П. Латас како упорно ја напаѓа опозицијата, нарекувајќи го нејзиниот лидер „изрод“ или во петочните вечери да го гледате Миленко Неделковски како отворено говори за замислената сексуална ориентација на опозициски функционер, како еминентни новинари ги прогласува за платеници и за предавници, а од друга страна да нема можност да се видат и да се слушнат спротивставени мислења ниту, пак, да се добие информација за фактот дека во првиот случај станува збор за говор на омраза, а во другиот за дискриминациски говор, и двата надвор од македонските закони.
Проблемот е само што никој точно не знае колкав е бројот на ваквите домаќинства. Податоците што ги објавуваат двете надлежни институции се крајно контрадикторни. Телеком-регулаторот Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) на секои три месеци ги објавува бројките за претплатниците на секој вид ТВ-оператор посебно и според нив, во земјава на крајот од вториот квартал во 2015 година (последни достапни податоци) има 374.000 претплатници на сите видови ТВ-оператори (кабелски, сателитски, DVB-T/„Оне“ и IPTV/„Македонски телеком“). Од нив, барем едно 10 отсто не се домаќинства, туку стопански субјекти и дури видови институции. Само во 185-те хотели во земјава има околу 10.000 соби и во секоја од нив има телевизор со претплата на некој ТВ-оператор. Потоа, тука се болниците, домовите за стари лица, угостителските објекти (во Македонија ги има околу 11.000) од кои многу имаат телевизори и се претплатени кај ТВ-операторите, неколку стотини обложувалници, како и компаниите од кои, исто така, не мал број имаат ТВ-претплата. Инаку, процентот од 10 отсто деловни корисници на ТВ-претплата, кој го земаме за валиден, е помал од тој на интернетот. Таму, соодносот меѓу резиденцијалните и деловните претплатници е 85 отсто со 15 отсто, додека кај ТВ-претплатата предвидуваме сооднос 90 отсто со 10 отсто. АЕК податоците за интернет-претплатниците ги дели на деловни и на резиденцијални, но вакви податоци кај ТВ-претплатата нема, туку сите претплатници се ставени на купче. Од ова следува дека околу 337.000 домаќинства во земјава се претплатени кај сите ТВ-оператори, што претставува 66,3 отсто од вкупниот број од 564.000 домаќинства според пописот од 2002 година. Инаку, станува збор за егзактни бројки, кои АЕК ги добива од сите ТВ-оператори.
ИСТРАЖУВАЊЕ СО ПРОБЛЕМИ РОЈ
Сѐ би било во ред и приказната би била завршена со ова кога другиот регулатор, оној медиумскиот, АВМУ, не би излегол со сосема други податоци, кои покажуваат нешто сосема друго. Уште во 2013 година, кога се воведуваше дигитализацијата, директорот на АМВУ, д-р Зоран Трајчевски, повеќепати рече дека само 15 отсто од граѓаните ќе требало да купат дигитални приемници за да можат бесплатно да ја следат програмата. Тоа значи дека не биле претплатени кај ниеден комерцијален ТВ-оператор. Овде е малку чудно спомнувањето на „граѓани“ зашто кога станува збор за ТВ-претплата, граѓани ниту се претплатуваат, ниту поседуваат телевизори, туку станува збор за домаќинства. Но, овој процент изгледаше многу мал со оглед на фактот што тогаш само 50 отсто од домаќинствата, според податоците на АЕК, беа претплатени кај ТВ-операторите. Дури и кога би се додале оние 37.000 социјални случаи, кои дигиталните приемници ги добија бесплатно од државата, сепак бројката на домаќинства на кои им беше потребен дигитален приемник за бесплатно следење на ТВ-програмата беше многу низок според она што го кажуваше д-р Трајчевски. Во интервјуто на само еден ден пред дигитализацијата, д-р Трајчевски изјави дека ТВ-операторите не доставуваат точни бројки до АЕК и дека кријат претплатници за да платат помалку данок, додавајќи дека тоа не го правеле големите оператори како кабелските „Близу“ или „Роби“, потоа „Дигиплус мутлимедија“ (во сопственост на телеком-операторот „Оне“) и „Македонски телеком“, туку дека станувало збор за помалите кабелски оператори во внатрешноста, кои ги има 71 на број.
