Светлина ли е она што обично се јавува на крајот од тунелот!?
Објавено во Анализи
on 1 - 11 - 2016 Автор: Дејан Донев
„… Во секој случај, имаше само еден тунел, мрачен и осамен: нашиот.“
– Ернесто Сабато, „Тунел“
Пишува: д-р Дејан Донев, вонреден професор по етика во новинарството и етика во медиумите
Досега во многу пригоди го нагласував општопознатиот и добро прифатен став, а кој е во линија на размислување со ставовите на поголемиот број теоретичари, но и практичари на медиумите, дека нам ни е потребен модел на размислување за отворено, слободно и демократско општество кој ја сместува државата (власта) во заднина, затоа што самиот по себе и во себе го содржи настојувањето да се разбере како апсолутно место на моќта, владеењето и на влијанието, фаворизирајќи ја притоа идејата за самоодговорно граѓанско општество. И во вакви услови, во една ваква визија (гледано од денешен аспект), аргументот, зборот, комуникацијата, медиумите и новинарите ќе ја добијат својата вистинска општествена функција и значење, но ќе бидат респектирани и како „создавачи“ на општеството и неговиот живот и темпо на развој.
Но, нашата формулација на секојдневието, сепак, се движи по многу чудна траекторија и во погрешна насока, т.е. власта ја позиционира на прво место, а медиумите, новинарите и јавниот простор во функција на истите, како нивни стенографи, но сè почесто и нивни навидум објективни, а, сепак, финансиски „зависни“ и субјективни, извршувачи на владејачките политички каприци и манипулации кои ќе прокламираат евидентен пораст во сите сфери. Оттука, објективноста е нарушена, а избалансираноста „апстрактна именка“. Се заборави на клучното во претходната теза, таа промена, свртување на медиумите кон сериозното новинарство и исцрпните постапки на истражувањето, а која е можна само доколку политиката стане периферен дел од секојдневието едновремено со реалниот пораст на животниот стандард на граѓаните (прашајте ги граѓаните во развиените демократски земји дали знаат кој им е премиер или кои се министри).
КЛУЧНИ НИКУЛЦИ НА МОЖЕН ПРОГРЕС
Во овој контекст, во согласност и со Договорот од Пржино, но и со другите меѓупартиски договори и калкулации, се постигнаа неколку клучни никулци на можен прогрес во решавањето на политичката криза. Иако медиумите „извисија“, затоа што нивните прашања и проблеми во голем дел останаа да бидат на агендата по изборите, сепак, неколку „кратки резови“ се направија колку „телото да може да функционира до следниот прием на ургентно одделение“! Од главните бајпас-резови, најмногу беа истакнати смената на уредникот на информативна програма во МТВ1, како и создавањето на ад хок телото за надзор на работата на медиумите. И клучното прашање повторно исплива: можно ли е со овие привремени решенија да се добие барем малку светло на крајот од тунелот во ова медиумско слепило и мрак и какво светло е тоа?
Ако малку подлабоко ги анализираме четирите извештаи што ги објави Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (освен последниот, петтиот, за периодот од 12 до 21 октомври, и за кој до моментов сè уште нема соопштение од Привремената комисија на веб-страницата на АВМУ), колку истите покажуваат и докажуваат дека е можна промена на курсот во известувањето кај медиумите? Односно, ако во соопштение за јавност за изборниот надзор во првите десет дена, „надзорот на медиумите во периодот од 2 до 11 септември 2016 година покажа дека изборот на темите главно беше диктиран од општествени настани кои се од интерес за граѓаните“, при што Привремената комисија за следење на медиумското претставување им укажа на медиумите да ја избегнат појавата на поистоветување на државата со партијата и ги охрабри медиумите да го задржат приближниот квантитативен и квалитативен баланс при известувањето, т.е. дека почитувањето на членот 61 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е услов за професионално вршење на работата – работите веќе се променија во второто и во третото соопштение и извештај.
