Тахири: Деградирање во медиумите, како од политиката така и од самата професија
Објавено во Новинарски лекции
on 10 - 09 - 2015 Автор: Fatlume Dervishi
Во пресрет на една средба, која што ќе се одржи кон средината на септември, каде во фокус ќе биде напредокот и состојбата на албанските медиуми во Македонија, се реализира еден циклус интервјуа, како желба да се отвори дебата и да се поттикне или да се забележат предизвиците и успесите на албанските медиуми.
Ви го донесуваме интервјуто со Сефер Тахири, доктор по комуникациски науки, аналитишар на медиуми и професор на Факултетот за Комуникации во УЈИЕ.
Сефер Тахири смета дека општеството како жив организам секој ден ја доживува динамиката на промените, трансформацијата и на развојот. Во ова насока, според него, ниту медиумите не се исклучок. Нормално, со тоа дека се дел од глобализацијата, дел од „глобалното село“, кое сè повеќе станува глобално маало, повеќе гледајќи го, а помалку следејќи го ритамот на светските медиуми, Тахири вели дека медиумите во Македонија одат по патот на развојот. Дилемата е, вели тој, дали овој развој е позитивен или негативен?
Пишува: Фатлуме Дервиши
Во текот на Вашата децениска работа како новинар и сега како аналитичар на медиумите, дали сметате дека има позитивен или негативен развој на медиумите воопшто во Македонија?
Тахири: Не можеме да дадеме такви категорични оцени, но сакам да кажам дека покрај професионалните успеси, во квалитетот и во почитувањето на професионалните стандарди и етички норми, но и во количеството, од друга страна имаше и деградација, негативни, дури и уништувачки тенденции на медиумскиот систем, кои се појавија и се диригираа од политичката власт, но и од колеги новинари, кои за ситни лични интереси или поголеми комерцијални, економски и политички интереси на сопствениците, го донесоа медиумскиот систем на прагот на бездната. Има и професионална деградација, која што е направена од самите новинари. Денес цвета новинарството „копи-пејст“, кое што не го цитира медиумот што ја произведува веста, останало на хартија начелото дека за обработување на некое прашање, новинарот треба да исконсултира две или повеќе меѓусебно независни страни, има многу говор на омраза, клевети и навреди на лична основа, медиумите повеќе се занимаваат со луѓето отколку со идеите, со тоа кој го рече тоа, а не со тоа кој што рече. Ова е непрофесионално.
Кога би ги оцениле, кои медиуми, албански или македонски, успеале да се развијат?
Тахири: Мислам дека развојот е во застој. Секогаш зборувам за стандардите и за нормите, неанализирајќи ги технолошките и дизајнерските-графички аспекти на медиумите, кои се важен елемент, но повеќе се форма, отколку суштина на професијата. Секогаш сум се занимавал со анализата на содржината, а не со формата. На пример, МРТВ како „јавен“ радиодифузен сервис (продолжува да биде државен), има ново студио за вестите и за емисиите, нов графички изглед, солидни услови за работа, но професионалноста на овој медиум никогаш не била на полошо ниво и мене ми е жал за ваквата тмурна медиумска реалност. Овој период бил многу драматичен за медиумите, големи беа политичките притисоци, проследени со нелојална економска конкуренција и за мене медиумски „херои“ се тие што успеале да го зачуваат достоинството на професијата, интегритетот на новинарот и имале интелектуална храброст да бидат критички настроени и објективни кон општествените појави! Знам дека било тешко да се стои вертикално во оваа неволја и амбиент на диктатура, не некои преживеале, некои се „продале“, а некои други ја камуфлираат својата позиција на медиумската сцена. Знаеме дека многу медиуми се затворени и ако оваа власт може да се „гордее“ со резултати, тогаш може да се гордее со затворањето медиуми.
Како гледате на фактот што произлезе од анкетата на ИРИ дека се зголемува влијанието и тежината на албанските медиуми кај македонската јавност?
Тахири: Aнкетите се релативни! Не мислам дека Македонците читаат весници на албански јазик, исто како што не мислам дека повеќе ги следат албанските телевизии и радија. Но, сметам дека пробивањето на медиумските содржини кај Македонците, кои се произведуваат и емитуваат во албанските медиуми е лесно и потребно е уште време и порелаксиран меѓуетнички амбиент за јавноста да се интересира за „другиот“. Ние продолжуваме да живееме едни покрај други, а не едни со други. Медиумите не се исклучок, бидејќи и тие функционираат во истиот општествен контекст.
Во текот на Вашата кариера сте работеле во неколку медиуми. Од кој медиум сте го добиле највредното искуство во Вашата кариера?