Поновите податоци што ги објавува АВМУ се уште пооптимистички. Во овој случај не станува збор за податоци добиени од операторите, туку тие се обезбедени од истражување кое во јуни 2014 година за потребите на АВМУ го спроведе истражувачката агенција „М-проспект“ од Скопје. Според ова истражување, само 6,2 отсто од испитаниците изјавиле дека не се претплатени на некој од ТВ-операторите. Но, иако не се сомневаме во професионалноста на истражувањето, сепак овој процент не може да се земе за меродавен. И ако се имаат предвид податоците на АЕК, но и други податоци за покриеноста на земјата со ТВ-предаватели, приходите на домаќинствата, невработеноста и сиромаштијата, при што сите тие покажуваат дека бројката според која само едно од речиси 20 домаќинства во Македонија не би имало ТВ-претплата кај некој од операторите е крајно нереална.
- Како прво, ако прифатиме дека само 6,2 отсто од домаќинствата немаат ТВ-претплата, што претставува околу 36.000 домаќинства, испаѓа дека само и единствено социјалните случаи не се претплатени, односно само оние 37.000 домаќинства кои добија бесплатни дигитални приемници од државата заради својот статус како социјални случаи. Сите други домаќинства би требало да се претплатени некаде. Ова е невозможно.
- Потоа, истово ова истражување направено една година претходно, во 2013 година, покажало дека само 7,4 отсто од домаќинствата немаат ТВ-претплата, значи само 1,2 отсто повеќе отколку следната 2014 година. Проблемот е само што бројот на ТВ-претплатници од 2013 во 2014 година се зголеми за цели 40.000, што значи дека кога процентот за 2013 година би бил точен, во 2014 година повеќе не би требало да има ниедно домаќинство без комерцијална ТВ-претплата.
- Мултиплексот на „Оне“ покрива 94 отсто од територијата на земјата, што значи дека неколку проценти од домаќинствата не можат да ги гледаат ниту бесплатните комерцијални канали, туку само каналите на МТВ, а камоли, пак, да се претплатат на некој оператор. Потоа, во Македонија има 1.440 населени места од кои голем број се села со помалку од 100-200 куќи. Во таквите села нема кабелски оператори и на располагање стојат само „Оне“ и сателитскиот оператор „Тотал ТВ“. Има многу сомневања дека мултиплексите на „Оне“ навистина емитуваат на 94 отсто од територијата со оглед на жалбите од различни населени места во земјата, а „Тотал ТВ“, пак, има само 16.000 претплатници.
- Според податоците на АЕК, кои ги спомнува и АВМУ во своите пазарни анализи, горенаведените четири големи ТВ-оператори, за кои д-р Трајчевски вели дека не се меѓу оние кои го кријат вистинскиот број на претплатници за да затаат данок, покриваат 80 отсто од пазарот. Тоа значи дека потенцијалните затајувачи на данок се само меѓу оние 71 мали кабелски оператори, кои држат само 20 отсто од пазарот на комерцијална ТВ-претплата, односно, кои имаат пријавено околу 75.000 претплатници. Ако навистина само 6,2 отсто од домаќинствата немаат ТВ-претплата, (36.000 домаќинства), тоа значи дека овие мали кабелски оператори кријат дури 191.000 претплатници, кои не ги пријавуваат во АЕК и за кои не плаќаат данок. Тоа би значело дека не се пријавуваат секои два од три претплатници и се затајуваат огромни даночни средства, односно барем по 4 милиони евра годишно само на име на ДДВ од 18 отсто. Тешко е да се поверува дека ова е можно.
- Чудно е како АВМУ, кога ѝ одговара, ги спомнува бројките на АЕК, кои покажуваат, на пример, дека четири ТВ-оператори држат 80 отсто од пазарот, а кога истите бројки покажуваат дека само 58,5 отсто од домаќинствата се ТВ-претплатници, е, тогаш тие бројки не важат.