АКЦЕНТ НА КАВЛИТАТИВНИОТ БАЛАНС ПРИ ИЗВЕСТУВАЊЕТО
Имено, во второто соопштение од Привремената комисија за следење на медиумското претставување за периодот од 12 до 21 септември 2016 година се вели дека „забележано е извесно подобрување, но и отстапки од пропишаното“, при што Комисијата му укажа на Јавното радиодифузно претпријатие „Македонска радиотелевизија Скопје – Македонска телевизија – Прв програмски сервис (МРТ1) да ги почитува стандардите и начелата пропишани во член 111 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и на Трговското радиодифузно друштво Телевизија „Макпетрол“ (Телма) за почитување на одредбите од член 61 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, а истата Привремена комисија предложи поведување на 3 прекршочни санкции – опомени за прекршување на член 75, став 1 и на член 75-б од Изборниот законик од страна на ТВ „Нова“ и ТВ „Сител“.
Слична слика наоѓаме и во соопштението од Привремената комисија за следење на медиумското претставување за периодот од 22 септември до 1 октомври 2016 година, каде се вели дека „медиумите во делот на известувањето направија напредок во квалитативниот баланс“, со потсетување да обрнат внимание „известувањето за редовните активности на државните органи да не биде во функција на ниту еден политички субјект, (…), како и на активностите и на албанските политички партии во Република Македонија“. Едновремено, Привремената комисија поднесе две барања за прекршочна санкција – опомена, против ТВ „Нова“ и ТВ „Алфа“ и една за почнување на постапка за порамнување кон ТВ „Сител“ поради прекршување на член 75- б од Изборниот законик.
Сосема поинаква слика се добива во четвртото соопштение од Привремената комисија за следење на медиумското претставување за периодот од 2 до 11 октомври 2016 година, во кое се наведува дека: „надзорот (…) покажа дека медиумите во делот на известувањето направија значителен напредок во квантитативниот и квалитативниот баланс. (…) Привремената комисија не даде ниту еден предлог за изрекување мерка, но им укажува на радиодифузерите, особено да стават акцент на квалитативниот баланс при известувањето. (…) Комисијата изразува задоволство што во овој извештаен период, генерално се почитува членот 75-б од Изборниот законик, односно известувањето за државните органи не е во функција на изборно медиумско претставување на ниту еден политички субјект и ги охрабрува радиодифузерите во иднина да продолжат во оваа насока“. Привремената комисија за следење на медиумското претставување за период од 2 до 11 октомври 2016 година, „достави предлози до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (…) да не биде изречена ниту една мерка против радиодифузерите“.
„ЗАТИШЈЕ ПРЕД БУРА“ ИЛИ „СОВЛАДАНО ДОСЕГАШНО ГРАДИВО“
И додека во моментов (на изготвување на оваа анализа) сè уште нема соопштение од оваа Комисија за периодот од 12 до 21 октомври, туку само поединечни извештаи за секој од 18 програмски сервиси, се отвора една многу пострашна дилема која ќе нè следи сè до денот на изборите: дали „можната светлост на крајот од тунелот“ е вистинско „затишје пред бура“ или е „совладано досегашното градиво“? Ја научија ли медиумите и медиумските работници лекцијата дека професионализмот во една професија се одредува во согласност со степенот на изразена грижа за етичките стандарди во извршувањето на професијата (новинарството е јавна дејност, во чија основна димензија доаѓа до израз јавната одговорност) или оваа состојба е само „добро темперирана музика“ пред вистинското какафонично финале кое брзо доаѓа!? Без претензии анализава да даде одговор, туку само можни интроспективни коментари во однос на ситуацијата, го поставувам прашањето: колку сме кадарни да покажеме дека нè бидува во примената на демократската идеја во практика преку отворање на слободен и чист медиумски простор и будење на јавноста?
Во заклучокот, нужно е повторно рекапитулирање на ставот дека од досегашните примери и случаи, за новинарската етика и за професионализмот во новинарството недоволно се размислува, што дава право, без оглед на патетичноста на заклучокот, да се вратиме во 1851 година и да се потсетиме на моментот кога Хенри Џарвис Рејмонд, создавачот на еден од најверодостојните весници на светот, „Њујорк тајмс“, со едноставни зборови се обрати кон своите новинари: „Дојдете до сите новости; не умилкувајте им се на луѓето; третирајте ги пристојно сите луѓе; ставете ја сета расположлива сила во својата работа; весникот не смее да биде изборен памфлет, односно алат или роб на одредена партија…“. Се работи за зборови кои се битен услов за етичност во која било практика на новинарството, во кој било дел од светот, сè до денес! Ова особено затоа што помина времето во кое новинарите националната цел ја сметаа за морално повисока од новинарската, а државата за израз на нацијата. На сила е времето во кое државата постапува неморално, што значи треба да се критикува!