Таблоидизација: ММЕ кој прв почна?
Објавено во Новинарски лекции
on 27 - 05 - 2014 Автор: Зоран БојаровскиЕден од одговорите е во отуѓеноста од политиката, од исклученоста на граѓаните (медиумската публика) да учествува понепосредно во креирањето на политиките и во одредувањето на стратегиските прашања кои се однесуваат и произлегуваат од јавниот интерес. Поради тоа, публиката се сврте кон спортот, забавата, црната хроника, светот на славните и нивните секс скандали.
Пишува: Зоран Бојаровски
Неверојатно е како современо звучи една изјава на некогашниот претседател на САД, Томас Џеферсон, искажана во првата половина на 18 век:
„Човек што не чита ништо е пообразован од оној што чита само весници“
Оваа изјава не е само сентимент за една мудрост, туку факт кој потврдува дека e сѐ полоша содржината на новинарските продукти и дека нивниот професионален стандард опаѓа низ вековите.
Во последните неколку децении овој тренд е придружен и од развојот на технологијата, процес кој ја потврди теоријата на Маршал Маклуан за светот како „едно глобално село“. На публиката ѝ станаа достапни толку многу информации како никогаш порано. Нема сомневање дека тоа е резултат на триумфот на технологијата, но проблемот што го обработуваме во оваа лекција не е во кванитетот, туку во квалитетот на информациите кои сега се шират со светлечка брзина во сите насоки и на сите нивоа.
Друг тренд, кој оди рака под рака со претходните процеси, е сѐ поизразената деполитизација на медиумските содржини, односно узурпација на најатрактивниот медиумски простор на тривијалните и таблоидни вести, кои, и заради сѐ поголемиот број, ги потиснуваат новинарските содржини што вестите ги црпат од политиката и економијата и се водат од принципот на јавниот интерес на заедниците и поединците во тие заедници.
Тука доаѓаме до средишниот феномен, предмет на оваа лекција – таблоидизацијата на вестите и на медиумите. Според повеќемина теоретичари на медиумите, таблоидизацијата е процес на префрлање на интересот на медиумите од јавниот интерес, кој влече теми од политиката, економијата и социјалните прашања, на теми од естрадата, шоу бизнисот, стилот на однесување и навиките на познатите, на скандалите од било која природа и криминалот. Следната карактеристика на таблоидизацијата на вестите е што тие сега во центарот ги имаат луѓето од споменатите сфери, а не настаните.
Главната критика во дебатата против таблоидизацијата е, пак, дека новинарството што го поддржува овој процес е привлечено од мирисот на сензационализам и персонализација, односно од провокацијата на шокантните содржини и постапки кои многу често ја преминуваат линијата на приватноста.
Новата мантра на таблоидизацијата на медиумските содржини е: земи сѐ што е тривијално и направи го да изгледа сериозно и од интерес за публиката.
Оние, пак, кои се обидуваат да ги објаснат овие феномени без да ставаат било каков предзнак пред таквото новинарство, велат дека „таблоидизацијата постои само во главите на тесноградите песимисти“, а нивната интерпретација на овој феномен е дека, заради технологијата, се работи за „истото старо новинарство само со нови алатки“ (Philip Meyer, University of Carolina journalism professor).
Таблоидизацијата е реална – промените во формата и содржината
За да се анализира феноменот на таблоидизацијата во новинарството, секако претходно треба да се истражи општествениот контекст на модерниот журнализам. Со други зборови, како што се трансформираа општествените ситуации, така и новинарството – особено содржината на вестите – мораше да се менува за да се прилагоди на различните потреби на медиумските платформи и на публиката, која, пак, соодветно на општествените промени, ги менува своите навики. Ако се раководиме според теоријата „огледало“, односно дека медиумите ја рефлектираат стварноста, тогаш неоспорен факт е дека вестите, како нераздвоен дел од општествените промени, се менуваат и во содржината како што се менува и формата.
Телевизијата е најпроминентниот пример низ кој може да се следи шифтот во содржината и формата на вестите како новинарски продукти. Постојаниот притисок за повисок рејтинг и гледаност предизвика разликата меѓу вестите со општествен импакт и забавните вести да станува загрижувачки понезабележителна. Освен контролираните и фоскусирани политички вести во првиот дел на информативните емисии, забележлива е тенденцијата кон софт вести: информации кои се главно „озборувачки“, стории за криминалот без анализа за корените на тие феномени, новинарски содржини за катастрофи или некакви бизарни постапки. Не треба да се пренебрегне фактот дека сега се менува и редоследот: „озборувачките“ вести го заземааат централното место за сметка на вестите од јавен интерес.