- Истите компании, кои нудат ТВ-претплата, нудат и интернет-претплата и, како што познато, кај најголемиот број претплатници ТВ и интернет-претплата одат заедно во пакет. Според АЕК, бројот на претплатници на фиксен интернет изнесува 359.674 (од нив 329.711 за резиденцијални корисници, а 29.963 за деловни корисници). Ова значи дека интернет-претплатата е само нешто малку пониска во споредба со ТВ-претплатата која изнесува 374.339 претплатници. Ниту досегашниот директор на АЕК, Роберт Ордановски, ниту кој било друг претставник на АЕК, или, пак, на Владата на РМ, на пример, никогаш не спомнал дека меѓу интернет-операторите има такви кои не пријавуваат корисници за да затаат данок. Ова првпат го слушаме од д-р Трајчевски.
- Многу тешко е да се поверува дека дури 90 отсто од населението во Македонија плаќа, односно може да си дозволи ТВ-претплата. Во земјава има 31 отсто сиромаштија и 25 отсто невработеност. Дури 50 проценти од невработените живеат во сиромашни семејства. 75 отсто од вработените, пак, имаат плата која изнесува само 75 проценти од просечната плата или помалку (значи 16.560 денари или помалку). Околу 45 отсто од вработените имаат плата помала од 12.000 денари. Платите во текстилната и во кожарската индустрија се под минималецот од 9.590 денари, а има и такви плати кои изнесуваат и по 7.000 денари. Потоа, не треба да се заборави дека комерцијалната ТВ-претплата се плаќа покрај претплатата за МРТ, а кога станува збор за новите комуникациски технологии, најраширени се мобилните телефони и граѓаните нив ги претпочитаат пред комерцијалната ТВ-претплата со оглед на фактот што тие се далеку пораширени. Ова значи дека во однос на приоритетите, по обврзувачката претплата за МРТ и трошоците за мобилна телефонија, комерцијалната ТВ-претплата доаѓа на трето место. Имајќи ги предвид другите трошоци за комуналии, како струја, вода и греење, кои не можат да се избегнат, за многу наши сограѓани комерцијалната ТВ-претплата е луксуз и надвор од нивните можности.
100.000 ДОМАЌИНСТВА ВО ПРОПАГАНДНА МИСЛОСТ НА ВЛАСТА?
Еве, да речеме дека навистина има такви кабелски ТВ-оператори што прикриваат претплатници за да платат помалку данок. Но, тие во никој случај не би можеле да бидат 191.000, колку што би требало да изнесуваат ако поверуваме дека само 6,2 отсто од домаќинствата немаат ТВ-претплата, а дополнителни 3,8 проценти имаат индивидуални сателитски антени, немаат телевизор или не знаат како гледаат телевизија дома. Еве, да кажеме дека се половина од нив. Ова би значело дека во Македонија покрај оние 37.000 домаќинства кои се социјални случаи и кои сигурно не се претплатени кај ниеден ТВ-оператор (зашто тогаш не би биле социјални случаи), дополнителни 90.000 домаќинства (15,6 отсто од вкупниот број) исто не се претплатени кај ниеден ТВ-оператор. И со една ваква конзервативна процена испаѓа дека 127.000 домаќинства вкупно не плаќаат ТВ-претплата. Оние домаќинства, пак, кои можат да изнесуваат од 3 до 5 проценти и живеат во зафрлени подрачја во кои нема прием од предавателите на „Оне“ (барем 6 отсто од територијата) воопшто не ги сметаме како непретплатени, иако тие можат да ги гледаат само ТВ-каналите на МРТ (значи, повторно се подложни на провладина пропаганда). Ако, пак, од бројката од 127.000 домаќинства, една третина, 42.000, им припаѓаат на националностите, кои не гласаат за македонските партии, туку за партиите на своите националности, стигнуваме до бројката од 85.000 домаќинства, кои се осудени да ги следат само националните терестријални телевизии во најголем дел блиски до власта и по една-две регионални телевизии, од кои, исто така, најголем дел се поврзани со власта како со папочна врска и заради владините реклами, и заради договорите со општините, и заради огромниот број општини во кои на власт е ВМРО-ДПМНЕ.
Што може да значи евентуалната бројка од 85.000 домаќинства на следните избори, на пример, кои македонскиот дел од власта има прилично неограничени можности да ги „пои“ со пропаганда од ден во ден како свои потенцијални гласачи, а кои имаат многу мали можности да видат и слушнат алтернативни гледишта, воопшто не треба да се елаборира.