Текстот „удира“ патриотски!
Објавено во Рецензии
on 2 - 03 - 2016 Автор: Силвана Жежова
[Рецензија: Изборите на 5-ти јуни се референдум на граѓаните за иднината на државата]
Текстот „удира“ на национална основа и претстојниот датум за избори – 5 јуни – го доведува во корелација со рефендумот за самостојност на државата, кој се случи на 8 септември 1991 година. Два настана кои, имајќи ги предвид историските и политички околности, никако не можат да се поврзат. На референдумот во 1991 година се одлучуваше за суверенитетот и за независноста на Македонија. На 5 јуни годинава, пак, граѓаните ќе гласаат за свои претставници во парламентот – (народни избраници, пратеници), предложени на кандидатски листи од политички партии, коалиции или од група избирачи. Тоа е сосема различно.
Тоа што, пак, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во своето обраќање ноќта на 23 февруари 2016 г. (откако парламентот ја повлече одлуката за (само)распуштање на Собранието заради одржување избори на 24 април), претстојните избори (5 јуни) ги нарече „референдумско гласање“, има исклучиво политичко-пропагандна функција.
„А на 5-ти јуни, ќе видат кој победува, а кој губи. Излегле или не на избори, ќе видат што е референдумско гласање за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за подобра Македонија, како политичка гарнитура која најенергично и најодговорно се бори за македонскиот народ и сите граѓани на Република Македонија, порача Груевски.“
Линк до оригиналниот наслов: Изборите на 5-ти јуни се референдум на граѓаните за иднината на државата
Датум и време на објавување: 24.02.2016, 15:58
Датум на рецензија: 01.3.2016
Рецензент: Силвана Жежова
ЗОШТО ТРЕБА ДА СЕ ПОТВРДИ СУВЕРЕНИТЕТОТ?
Овој напис ја турка истата „референдумско-патриотска“ теза и таквата манипулативна порака ја соопштува уште во првата реченица:
„Изборите на 5-ти јуни ќе бидат референдум за потврда на суверенитетот и независноста на државата кој извира од граѓаните.“
Но, притоа не е соопштено зошто на овие предвремени парламентарни избори има потреба од потврда на суверенитетот и на независноста? Не се открива ни дали, можеби, некоја од партиите што ќе учествуваат на изборите сака да го наруши тој суверенитет?!
Понатаму во текстот се искажуваат сериозни обвинување на адреса на опозицијата за „деструктивни сценарија“ и за „урнисување на дражавата“, без притоа да се понудат аргументи за овие тврдења. Во овој контекст неосновано е вмешан и меѓународниот фактор, врз кој опозицијата, наводно, се „потпира“ во донесувањето на одлуките. Сето тоа се пласира обландирано, како да се работи за некаво сенародно незадоволство од поведението на опозицијата.
„Граѓаните се револтирани поради досегашните деструктивни сценарија на СДСМ, нивната попустливост кон различните надворешни фактори, како и од фактот што нивната слаба позиција придонесе наместо на сопствените сили, тие да се потпираат на зборовите кажани од други. Македонските граѓани се револтирани и од сценаријата со кои партијата која цела деценија е во опозиција ја урнисува државата.“
Текстот што е предмет на рецензија е политички пристрасен, со интенција најголемата опозициска партија да се претстави како „уништувач“ на државата. Се спинува и во однос на улогата на меѓународната заедница, која повеќепати досега истакнала дека е олеснувач во процесот на решавање на политичката криза, а главниот збор го остава на партиите, така што нападите искажани на нејзина сметка се, во најмала рака, некоректни и недолични.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
точни наводи
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
релевантни
повеќе извори
повеќестрани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
нема лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
несоодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
политичка дискриминација,
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
солидни мултимедијални елементи
има контекстуални линкови
стилски уреден
поврзан со тагови