Ако го имаме тоа предвид и ако изведуваме заклучоци, тргнувајќи од теоријата на Маршал Маклуан дека „медиумот е порака“, тогаш е сосема извесно дека ќе дојдеме до заклучокот оти телевизијата како формат е медиум за забава и, соодветно на тоа, ја прилагодува содржината на своите медиумски производи.
Од друга страна, теоретичарот Нил Постман вели дека „телевизијата не е медиум на забавата, туку само ја трансформираше забавата во рамка во која ги сместува сите настани. Со тоа телевизијата континуирано ја спроведува тенденцијата секоја содржина да ја врамува во забавна рамка за сеирот на нејзината публика“.
Нема голема разлика во толкувањата на Маклуан и на Постман, но ќе биде погрешно ако останеме на тоа дека таблоидизацијата на медиумите и на медиумските содржини и форми се случува само заради несопирливата природа на телевизијата да биде забавна.
И печатените, а во последната деценија и новите интернет медиуми, се свртеа нагласено кон „приказни за кои луѓето зборуваат“: „… супермоделот НН доби син“, „… Господ ги создаде Адам и Ева, а не Адам и Иван…“, „…змија си ја јаде опашката…“, „… Ирена и Роналдо се сликаа голи…“. Можностите се бескрајни.
Mea Culpa: Кој прв почна?
Постојат повеќе и различни толкувања што беше она што ги поведе медиумите кон таблоидизација. Еве некои од нив:
– Теоријата на сопственичката структура укажува на тоа дека сопствениците на медиумите се тие кон кои треба да се насочи прстот. Тие им испорачуваат наредби на новинарите кои мора да слушаат и соодветно на наредбите го менуваат „лицето“ на веста. Резултат на оваа спрега е информативни медиуми што манипулираат со информациите за да ја сетираат политичката агенда на корпорациите, односно на сопствениците на медиумите. Најголемата манипулцаија се остварува низ постапката на публиката да ѝ се сервираат стории за „секс, скандали, естрада…“, евтини стории за приватните животи кои не влијаат врз одлуките на публиката кога ќе се најде пред кутиите за гласње за време на избори.
– Теоријата на конкуренција и натпревар аргументира дека таблоидизацијата на вестите и на медиумите настана заради трката кој прв ќе ја испорача информацијата на публиката. Да не се биде прв или ексклузивен за медиумите стана ноќен кошмар и поради тоа тие ја прифатија максимата „нема да дозволиме фактите да бидат пречка за добра забавна и таблоидна сторија“. Заради таа максима денеска на листата на најчитани интернет медиуми во Македонија од првите десет места, на девет се портали со претежно „жолти“ содржини.
– Теоријата на недоверба во политиката и политичарите сугерира дека токму тие се одговорни за таблоидизацијата на медиумите и на медиумските содржини. Нискиот степен на доверба во политичарите ја сврте публиката кон други теми. Тоа е една реактивна постапка, бидејќи кога политичарите видоа дека недовербата во нив расте, со политички притисок врз сопствениците на медиумите го пренасочија вниманието на публиката од нивната некомпетентност на таблоидините содржини. Политичарите, ова пренасочување на публиката кон тривијалните содржини, го видоа како шанса за промоција и тие се сега многу поактивни во споделувањето на еден сериозен дел од својот приватен живот со публиката која тие ја гледаат единствено како електорат. Заради тоа, сега имаме многу поголема холивудизација на изборните кампањи што, секако, е дел од таблоидизацијата на медиумите.
– Теоријата на технолошките фактори оди во прилог на потрагата по корените на таблоидизацијата. Постојаниот напредок и усовршување на дигиталната технологија и едноставниот пристап до алатките на новите медиуми го направи „пакувањето“ на медиумските стории многу поедноставно и подостапно за сите – не само за новинарите. Денеска граѓанската максима „јас сум медиум“ која беше толку добронамерно и со големи очекувања пречекана како филозофија на граѓанско самоизразување и активизам, ја злоупотребија силите на тривијализацијата. Тие сили денеска доминираат со папараци војската на терен која ги полни сандачињата на медиумите со фотографии и други содржини на кои незрелата, емоционално лабилна структура на уредувачките политики им потклекнува на прва топка.
Секако, не е неопходно да се констатира дека сите овие теории не се исклучуваат една со друга, па дури, може да се каже, дека, всушност, сите заедно го претставуваат сложениот процес на таблоидизација на медиумскиот простор.
А публиката?
