Текст граден како куќа без темели
Објавено во Рецензии
on 9 - 01 - 2017 Автор: Владимир Мирчески[Рецензија: Струмица нема мерна станица за загаден воздух, Заев на чист воздух на Халкидики]
Овој текст е поставен како куќа без темели. Чиниш, имаме градба почната од покривот надолу, оставена без фундаменти. Спротивно на стандардите на професијата, четивото е пишувано наопаку – удрена е теза како покрив на куќа, а откако ќе се прочита написот, се гледа дека аргументите – темелите за тврдењата, кои се обвинувања – едноставно ги нема.
Линк до оригиналниот напис: Струмица нема мерна станица за загаден воздух, Заев на чист воздух на Халкидики
Датум и време на објавување: 04.01.2017, 10:22
Датум на рецензирање: 07.01.2017
Рецензент: Владимир Мирчески
ПАРТИСКА РАВЕНКА СО ПРОМАШЕНИ (НЕ)ПОЗНАТИ
Равенката што ни се нуди е следнава:
(Струмица+загаденост) х (немање мерна станица) = виновник Зоран Заев. Тезата е незидржана и неаргументирана, како погоре спомената куќа без темели. Во ред, се тврди дека во Струмица воздухот е загаден. Прашањето е како се знае колкаво е загадувањето ако се нема мерна станица. Значи, произволна и паушална формулација која не е поткрепена со факти за степенот на евентуалното загадување. А кој вели дека има загадување – ВМРО-ДПМНЕ! Кој до скоро ја раководеше локалната власт во Струмица – Зоран Заев од СДСМ! Оттука, контрадикторноста во написот – има загадување ама без мерна станица, е чисто партиски мотивирана.
Ако се знае целта зошто е искован текстот, тогаш може да се премине на разглобување на отсуството на факти. Струмица нема мерна станица, аха, па немаат повеќето општини во Македонија. Поточно, информациите за квалитетот на амбиенталниот воздух се добиваат од 17 мерни станици распоредени во земјата кои се во надлежност на Министерството за животна средина и просторно планирање кое, пак, ги објавува на веб-страницата www.airquality.moepp.gov.mk.
Од оваа веб-страница се добиваат податоците кои потоа се објавуваат од медиумите или, пак, се преземаат од разни апликации за паметни телефони и таблети. Меѓу овие 17 мерни позиции ја нема Струмица – една од ретките општини во кои власта е во рацете на опозицијата. Сега на виделина излегува тенденциозноста пласирана во материјалот:
„Во Струмица нема мерна станица за мерење на загадувањето на водухот. Граѓаните се жалат дека се гушат, а не знаат со колкава количина загаден воздух се трујат нивните деца“.
Во текстот, кој се повикува на некаква јавност нема ниту „г“ од граѓани. Но, зошто истиот аршин за немање мерни станици не се користи еве, на пример, и за Охрид зашто според тамошните локални медиуми, ситуацијата и во овој град е загрижувачка.
„Охрид и понатаму без мерни станици, моментално квалитетот на воздух е на високо ниво“, Охрид прес, 22.11.2016
Одговорот е затоа што локалната власт е во рацете на ВМРО-ДПМНЕ. Ете и доказ за селективноста во пристапот.
Па и што убаво ни објасниле какво е лошото влијание на ПМ-честичките. А што тоа не му го кажат, на пример, и на Коце Трајановски кој веќе осум години е прв човек на Скопје, кое, пак, е еден од најзагадените градови во регионот. Ама не, Трајановски е од „подобната“ политичка опција.
И на крај, врз основа на сето кажано, особено за улогата на централната власт во позиционирањето на мерните станици, доаѓаме до главното прашање – каква врска има немањето мерна станица во Струмица со тоа каде доскорешниот нејзин прв човек ќе ја прослави Новата година? Логична нема, политичко-партиска има.
Една работа е да се забележува зошто локалната власт не се справува со загадувањето, а друга да се критикува, и тоа селективно, за нешто за што ингеренциите се на друго место.
Ама, очигледно е дека наредбата била да се п(л)ука по секоја цена и од секое можно медиумско „оружје“.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
делумно
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
и да и не
официјални, неофицијални, анонимни
не може да се утврди
повеќестрани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
не информира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
несоодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
нема мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
поврзан со тагови