verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Свршеничкиот прстен поважен од политичкото портретирање

on 17 - 06 - 2020       

Фото: Илустрација

[Рецензија: ВМРО-ДПМНЕ ја предлага за пратеничка Иванка Василевска – бранителка на насилството на 27 април и на режимот на Груевски]

Написот што го рецензираме е обид да се направи портрет на претставничка на опозициска партија, која се нашла на листите со кандидати за пратеници, без притоа да се запази принципот на коректност и непристрасност.

Линк до оригиналниот напис: ВМРО-ДПМНЕ ја предлага за пратеничка Иванка Василевска – бранителка на насилството на 27 април и на режимот на Груевски

Датум и време на објавување:11.6.2020

Датум на рецензија: 15.6.2020

Рецензент: Југослава Дуковска

Членот 14 од eтичкиот Kодекс на новинарите, каде конкретно се нормира известувањето на новинарите за време на избори, гласи:

Известувањето од политичките процеси, особено од изборите, треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти.

Сепак, овој напис е сè освен непристрасно новинарско четиво. Во него станува збор за професорката Иванка Василевска, која се најде на листата кандидати од ВМРО-ДПМНЕ за Изборна Единица 3, на четвртата позиција. Иако главното обележје на партиската понуда на најголемата опозициска партија за претстојните парламентарни избори беа новите и непознати имиња на најголемиот број кандидати, Василевска не ѝ е непозната на пошироката домашна јавност.

Таа во јавноста и во медиумите беше доста експонирана како правен експерт, кој отворено ги застапуваше позициите на власта за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, а беше и претставник на претседателот на државата во Националниот совет за евроинтеграции во Собранието. За членка во ова собраниско тело Василевска беше предложена од поранешниот претседател Ѓорге Иванов во август 2017, четири месеци по организираниот напад на Собранието на 27 април 2017, за кој таа јавно се изјасни дека бил „најмирољубив насилен влез“. Од 2018 г. Василевска е членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

НАМЕСТО ПОЛИТИЧКИОТ, НА МЕГДАН ЉУБОВНИОТ ЖИВОТ

Но, написот не ги изнесува познатите факти за оваа личност со потребната професионална дистанца, туку со пристрасно коментирање кое не му доликува на објективното новинарство. Од друга страна, пак, во него недостасуваат основни факти за анализа на портретираната личност, односно, не се ни споменува во која изборна единица Василевска е кандидирана и на која позиција, податоци што многу зборуваат за нејзината позиција во самата партија и за улогата што таа ќе ја игра во овој политички циклус.

Уште при средба со насловот станува јасно дека не станува збор за објективно професионално портретирање на една личност. Првата реченица на написот коментира, односно полемизира со невидлив соговорник, кој, пак, како да ја брани или величи Василевска:

Иванка Василевска не е никакво ново лице на ВМРО-ДПМНЕ, туку старо лице на режимот на Никола Груевски.

Во рамките на описот на нејзината политичка кариера стои и непримерен коментар за нејзиниот приватен живот:

Василевска, која е во врска со еден од предводниците на протестите што кулминираа со насилството на 27 април 2017, неколку месеци подоцна беше предложена како претставник на Кабинетот на претседателот за член во Националниот совет за евроинтеграции, а од од април 2018 стана членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Коментарот за интимниот живот на Василевска е „документиран“ со илустрација на текстот на која се гледа принтскрин од нејзиниот приватен фејсбук-профил на кој се наоѓаат нејзината и фотографијата на Борис Дамовски, еден од „Тврдокорните“, односно предводниците на протестите пред Собранието во 2017 година, а под фотографиите се гледа фејсбук-ознаката на свршенички прстен и напис на англиски „свршена за Борис Дамовски“.

Зошто му е на читателот потребна информацијата од љубовниот живот на Василевска, сервирана на така несуптилен и индискретен начин? Дури и ако било проценето дека е важно да се укаже на личните ставови и политичките афилијации на кандидатката, тоа можело да биде направено на многу покоректен и, би рекле, далеку поцивилизиран начин, при што би немало груб упад во личниот живот.

БЕЗ ПРОФЕСИОНАЛНА ДИСТАНЦА

Претходно, Иванка Василевска работеше и како пропагандистка во медиумите на режимот на Груевски – имаше своја емисија на пропагандното радио „Слободна Македонија“, во кое заедно со нејзините гости се трудеа со сите сили да ја оцрнуваат опозицијата и да го одбранат режимот на Груевски. 

И во овој случај тврдењата произлегуваат од точни факти, но тие се претставени со тон на коментирање и пристрасност, без потребната професионална дистанца. Вака кажано, читателот не е ниту за ронка повеќе информиран за политичкиот бекграунд на Василевска, но затоа многу повеќе дознава за политичките ставови и преференции на новинарот и на медиумот што објавува вакво новинарско четиво.

Професионалната работа на новинарите мора да биде, пред сè, вистинита, со употреба на веродостојни информации, урамнотежена, неутрална и да го почитува човечкото достоинство. „Во ова спаѓа и чувството на морал и одговорност, како и способноста да се разберат спротивните гледишта, вклучувајќи ги и оние за коишто не известил новинарот. Без оглед на социо-политичките околности, примарната одговорност на новинарите е, пред сè, насочена кон граѓаните

се вели во Прирачникот за етичко известување во Северна Македонија, издаден годинава во пресрет на закажаните предвремени парламентаарни избори, повикувајќи се на Прирачникот за новинари за време на избори, издаден во 2015 година од страна на меѓународната воч-дог организација „Репортери без граници“, потсетувајќи дека не постои универзална повелба на правила, а етичките кодекси се слични ширум светот но дека новинарите мора да се потпираат на етичките принципи и моралните правила на коишто почива нивната професија.

Написот што е предмет на оваа рецензија, меѓутоа, се чини дека заборавил како треба да изгледа етичкото и професионално известување. Без оглед дали станува збор за предизборен период или не, моралните и етичките начела на професијата треба да се почитуваат.

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