Тахири: Сум работел во многу медиуми и секој од нив е искуство за себе. Го сметам како посебно искуство почетокот на моето професионално патешествие во дневниот весник „Факти“, во 1998 година, од првиот број на овој весник, кој згасна без никаква трага. Во тоа време немавме високо ниво на професионалност, но имавме огромна волја да донесеме нешто ново во професијата, бидејќи дотогаш не беше преземена некоја посериозна медиумска иницијатива. Во 2000 година почнав со работа во МРТВ, која беше новинарска школа, а тоа би требало да биде и денес, но не е. Самата институционална организација, програмската шема, технологијата и структурата на вработените беа посебно искуство. Го сметам за драгоцено и златно ова професионално искуство. На МРТВ сум ѝ подарил многу, најубавите години од мојот живот, но и таа ми дала многу.
Бидејќи бев новинар кој постојано имаше цел да воведува новини и да дава личен придонес за подигнување на медиумските капацитети, во 2006 година, без никаква дилема, заедно со мојата сопруга, Арта Тахири, се приклучивме на еден многу сериозен проект за мултикултурно општество и станав дел од првиот тим на ТВ „Алсат-М“, каде од 2008 година бев заменик главен и одговорен уредник и уредник на вестите. Овој период го сметам за искуство на зрелоста на професионално надградување. Сакам да напоменам, можеби повеќе за младите новинари, дека ентузијазмот беше толку голем, што многу често работевме и по 12 или повеќе часа на ден. Имаше голем ентузијазам, кој придонесе овој предизвик да го надминеме успешно. Го велам ова за да пренесам една порака, дека во новинарството може да бидат успешни не само тие што знаат да пишуваат и да истражуваат, туку и тие што ја сакаат оваа професија.
Меѓу медиумите каде сум се калел како професионалец, не можам да не ја споменам „Радио Слободна Европа“, каде паралелно со мојот ангажман во домашните медиуми, сум работел и како дописник од Македонија од 2001 година, па сè до 2011 година. Ова го сметам за мое професионално калење, бидејќи цели 10 години заедно со колегите сме работеле врз база на меѓународните професионални стандарди. Сум соработувал и со дневниот весник „Лајм“, кој денес е критички медиум и гласник на демократијата, и со списанието „Лоби“, кое на времето нудеше простор за слободниот збор.
Врз основа на Вашето искуство, кои медиуми во Македонија – печатените, телевизиите или, пак, електронските медиуми – сметате дека имаат предност во однос на гледаноста или читаноста?
Тахири: Светските трендови покажуваат дека јавноста помалку ги претпочита печатените медиуми, а повеќе тие на интернет, додека телевизијата продолжува да го чува влијанието. Друга работа е доверливоста, бидејќи не мора да значи дека медиумите што се следат, се и доверливи.
Мислам дека како последица на дигитализацијата и на развојот на новите медиуми, итно треба да се трансформираат весниците, нудејќи неинформативни, аналитички и белетристички содржини, а натпреварот сo интернет-медиумите веќе го чувствуваат и телевизиите, бидејќи јавноста сака да следи содржини во текот на 24 часа. Тоа е интернет-јавност и медиумите треба да сфатат дека се промениле на само склоностите, туку и начинот на следење на медиумите.
Тешко е на новите генерации, Вашите студенти по новинарство, да им пренесете лекции за професионално новинарство, во едно време кога сме опкружени со не мал број непрофесионални медиуми и новинари?
Тахири: Првиот ден кога стапнав на Универзитет, на Факултетот за комуникации во УЈИЕ, на студентите им реков и постојано им повторувам дека таму сум да им ги покажам и да им ги објаснам професионалните стандарди и етички норми, но истовремено покажувајќи им ја реалноста на нашите медиуми, давајќи им конкретни примери како се крши Новинарскиот кодекс. Значи, на студентите им предавам за тоа како треба да се практикува новинарството и како медиумите не практикуваат новинарство, туку преку новинарството вршат други функции како пропаганда, односи со јавноста, политичка комуникација или економски маркетинг. Новинарството не е ниту политичка пропаганда, ниту економска реклама. Со студентите сум искрен, не сакам да им објаснам какво е новинарството во Европа и во Соединетите Американски Држави, а потоа утре, кога ќе одат во некоја редакција, да се соочат со неевропски амбиент. Едноставно, методологијата на наставата е предавањето какво треба да биде идеалното новинарство и каква е состојбата кај нас. Студентите заслужуваат да ја знаат вистината, и кога таа е горка!
Како ги оценувате односите власт-медиуми во Македонија? Колку се важни овие односи за едно демократско општество?
Тахири: За жал, овие односи се неповолни за медиумите. Власта, односно политичкиот систем, продолжува да има надмоќ над медиумскиот систем. Нормално, не можеме да претендираме дека во едно општество како нашето, медиумите ќе бидат само гласноговорници на граѓаните, односно на јавноста, но барем овие односи треба да бидат коректни и природни. Власта преку владините реклами успеа да го „поткупи“ најголемиот број медиуми. Знаејќи дека во животот важи принципот тој што го плаќа оркестарот, ги нарачува и песните, одговорот е јасен. Во Македонија, еден голем дел од медиумите ги плаќа власта!
