Судски инцидент (зло)употребен за политичко-партиска пресметка
Објавено во Рецензии
on 15 - 02 - 2017 Автор: Владимир Мирчески[Рецензија: Насилникот на СДСМ од Основен суд заработи обвинение]
Веќе видено: судски случај искористен за политички цели. Нетрпеливост, дали лична дали професионална, меѓу двајца вработени во Основниот суд Скопје 1, која, според обвинението, кулминарала со физички закани, е злоупотребена за на целиот настан да му се даде партиски предзнак. Нормално, „минусот“ е за опозицијата, зашто, како што се тврди, насилникот бил на СДСМ!
Линк до оригиналниот напис: Насилникот на СДСМ од Основен суд заработи обвинение
Датум и време на објавување: 14.02.2017, 09:58
Датум на рецензирање: 14.02.2017
Рецензент: Владимир Мирчески
ДАЛИ НЕКОМУ НА ЧЕЛО МУ ПИШУВА ЗА КОЈА ПАРТИЈА Е?!
Зошто еден навистина непријатен инцидент на работно место веднаш се спинува во политичка приказна? Новинарска причина нема, ама партиска има. Обвинетиот за настанот веднаш се квалификува како сдсмовец.
„Насилникот на СДСМ од Основен суд заработи обвинение“
А како тоа е утврдена партиската припадност на човекот? Му пишува ли на чело? Не. Искористени се фотографии, со фамозните црвени кругови, од наведената личност на протестите во Скопје на кои учествуваа и претставници на опозицијата. Сега, прашањето е дали тоа е доволен, а и веродостоен доказ за некому медиумски веднаш да му се „залепи“ епитет дека е член на СДСМ. Апсолутно не. Тоа можеби би држело во некаков муабет пред маалска продавница, но не и во текст што прво треба да ги утврди фактите, па потоа да објави. Тоа е исто како да кажете дека 436.000 гласови дадени за опозицијата на последните избори значат дека сите тие, баш до еден, се сдсмовци.
Оттука, јасно е дека во написот станува збор за партиска пресметка што се води преку медиумски средства. Но, интересниот дел допрва следува зашто на површина излегува зошто токму овој човек вработен во скопска единица е толку интересен за ваквата опсервација.
„Истиот Стаменковски, во јавноста се обидува да глуми и жртва на мобинг. Со неоснованата пријава против екс претседателот на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски, Стаменковски практично го продолжи долготрајниот обид на СДСМ да се пресмета со Панчевски затоа што тој постапува по закон, а не по желбите на Зоран Заев и СДСМ“.
НАПАД ПРОТИВ СТАМЕНКОВСКИ Е И ОДБРАНА ЗА ПАНЧЕВСКИ
И сега се открива приказната. Човекот, кој според обвинението, е одговорен за инцидентот, всушност, имал „незавршена“ работа со Владимир Панчевски, поранешниот претседател на Основниот суд Скопје 1 – институцијата во која се водат главните и најголеми кривични предмети, вклучувајќи ги и тие што ги процесира Специјалното јавно обвинителство. Затоа, не е тешко да се собере еден плус еден и да се види дека текстот не само што е напад врз човек што се одметнал од Панчевски, туку е и своевидна одбрана на Панчевски преку употребената формулација „да се пресмета со Панчевски затоа што тој постапува по закон“.
Последново е во најмала рака тврдење-коментар и е претенциозно, имајќи ја предвид ситуацијата во судството, а и во најголемиот суд во земјава. Прво, врз основа на што се темели таквата формулација – извори, извештаи….? Второ, релевантни организации имаат перцепција дека:
„Немаше напредок во обезбедување функционална независност на судскиот систем. Продолжија известувањата за селективна правда во одредени високопрофилирани или политички чувствителни судски случаи“. (Извештај на Европската комисија за РМ, 2016)
Конечно, легитимна информација е да се објави дека инцидентот во скопска единица меѓу двајца вработени ќе има судска разврска, но без партиското етикетирање и неаргументираното бранење на експретседателот на Основниот суд Скопје 1, кој има сериозни амбиции повторно да се врати во атрактивната судска фотелја.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални, анонимни
релевантни, нерелевантни
не може да се утврди
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
несоодветна
манипулира
селективно наведен автор (извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
нема мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
поврзан со тагови