Едно оправдано прашање се наметнува кога ја анализирате таблоидизацијата, имајќи ги предвид споменатите теории: ако медиумските компании реагираат на потребите на публиката, тогаш логично е да се запрашаме што е тоа што ја тера публиката кон озборувањата, насилството, воајеризмот и скандалите за сметка на вестите од јавен интерес. Тоа нѐ враќа на прашањето: Кој прв почна?
Многу фактори учествуваат во обликувањето на задоволувачкиот одговор на ова прашање.
Голем број од класичните и современи медиумски теории се фокусираат на тоа што прават корисниците на медиумските услуги со медиумите. Еден од најистакнатите пристапи се истражувањата кои се однесуваат на „користењето и задоволувањето“ со медиумските содржини. Овој пристап се потпира на претпоставката дека индивидуалците во публиката имаат активна улога во процесот на комуникација и дека имаат цел кога станува збор за нивниот однос кон медиумите. Овој пристап инкорпорира во себе уште една претпоставка која вели дека потребите и мотивите на членовите на медиумската публика се задоволуваат и од алтернативните медиумски избори. Според ова толкување изборот што го прави публиката произлегува од желбата да се задоволи широк спектар на потреби кои можат да бидат набројани на овој начин:
- Набљудување (Набљудување на медиумската средина и избор на информациите кои биле вредни да станат вести.)
- Доведување во врска (апсорбирање и интерпретирање на информациите од кои потоа зависи реакцијата на тие настани.)
- Пренесување (на вредностите што ги содржат медиумските информации, нивно трансгенерациско поврзување со едукативна функционалоност во однос на информациите, вредностите и општествените норми.)
- Забава (забава за публиката без обврска за било какви други функционалони вредности.)
Теоријата на „користењето и задоволувањето“ потврди дека има силна врска помеѓу задоволувањето што публиката го бара со она што го добива реално. На пример, ако некој претпочита да гледа/чита озборувачки вести за славните личности, најверојатно тоа го прави за да ги симне од пиедесталот идолите заради афирмација на самочувствието, односно заради изострување на сликата за самиот себе си. Катастрофите се компензација за секојдневните ситни проблеми, кои психологијата „може да биде и полошо“ ги релативизира до едно подносливо ниво. Крвта и насилството се „празнење“ за бесот и фрустрациите. Се разбира, медиумите се дарежливи и многу често овие содржини ги испорачуваат во фул сервис пакети.
Тоа што теоријата на „користењето и задоволувањето“ несомнено го докажа, е дека веќе нема никакви илузии дека и медиумските компании работат според принципот на секоја профитно ориентирана компанија. Понудата се ориентира според побарувачката и новинарите се само дел од кетеринг сервисот што го нуди материјалот кој е атрактивен и лесен за голтање.
Уште едно толкување зошто е тоа така и зошто публиката се откажа или се откажува од информации од јавен интерес е она кое вели дека публиката веќе не е толку заинтересирана за политиката и од политиките од кои произлегуваат темите од јавен интерес.
Тоа е резултат на еден процес кој, освен што е докажан во политичката пракса во светот, во Република Македонија е ептен апликативен и сосема соодветен кога зборуваме за тоа кој прв почна и зошто ни се случува таблоидизација на поголем дел од медиумите и на медиусмките содржини.
Клучот е во оттуѓеноста од политиката, од исклученоста на граѓаните (медиумската публика) да учествува понепосредно во креирањето на политиките и во одредувањето на стратегиските прашања кои се однесуваат и произлегуваат од јавниот интерес.
Поради тоа, публиката се сврте кон спортот, забавата, црната хроника, светот на славните и нивните секс скандали.
Како и да е, да се гледа на општеството како на заедница на „потрошувачи“ кои голтаат медиумски пораки без да ги „варат“ и без да исклучуваат неквалитетни содржини, е да се гледаат граѓаните како суштества кои само треба да се хранат и чуваат за да бидат безгласни.
Тоа што прашањето „Кој прв почна?“ останува без категоричен одговор не значи дека публиката е пасивно тело без способност да селектира и избира. Не е толку едноставно. Публиката има различни потреби и ги задоволува на различни начини. Актуелната дебата околу феноменот на таблоидизацијата на медиумите и медиумските содржини, бездруго ќе открие уште многу други фактори кои придонесуваат оваа појава да се остварува.
Она што е најбитно во битката меѓу профитот и политичкото влијание наспроти еманципацијата и слободниот адекватен избор на публиката, е постојаната демистификација на мимикријата која тривијалните, таблоидни содржини, ги продава како информации од јавен интерес.
Таа битка, на патот кон слободата, се чини дека ќе биде континуирана и долготрајна.
***
Литература:
„Reading Tabloids – Tabloid Newspapers and Their Readers“, Sofia Johansson, 2007.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).