Последните извештаи за слободата на медиумите покажуваат дека од година во година медиумите во Македонија сè повеќе за наоѓаат под притисок на власта. Како гледате на овие резултати?
Тахири: Резултатите се фрапантни, разочарувачки и зборуваат за ниското ниво на слобода на медиумите. Македонија одеше со забрзан ритам, меѓутоа во спротивна насока кога е во прашање слободата на медиумите. Мислам дека веќе не треба да говориме за овие резултати, туку за наоѓање модалитети за нејзино надминување. Дали постои поголем факт што илустрира каква слобода на медиумите имаме во Македонија од тоа дека од 37. место, пред 10 години, земјава падна на 125. место во 2015 година? Значи, паднати сме речиси 100 места подолу и денеска се споредуваме со Еритреја, Того, Никарагва, Мозамбик, итн. Но, одговорност за оваа криза со слободата на медиумите имаат и самите новинари. Ние, сите, сме одговорни, а не само тие што ги полнат џебовите со парите на власта и им го перат мозокот на граѓаните.
Која треба да биде улогата на политичките субјекти за слободата на медиумите сега, кога имаат можност да одлучат за судбината на МТВ? Која би била идеалната одлука за јавниот сервис?
Тахири: Идеалниот модел би бил политиката да се откаже од влијанието врз МРТВ. Значи, политиката или политичките партии да разберат дека кога ги добиваат изборите, не ја добиваат и МРТВ. Инаку, зошто би се нарекувал јавен сервис! Во Европа овој медиумски или радиодифузен сервис се нарекува јавен, бидејќи се основа од јавноста, од неа се финансира и го брани, го промовира и го афирмира јавниот интерес. Мислам дека за да имаме јавен радиодифузен сервис, треба да се преземат неколку конкретни чекори. Треба да се направи фактичка деполитизација, а не само формално-правна, во процесот на изборот на управните органи, Програмскиот совет и извршните директори. Треба да се врати моделот според кој, структурата на Советот на МРТВ би го одразила и би ги претставила интересите на разните социјални групи. Треба да се зголеми радиодифузната такса и нејзината висина не треба да соодветствува со очекувањата на граѓаните, бидејќи само со зголемување на таксата може да се постигне финансиска независност. Треба да се унапредат професионалните капацитети, на новинарите и на уредниците, бидејќи голем дел заминале во комерцијалните телевизии и денеска се носители на програмската продукција во овие медиуми. Тоа што е суштинско и што го кажувам на крај, а истото го кажав и на почеток, а по важноста е на прво место – политиката и управните органи не треба да го кршат Законот за медиуми, бидејќи од нормативен аспект овој закон предвидува независен јавен сервис зашто во него стои дека известувањето треба да биде независно од политичките центри, власта, економските центри и од другите влијанија. Ние имаме несразмерност помеѓу нормата и реалноста, помеѓу пишаното и практиката. Дали имаме избалансирано и независно известување во програмите на МРТВ! Воопшто.
Какви се Вашите односи си колегите и со другите личности од медиумите, бидејќи како аналитичар често се соочувате со различни мислења? Колку се важни добрите односи помеѓу колегите за олеснување на работата на новинарите?
Тахири: Односите со колегите се одлични. Имам простор, дури би рекол и повеќе од потребно, за артикулација и за претставување на моите политички и неполитички идеи и ставови. Дел сум од медиумската дебата, иако таа е недоволна! Сето ова е можно благодарение на коректните и чесни односи кои сум ги градел со години со моите колеги, како известувач или уредник, и на крајот и како професор и политички аналитичар. Мислам дека треба да има солидарност помеѓу колегите и треба да се чува достоинството на новинарската професија. Во последно време и во албанските медиуми има гласови кои завиваат, етикетираат, напаѓаат на лична основа. Така не се води демократска дебата. Тоа не е новинарство, тоа е лудост.
Како гледате на антагонизмот што се појавува помеѓу медиумите, дали има спротиставувања меѓу нив?
Тахири: Би бил многу среќен и професионално би се чувствувал добро, кога наместо антагонизми за политички интереси, би имало конкуренција и да го наречеме антагонизам, но на професионална основа. Ова што се случува денес е непринципиелно, неетичко спротиставување и, на крајот на краиштата, тоа остава лоша дамка на новинарската професија. Политичарите се кријат зад медиумите и неетички етикетираат секого што не им одговара. Сепак, новинарството, било, е и ќе биде благородна и чесна професија. Тие што прават злоупотреба и девијација не се новинари!
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).